Утринско Франк кафе со Лилјана Пецова- Илиеска: Ме мотивира кога им помагаме на другите

 Денот почнува и не прашува дали можеш и сакаш да му го посветиш целото свое внимание. Исполнет со обврски, уште рано наутро, трудејќи се да не заборавиш нешто, земаш ташна, лап-топ со себе, пакетче шминки за-секој-случај, црно сако во кола, погледнуваш на саат неколку пати, па во ретровизор да го видиш детскиот сон уште на очи, и веќе си мислам „да не требаше уште нешто да земам“?! Мислам дека стануваме наутро и живееме во трета брзина уште нерасонети. Брзаме за на работа, деца во училиште, трчаш по паркинг-место и веќе те чекаат еден куп мејлови на работа. Едно гласче позади ако рече дека заборавило да ти каже дека денес е на роденден и готово, толку од испланираниот распоред. Додека да стигнеш на работа агендата сто пати е променета. 

И да, првото кафе го пијам на работа, иако често се фаќам себеси како им се воодушевувам на оние кои станале порано за да го испијат првото кафе сами со себе. Во суштина ритуалите се убава работа и го структурираат времето, но од друга страна убаво е и да се промени некој ритуал одвреме навреме, за да го наруши конформизмот или текот на настаните. Ама како и да е, нит времето чека, нит денот ќе подзастане, особено не наутро. 

Ме мотивираат емисии од типот „помагаме на Другиот“, или онаа која беше наменета за помош на семејства од социјално загрозени семејства, преку изградба на семејни домови, или идеи-проекти како што е „Лице в лице“, ме фасцинира идејата за економско осамостојување на лицата на кои им е потребна помош, итн. Така некако светот ми „звучи“ подобро место за живеење. Ме мотивира затоа што постојано се прашувам дали децата, заради кои правиме сé што правиме, не ги учиме да бидат во постојан конфликт со општеството, затоа што играта на возрасните е постојано себедокажување и борба, но од друга страна ме мотивираат луѓе кои сакаат да помогнат и така знам дека сиот труд не е залуден. 

Внатрешните мотивации се секојдневни монолози и работа на себе, додека пак надворешните мотивации се на некој начин и признание на трудот, но во никој случај не треба да бидат единствени само-регулатори на однесувањето. Во вакво време на живеење, општествената конфузност во многу сегменти, и немање јасна општествена цел, реткост е да останеш мотивиран во континуитет. Затоа тука се книгите, убава поезија, разговор со пријатели и убави фотографии. Во последно време се мотивирам и со фотографирање.   

Дневните обврски се пропишани согласно проектните активности во моментов. Следам процеси и процедури на државни институции, локална самоуправа, Собрание и Влада, мониторирање на активна транспарентност и отчетност, како и исполнување на препораки за добро владеење. Тука го гледам и својот придонес, согласно и претходнот работно искуство, но најмногу кога работата дозволува и самостојно иницирање на дискусии по однос на важни прашања од темите: приватност, технологија, добро владеење и медиуми. Особено ме интересираат стратешките процеси и планови во повеќе сектори, оти на тој начин некако човек може да разбере – каде плови овој брод. 

На крајот од денот, какви и да се обврските или мотивациите, сфаќаш дека секој ден е посебен и трае премногу кратко за сé она што сакаш да го направиш. 

Денот го чекам да заврши кога имам премногу обврски, инаку некогаш знае „да почне“ доцна навечер, кога сум дома со семејството, а завршува многу, многу доцна. Се трудам да го одвојам денот структурирано на два дела, па често велам дека кога се враќам од работа всушност ми почнува нов ден, нема вечер. Не разликувам „утро“ и „вечер“. Долг ден кој е поделен на два дела. И ноќ за спиење. Толку. Денот секогаш ми завршува со навраќање кон нештата или ситуациите со цел „научени лекции“ и сé почесто не се согласувам со премисата „Утре е нов ден“. Не, напротив, утре не е нов ден, утре е истиот ден како и денес, само за една нијанса ти си подобар/поразличен во денот. И мислам дека само така може да се постигне и личен и професионален развој. 

Зависи од расположението. Годинава доста патував, па во едно подолго патување со авион,  ми се случи да изгледам цел филм без некој да те прекине: „Обликот на водата“ - вистинско доживување. Не би можела истото да го кажам и за книга, за која ми треба и посебно време и расположение за да ја читам. Имам неколку книги започнати и тоа од различни тематики: едната е за приватност во дигиталната ера и бизнисите за дигитален маркетинг, другата е за службите за следење и администрацијата на Трамп и третата е „21 лекција за 21-ви век“, бестселер на годината. Убава (светска) литература имаше годинава и убавина од книжевни дискурси. Уште не сме ги дочитале овие, а веќе доаѓа Новата година. 

* Лилјана Пецова- Илиеска, магистер по филолошки науки и проектен координатор