(РЕЦЕПТ) Највкусното посно гравче од манастирот Хиландар: Што да јадете за Велигденските пости

Денеска почнуваат Велигденските пости. Траат од Чистиот понеделник до Лазарова Сабота. На крајот од Велигденскиот пост, се надоврзува постот на Страстната седмица, така што овој пост трае вкупно 48 дена.

Велигденскиот пост кој започна денеска се вика Голем поради својата важност, но и времетраење. Тој се состои од Светата четиридесетница и Страстната седмина. 

Четиридесетницата завршува во петок, 6-та недела од постот кога доаѓа постот од Страстната седмица кој е посветен на страдањата и смртта на Исус Христос.

Постот е идеално време да се заборават пекарите, супермаркетите, готовите и спакувани (прочитајте нездрави) производи и да се свртиме кон старите домашни рецепти. Токму затоа Женски магазин, ќе ви понуди посни рецепти, кои веруваме ќе ви помогнат во деновите кога едноставно немате идеа што да зготвите. Рецептите ќе бидат посни, но тие се супер за консумирање од сите, а и од Веганите.

Денес ви предлагаме да го подготвите највкусното гравче, по рецепт од манастирот Хиландар.


Потребни намирници:

- 500 гр тетовски грав

- 2 главици кромид

- 2-3 млади кромидчиња

- 2-3 чешниња лук/може и младо лукче

- 150 гр зрели домати или домати од конзерва

- мелен црвен пипер

- сол

- магдонос


Начин на подготовка:

Ставете го гравот во вода, да одстои преку ноќ. Ставете го во тенџере да се готви, фрлете ја првата течност кога ќе зоврие водата, а потоа додадете два крупно исецкани главици кромид и варете на тивок оган. На крајот на готвењето, додадете два до три исецкани млади кромидчиња, лук и црвена мелена пиперка. Кога гравот ќе се свари и водата скоро ќе испари, ставете го излупениот и ситно исечен зрел домат во тенџерето, заедно со многу магдонос. Храната треба да се крчка уште некое време.

Бон апетит!