Срѓан двапати земал породилно за да ги чува децата: „Никогаш не ми беше срам од таквата одлука“ (ФОТО)

Помалку од еден процент од татковците во Република Српска го искористиле правото на породилно отсуство, иако законот им ја дава таа можност

Меѓу тие ретки татковци е и Срѓан Рајак од Рогатица. Два пати бил на породилно отсуство, иако неговата сопруга не била вработена кога ги родила децата, пишува „Српскаинфо“.

Примерот на семејството Рајак ги уништува стереотипите и ја покажува суштината на одговорното родителство и среќното семејство. А љубовната приказна на Наташа и Срѓан ќе распаче на многумина.

Од првиот ден со децата

Саша Рајак (34), млад правник и спортист од Рогатица, за првпат отишол на породилно во 2019-та година, по раѓањето на ќерката Катја.

За тоа право се борел иако неговата сопруга, архитектката Наташа Рајак (29) не била вработена. Тој се повика на член 109 од Законот за работни односи на РС, кој ги пропишува условите под кои таткото може да користи породилно отсуство дури и кога сопругата не е вработена.

- Мојата сопруга е инвалид, има проблеми со движењето. Таа користи инвалидска количка надвор од куќата, а се движи низ куќата со помош на патерици. Затоа го искористив правото да бидам на породилно од првиот ден, по раѓањето на двете наши деца - вели Срѓан.

Со оглед на специфичната семејна ситуација, тато Срѓан сакал да им биде на услуга на своите деца, но и на сопругата за да ѝ помогне да има среќно мајчинство.

- Цело време бев со нашите деца, го следев нивниот напредок, лазење, први чекори, први зборови. Среќен сум поради тоа, бидејќи тоа може да се доживее само еднаш во животот. Кога ќе поминат тие моменти, не може да се вратат и не може да се платат или надоместат - вели таткото Срѓан.

Горд на својата сопруга

Би избрал, вели, да биде татко на породилно отсуство и да се поинакви семејните околности, сопругата да нема инвалидитет и да била вработена кога ги родила децата.

- За мене е предност што сум вработен во јавниот сектор. Работам во општинската администрација, и искрено, во такви околности полесно се остваруваат правата загарантирани со закон - признава Срѓан.

Мама Наташа дипломирала на Архитектонско-градежниот факултет во Бања Лука во март 2018-та година, а потоа се омажила. Во декември истата година, таа ја родила ќерката, Катја.

Стажирањето го завршила кога нејзината ќерка малку „потпораснала“, во текот на 2020-та и 2021-ва година. Таа го роди синот Тадиј во март 2022-та година.

Тато Срѓан неодамна го заврши второто породилно отсуство, а мама Наташа ја доби првата „вистинска“ работа. Од неодамна работи по струка, во приватна градежна фирма, а заедно со сопругот ги чуваат двете мали деца.

- За мојата сопруга треба да се сними филм, таа е исклучителна жена. По дипломирањето заминала во Бања Лука да студира, живеела во студентски дом и завршила тежок и напоренфакултет, па се омажила, родила две деца, се изборила за работа - гордо раскажува Срѓан Рајак.

Семејна помош

Тој нагласува дека сопругата никогаш не ја гледал како инвалид, туку како жена на својот живот.

- Заедно сме десет години, а веќе пет години сме во прекрасен, среќен брак. Семејството и пријателите секогаш не поддржуваа. Дури и да ми рече некој, поради инвалидитетот на Наташа, „секоја ти чест“, јас би одговорил: не знаеш што е вистинска љубов - вели Саша.

А неговата одлука да оди на породилно и да се грижи за своите бебиња ја следеа само позитивни коментари. Тој вели дека никогаш не почувствувал непријатност или срам поради тоа.

Семејството Рајак моментално има две деца и признаваат дека не им е лесно да се организираат. Срѓан се вратил на работа, Наташа почнала да работи и без поддршка од семејството и заедницата тешко врзуваат крај со крај.

- Ни помагаат и моите и родителите на Наташа, тие се секогаш таму. Јас сум кошаркарски судија, ја судам Првата лига на РС, па често сум зафатен за викендите и потоа доаѓаат бабите и дедовците на помош - вели Срѓан.

Од голема помош им е и фактот што успеале да ја запишат својата ќерка Катја во градинка и што мама Наташа може да смета на поддршката од работодавецот. Малиот Тадиј сè уште не оди во градинка, за него се грижат бабите, но кога ќе порасне ќе тргне по стапките на сестра си.

Работа од дома

Наташа вели дека е среќна што конечно може да ја работи работата која ја сака и за која се образувала.

- Среќна сум што јас и мојот сопруг можеме со поддршка на нашето пошироко семејство да ги балансираме работните обврски и семејниот живот. Особено сум му благодарна на мојот работодавец, бидејќи немам фиксно работно време, па дел од работата можам да ја работам од дома и да бидам со децата - вели Наташа Рајак.

Секако, поддршката од нејзиниот сопруг Срѓан е најважна во целиот овој потфат.

- Ние двајца сме високо образовани, работиме, живееме во семејната куќа и се бориме да имаме пристоен живот со нашите две деца. Не очекуваме авиони, камиони, тоа што го имаме е повредно од сè. Најважно ни е да ги водиме нашите деца на вистинскиот пат, тие да станат пред сè добри луѓе - вели тато Срѓан.

Патувања

Срѓан и Наташа велат дека кога биле момче и девојка често патувале. Децата штом пораснат, велат, пак ќе одат на пат. Тие минатото лето веќе ја имаа првата авантура во „полн состав“.

- Отидовме на море, четворицата, сами. Не е лесно со четиригодишно девојче и тримесечно бебе, но ни беше прекрасно – велат среќните родители.

Извор: www.blic.rs