„Oвој период ми е посебен, секогаш сум го сакал Велигден“: Александар Белов за работата како радио водител, семејството и празниците

Добивај вести на Viber

Македонскиот пејач Александар Белов веќе неколку години живее и работи во соседна Србија. Има свој бенд со кој настапува скоро секој викенд насекаде низ Србија, а веќе две години работи и како радио водител.

Повеќе од две години, заедно со сопругата Јелена ужива и во родителството и воспитувањето на ќерката Мина.

Со Белов зборуваме за неговите професионални планови, колку му недостига родната земја, и како ќе ги помине празниците.


ЖМ: Александар, ти благодариме што прифативте интервју за нашиот Женски магазин. Кажете ни за почеток како сте, што има ново кај вас?

-За почеток сакам да ви се заблагодарам на прашањето, одлично сум, и драго ми е вака пред празнично имаме можност онлајн да разговараме, го следам вашиот портал и верувам дека ќе им бидеме интересни на вашите читатели.

ЖМ: Во брак сте со Јелена. Колку години сте заедно, што работи вашата сопруга, која е нејзината професија?

-Јас и Јелена се знаеме многу долго, во брак сме пет години, а ако ја сметаме и нашата врска тоа се веќе единаесет години како сме заедно. Таа е дипломиран економист, но  нејзината професија моментално е онаа најубавата - а тоа е мајка. Моментално е максимално посветена на нашата ќерка.Тоа е наша заедничка одлука и сигурни сме дека е исправна.

ЖМ: Како го негувате бракот, што најчесто правите заедно, колку сакате да патувате, колку време поминувате во природа? Работиш и на радио, имаш настапи редовно како успевате да се организирате?

-Со оглед на тоа дека долг период бевме на релација Скопје – Крагуевац  и обратно, патувањата надвор од градот фамилијарно се поретки, но затоа времето поминато во природа буквално е секојдневно. Крагуевац е познат по паркот Шумарице, тука се и езерата и морам да бидам искрен и да кажам дека буквално ова е еден град каде што има доста опции каде да го потрошите вашето слободно време здраво а и корисно. Бракот се негува со слога, љубов, разбирање и доверба, и со тоа да сме еден на друг огромна поддршка. Кај нас не постојат машки и женски обврски, некако тоа се реализира со добра организација. Можеби тоа е одговорот на прашањето како го издржуваш ова темпо.

ЖМ: Од каде идејата да работиш на радио? Добро, знаеме дека во Македонија беше и Тв водител и Радио водител, но како таму? Друго говорно подрачје како се снајде, дали ти беше тешко?

-Да бидам искрен, а тоа сум секогаш, кога ја добив понудата да бидам дел од екипата на Браво ФМ, можам да кажам со сигурност најслушаното радио овде, не ми беше сеедно. Прво одговорност, друго јазичната бариера, нивните падежи, сепак сум Македонец и никогаш не сум учел српски јазик, но некако успеав да се навикнам. Се сеќавам на првиот работен ден и на првата најава која ја пишував цела ноќ, а сега после две години се е тоа нормално. А кога нешто заблокирам јас ќе запеам и сѐ ми е простено. Впрочем знаат овде дека сум Македонец и драго ми е што добивам до ден денес позитивни критики, некако им е симпатично тоа мое ч.


ЖМ: Плод на вашата љубов е малата Мина. Како е таа, колку години наполни? Со кој повеќе е поврзана дали со мама Јелена или пак со тебе. Што ја прави среќна Мина, а што нејзините родители?

-Мина има 2 години и 4 месеци, сега е во таа фаза кога е се поинтересна, сака се да дознае, љубопитна е, но се на се добро дете е. Се трудиме максимално да и се посветиме, да не стане зависна од технологијата која е неизбежна, да биде се умерено. И засега успеваме во тоа. Го запознава светот постепено и се трудиме да го живее своето детство како треба, да се дружи со своето друштво, со нејзините другари и другарки, што помалку време да поминува пред телефон и Тв. Искрено мислам дека една е мајка и мајката е незаменлива, и по мене логично е детето да треба да биде поврзано повеќе со мајката. Со оглед на тоа дека јас работам две работи секое слободно време го поминувам со неа и тоа е тоа што мене ме прави да бидам најсреќен. А неа ја прави најсреќна кога имам слободен ден и кога ќе и кажам дека цел ден сме заедно. Денес живееме во едно брзо време кое не ни остава многу простор да поминуваме со нашите деца, но тоа е нешто кое нема цена затоа и максимално го користам секој момент да бидам заедно со нив.

ЖМ: Дали и колку често настапуваш. Имаш свој бенд, Каде најчесто настапувате и колку често доаѓаш во Скопје и Македонија?

- Натапувам скоро секој викенд, а овде викенд е и во работен ден. Поголем пазар, многу опции и некако овде а особено после пандемијата луѓето се желни за музика. Бендот постои скоро 4 години, а настапуваме насекаде во Србија. Патувањето и ноќниот живот не е лесен тоа го знаат сите што се занимаваат со оваа работа, но љубовта кон својата професија е главниот мотор, и е таа која ти дава енергија да се издржиш. Во Македонија ретко доаѓам да бидам искрен, што ми е посебно криво но обврските на радио секојдневно (работам од понеделник до сабота) настапите за викенд не ми дозволуваат да најдам луфта да побегнам на некој ден, реално за два дена што би рекол нашиот народ, не се исплаќа. Можеби наскоро ќе дојдам и во Македонија на некој настап никогаш ништо не се знае.


ЖМ: Ти фали ли родниот град, со оглед на тоа дека живееш во Србија?

- Би било лага ако кажам дека не ми недостига ни Неготино, ни Демир Капија, каде што пораснав, па ни Скопје каде што живеев десет години...Ми недостигаат луѓето, фамилијата, пријателите, но ете благодарение на технологијата може и онлајн да се пие кафе и да се помуабети. Не е сѐ така црно.

ЖМ: Дали комуницираш со некој од нашата естрада, сега си и радио водител дали ги поддржуваш, дали се наоѓаат на вашата плеј листа... а како музичар, дали размислуваш да снимиш наскоро нешто?

-Социјалните мрежи се добра конекција, следам се што се случува, како радио водител секогаш се трудам да ги испочитувам нашите изведувачи. Со Каролина и Калиопи имав телефонско вклучување каде ги промовираа нивните песни, ги пуштам и Елена, Тамара и Лозано, од младите Антониа е одлична, а Тоше е и понатаму неизоставен дел од нашата плеј листа и некако сум горд на сите од нив. А јас...е тоа е прашање на кое моментално немам одговор. Сакам и имам веќе нешто кое седи и го чека моментот и се надевам дека до крајот на годината ќе биде реализирано.


ЖМ: Како ќе ги поминете Велигденските празници, каде и какво значење имаат за вас?

- Празничните денови нормално ќе ги поминам со моите најблиски, овој период ми е посебен, оваа година се поклопи од 1-ви до 7 мај се да е поврзано, па некако почнува да владее позитивната атмосфера. Секогаш сум го сакал Велигден, на ден пред Велигден секогаш настапувам па и оваа година ќе биде работно, додека работното време на радио е скратено што во превод значи дека е време за еден мал одмор со моите најблиски. Мина е сега малку поголема од минатата година па фарбањето јајца мислам дека ќе и биде нешто ново на кое ќе биде среќна, а и ние со неа.


ЖМ: Кое е вашето животно мото, што ве мотивира во животот и ви дава сила да продолжите напред во тешки мигови?

- Немам некое посебно животно мото, благодарен сум на Бога што ми дал талент да работам две работи кои ме исполнуваат, што ми дал семејство кое ме прави среќен и во превод ништо не би менувал.


Ирена Ставрова