Успеав да ја фасцинирам ќерката на еден од најпознатите угостители: Возбудливата приказна на готвачот Јован Барбун

Со готвење се занимава околу 10 години, а целата приказна започнала од моментот кога се одделил од семејниот дом и се осамосталил. Ако овој наш интересен соговорник го претставиме како готвачот Јован Мирчевски, многумина ќе речат дека не им познат. Но, ако речеме дека ќе ја раскажаме приказната на Јован Барбун (35), инстаграмџиите, и не само тие ќе знаат дека се работи за човекот познат по профилот food_blog_by_barbun, каде што секојдневно споделуваа слики и видеа од неговите гастрономски специјалитети. 

„Со оглед на тоа што живеев сам, со пријателите почесто се собиравме кај мене и тука ги покажував моите кулинарски вештини.  Во моето друштво важам за голем гурман и така ручеците и вечерите ми беа оставени на мене, секогаш добивав пофални зборови, а тоа ме мотивираше секој пат да се надминувам самиот себе“, вели Барбун за своите почетоци.  

Првпат, тој зготвил паста со доматен сос, лук, свежи ракчиња, бибер,  магдонос и маслиново масло, рецепт кој го научил на островот Иос во Грција каде што работел во летниот период. Таму често одел во неговиот омилен италијански ресторан “Basilico“, каде што каде имало одлични италијански шефови и пастите како што вели им биле совршени. 

„Гастрономијата е моја голема љубов, не можам да кажам дека сум професионалец но сакам храната да изгледа како да е приготвена во Мишелин ресторан“, вели Барбун за својата работа.

На неговиот Инстаграм профил има разни специјалитети, но на прв поглед доминираат рибните.

„На мојот Инстаграм профил има доста слики од рибни специјалитети, а тоа се должи на една од моите најголеми пасии роболов со харпун (spearfishing) каде што сам си ги ловам рибите, октоподите, школките... и после ги приготвувам на мој начин“, додава Јован.

Тој сосема се согласува со изреката дека до срцето на одредена личност се доаѓа преку стомакот.

„Така ја освоив љубовта на една прекрасна девојка, а од неодамна и моја сопруга. Ја поканив на романтична вечера кај мене. Знаев дека тоа мора да биде нешто посебно па така зготвив еден од октоподите кои сам ги имав уловено, специјалитетот беше карпачио од октопод и чаша добро вино. Верувајте ми успеа. И нормално после следуваа и други специјалитети но ете првиот специјалитет за од стомак да стигнам до срце успеа на прва. Успеав да фасцинирам ќерка на еден од најпознатите угостители  со четириесет годишна семејна традиција за традициона храна. Се работи за добро прочуените ресторани “Јавор Мрзенци Скопје“- Меана Б и “Јавор Агапи Мрзенци“ каде се служи најпознатото јагнешко печење. Откако се оженив патувам на релација Скопје- Мрзенци и сум ангажиран во нашите два семејни ресторани каде покрај традиционалната кујна пробувам да додадам дел од моите специјалитети кои како што можете да видите  ги прикажувам на мојот блог и имам одлични пофалби од следбениците и  гостите кои ги пробале, а тоа дополнително ме мотивира секогаш да бидам подобар“, е возбудливата лична приказна на Јован.  

Патувал во многу земји, обожава да ги дегустираа нивните традиционални кујни. За него, секоја е посебна на свој начин но тој би ги издвоил италијанската и грчката кујна. 

„Друга работа по која мојот Инстаграм профил стана препознатлив е мојата навлеченост и зависност на тартуфите, ќе забележите во голем дел од моите  специјалитети користам свежи тартуфи и производи направени од тартуфи“, додава Барбун за уште за него важен дел од работата која со љубов ја надградува.

Иако на Инстаграм го следат многу луѓе, досега не одржувал никакви обуки, но никогаш не му тешко да одговори на пораките кои му пристигнуваат

„Следбениците секојдневно во инбокс ми пишуваат, бараат рецепти- совети, а јас секогаш со задоволство им одговарам на нивните прашања и ги охрабрувам дека готвењето е забавно и лесно и да не се разочаруваат доколку првиот пат не им излезе  јадењето како што треба“.

За крај, Јован вели дека малку му е потребно за среќа.  

„Кога не работам три работи ме прават пресреќен. Друштвото на мојата прекрасна и бремена сопруга, хармонијата што владее меѓу нашите две семејства и морам да издвојам еден момент, а тоа е мојот омилен ручек, домашно петле во тава ориз, што го подготвува специјално за мене сестрата на мојата сопруга. Еве се се врти околу храната! Затоа драги читатели во кујната храбро експериментирајте“, порачува познатиот готвач.

Милица Џаровска