Сè уште ме лазат морници кога ќе се присетам на изборот за Мис: Ана Биновска-Кочева и денес е убавица со стил

Сега е помалку актуелна во јавноста, но ретко кој ја има заборавено Мис на Македонија за 1998 година, Ана Биновска, сега со уште едно презиме, Кочева.

Со манекенството и работата на телевизија активно се занимаваше во периодот од 1998 до 2009 година, но сега сосема други приоритети го исполнуваат нејзиниот живот.

- Во последниве 12 години, се фокусирав и се реализирав на други животни полиња, пред сè како сопруга, мајка на два сина, Калин (12 години) и Илин (2 години). Во 2016 година докторирав на „Економски факултет“ во Скопје, на тема од областа на менаџментот, а веќе 13 години работам во компанијата А1 Македонија“, открива Ана за себеси.


Ана ја навративме 23 години назад, кога како мнигу млада девојка ги понесе круната и лентата за најубава македонка. На овој период, таа со насмевка се сеќава:

-Тоа беше последниот избор за „Мис на Македонија“ (организиран од страна на „Екран“) кој што се одржа во хотелот „Силекс“ во Охрид. На изборот му претходеше еднонеделно заедничко дружење и патување на учесничките низ неколку градови на Македонија, во рамки на таканаречениот „Караван на убавината“. На финалната вечер настапуваа нашите популарни пејачи Владо Јаневски, Маја Гроздановска, Маја Вукичевиќ, Дуле и Коки, Искра Трпева и многу други. Настапувавме и танцувавме на песни од Рики Мартин, „Спајс грлс“, Селин Дион и сето тоа беше фантастично организирано благодарение на студиото „Ребис“ кое беше задолжено за кореографијата и танцовите точки. Никогаш нема да го заборавам моментот на прогласувањето, кога маестралниот Дарко Мијалковски, водителот на изборот, на драматичен начин, својствен само за него, го изговори моето име. Истовремено, атмосферата се исполни со аплауз, пукотници од огномет, a во позадината гласно одекнуваше нумерата “It’s the final countdown“ од групата „Europe“. Сè уште ме лазат морници кога ќе се присетам. Додека го изведував победничкото дефиле на пистата, во позадина на сцената на која настапувавме, ја видов мајка ми. Успеала да помине низ обезбедувањето и весело, со кренати раце играше и славеше. Веднаш по крунисувањето, откако мојата убава претходничка Андријана Ацоска, „Мис на Македонија“ за 1997 година, ја стави круната на мојата глава, на сцената нагрнаа останатите учеснички, моите родители и многу други познати и непознати луѓе за да ми честитаат и да се сликаат со мене. Од толпата народ буквално ме изнесе обезбедувањето ангажирано за таа цел. Изборот засекогаш ќе ми остане во убаво сеќавање, како потсетник дека никогаш не треба да се откажуваме од нашите соништа“ се де од убавите спомени на Ана.


Некогашната Мис чија убавина денес има сосема поинаква вредност, ја актуелизираше новата есенска кампања на „Фешн груп“, во која Ана со радост позираше во друштво на Светлана Црнокрак, Вера Мештеровиќ и Татјана Стојановска.

 

 
-Сите три дами исклучително многу ги почитувам, не само заради нивната неприкосновена убавина, туку и заради нивниот карактер, упорност и добрина и многу ми е мило што Fashion Group нè спои за овој интересен проект. Во однос на фотосесијата, искрено можам да кажам дека од дамна не сум почувствувала толку многу позитивна енергија на едно место. Сите членови на тимот се врвни професионалци во својата работа и со многу ентузијазам и посветеност пристапија кон овој проект. На денот на снимањето, имаше многу смеа, дружење, но и работа. Дури и откако увидовме дека имаме повеќе од доволно успешни фотографии, продолживме да снимаме, да експериментираме и да пробуваме да „уловиме“ нови интересни моменти. И како секогаш, токму тие спонтани фотографии се едни од најуспешните“, раскажа таа за фотосесијата со колешките. Ана вели дека денес, со помош на социјалните медиуми, секој може да создаде токму онаква слика за себе и за својот живот каква што сака.


-Освен филтрите, достапни ни се и многу различни козметички процедури и естетски интервенции, кои резултираат со еден нов вид на убавина, карактеристичен за новото време. И тоа е сосема нормално, секое време си има своја убавина“, вели Биновска- Кочева. Сепак, таа лично смета дека вистинската убавина и вистинските вредности никогаш не излегуваат од мода“.


Милица Џаровска

Фото: Бојан Стоилковски, приватна архива