Секој човек е приказна за себе, со свое минато и искуства кои се мешавина на мудрост, болка, радост. Секој од нас си носи на плеќи товар од она што бил, она што е и една неизвесност за иднината. Не џабе велат старите “секоја планина, своја тежина”. Па ете, дури можам да кажам дека сите ние сме по една планина која крепи многу, некогаш и премногу. И секој од нас може сам, впрочем сами се раѓаме и сами умираме. Но, она што го прави нашето постоење убаво и исполнето е умешноста да си најдеме луѓе низ животот кои ќе не’ оплеменат, научат нешто ново, па и кои ќе не’ повредат за да се исчеличиме и секако, такви кои ќе бидат тука и кога ќе грее сонце, но и кога ќе ни истура дожд врз главите. Дури и ние интровертите имаме потреба од една шака блиски кои ќе ни бидат ветар во грбот и на кои ќе им бидеме потпора и столбови. Делење среќа и тага со некого е благодет и благослов, но сето тоа носи и одговорност која ја имаме кон тие кои ни се тука.
За една власт, ветар во грбот е народот. Секој кој што се поиграл со довербата на народот и ја земал здраво за готово, последиците си ги почувствувал на своја кожа. Народот знае кога да награди и кога да казни, знае кога му прелеала чашата и кога да го сврти грбот. Да се биде на чело на држава, па и на компанија подразбира грижа за сите кои овозможиле да сте горе. Проблемот настанува тогаш кога она “горе” си го сфаќате како нешто што се подразбира (ко да ви е наследство од семејството), па си дозволувате да се залежите или да не ги мрднете задниците од кожените столчиња. Ветрот во грб знае многу лесно да си го промени правецот и наместо да ве турка нанапред, да ви ја расплаче мамицата кога ќе ви задува в лице. Нејсе, мудрите знаат а неуките тоа го учат на потешкиот начин. Дури и во пишувањето нема лага и играње играчки со луѓето. Или сте свои и искрени до коска, или после првите неколку читања ќе добиете по нос од публиката. Или ќе ја вадите душата на мегдан и ќе крварите пред сите без срам, или ќе ве прогласат за “фејк”. Изборот си го правиме сами, но само доколку имаме доблест да се соочиме со последиците од се’ што сме си надробиле, па ќе си сркаме со сведнати глави. Ароганцијата и самодовербата се сосем различни работи. Па, сите барем еднаш сме се лизнале на непрепознавање каде завршува самодовербата, а каде почнува ароганцијата.
Сум ја имала таа среќа да бидам навреме застаната секогаш кога сум се заборавала која сум и до каде смеам да одам. Кога велам среќа, мислам на тоа дека сум поминала со минимални последици, сум си го спастрила егото и сум се вратила три чекори наназад за да видам каде грешам. А сум грешела и сум си го јадела изметот од сопственото его. Фала му на Универзумот што ми удирал шлаканици секогаш кога сум тргнувала по пат кој не бил за мене или кој (ако сум продолжела да го чекорам) ќе ме одвел во лоши води. Токму оние кои биле секогаш ветар во грбот, знаеле да ме застанат и да ми кажат отворено “а да не забегуваш малку?”. Имало ситуации кога не сум била спремна да ја прифатам вистината во моментот кога ми била кажана, кога сум се лутела или кога не сум разбирала каде грешам, но црвот отпосле ми работел. Знаев дека сите забелешки кои ми се сервирани од блиските не биле со цел да ме навредат или повредат, туку укажување за да не кинисам во длабокото.
Прашањето е кога и колку сме спремни да отстапиме од своето за да сослушаме? И што е уште поважно, зошто сме давале отпор да прифатиме дека некаде грешиме. Еве, дури и да не сме свесни дека правиме катастрофални чекори или одлуки, зарем не е алармантно кога оние кои не’ знаат најдобро и најмногу, реагираат. Лутењето е најлесната опција, ќе кренеме нос и ќе тераме...ама каде и до каде. Дури и мргодењето има своја граница, исто како што и самоувереноста има лимит. Од едно уво влегува, а од друго излегува важи само кога се озборувањата во прашање или мешање во вашиот живот од некои си таму непознати или неважни. Мозокот меѓу ушите е токму филтерот кој одлучува што од кажаното треба да се земе предвид, а што да оди во канализација.
Луѓето кои низ животот ќе ви бидат ветар во грбот треба да си ги чувате ко очите во главата. Тоа се тие ретки и скапоцени битија кои од вас секогаш го извлекуваат најдоброто и кои ви даваат сила за да одите напред, да бидете личности кои ќе се свои и со кои дури и вие сами ќе се гордеете. Ако ги послушате, не значи дека губите од својата автентичност, туку дека сте стекнале мудрост за да знаете оти не може секогаш да сте во право.
На повидок се нови времиња, нови луѓе. Сакам да верувам дека сите горе-долу научија како НЕ треба, за да знаат како треба. На повидок се промени кои за едни се “казна” (не во класична смисла на зборот, туку повеќе како разочарување и гнев), а за другите шанса за да покажат дека сепак поднаучиле нешто од грешките не само на опонентите, туку и од своите, претходно. Чинам дека за првпат во историјата на Македонија ќе имаме жена за Претседател. Отсекогаш сум мислела дека токму жените ќе бидат тие кои ќе донесат вистински промени и кои ќе имаат малку повеќе сенс и слух. Се надевам само дека не се обични флоскули ветувањата полни со заложби за местото на жените во општеството. Се надевам дека токму жена ќе знае со што и како кубуриме ние жените, кои се препреките со кои се соочуваме и како да се почитува ветрот во грб кој ги поставил или ќе ги постави на позиција која е моќна за да донесе суштински промени.
Ветар во грб знае да биде меч со две острици. Или ќе е доволно силен, а сепак нежен за да ви го олесни чекорот напред, или ќе стане торнадо кое ќе ве крене угоре за да ве тресне од земја и да ве распарчи. Од што зависи? Само од вас, само од нас. Оти секогаш и без исклучок ветрот-луѓето реагираат на постапките кои ги правите. Колку повеќе имате почит кон сите кои ви се потпора, толку повеќе ќе ви бидат околу вас за да ве задржат кога ќе паѓате и да ви дадат сила. Првиот миг кога ќе мислите дека можете без нив, ќе сетите оти сте погрешиле. Тешко е одењето ако ви дува во градите и ве носи наназад.
Само ум, разум и чувство дека не сте семоќни, толку треба. Оти секому од нас треба поддршка, но само ако имате изострени сетила дека имате одговорност кон поддршката која ја имате и која не ви е подарок, туку треба да си ја заслужите.
Бидете им на луѓето ветар во грбот. Бидете им надеж, верба дека можат да успеат, бидете им некогаш и совест која ќе ги потсети дека ништо не е вечно. Или ако сакате попоетски, дека се’ е минливо и менливо. Единственото нешто што останува е вашиот избор дали ќе сте луѓе за пример и луѓе достојни за почит, или само епизода во нечиј живот. А животот, животот е маратон кој треба да се истрча. Без бодрење и дисциплина, дури и сто метра се ужасно тешки за трчање.
Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Биди му ветар на чоек
Ветар во грб кој сила дава
Кој живот ќе носи
За да чекори со глава угоре
Но со нозе цврсто на земја
Кој ќе граби напред
Оти никој сам не сака
Дури и тогаш кога сам може
И кога му се чини
Оти никој не му треба
Биди му ветар на чоек
Оти секому ветар треба
Кој патот ќе му го олесни
И сметот ќе го зачисти
Та полесен е одот
Кога знае оти зад него си
И дека ќе го задржиш
Тогаш кога небото ќе се стуши
И кога дожд оловен
Како тежина врз него ќе се урне
Биди му ветар на чоек
За да знае дека тука си му
Дека не е оставен на милост и немилост
На сите премрежија и маки
Дека сепак има некој
Кој за него ќе се грижи
За да не го загуби правецот
За да не му залута душата
Оти без душа спастрена
Чоек од чоека не бива
Биди му ветар на чоек
Нежен во својата сила
Праведен и чесен
Топол за тело да не му мрзне
И доволно свеж
За да не изгори
Да не се пеплоса
Оти срцето сродност си бара
Која од зло ќе го чува
И надеж вечна ќе му дава
Биди му ветар на чоек
И дозволи ветар грб да ти чува
Оти низ животот луѓе требаат
Да ти се тука
Да си им тука
И за арно и лошо
И за раѓање и за погреб
Оти јалово е човечкото постоење
Ако рака нема кому да дадеш
Ако рака нема кој да ти даде
Биди чоек
Биди храброст
Биди утеха
Биди...
Биди ветар во нечиј грб