Со нашиот проект „Заедно во инклузивна заедница“ заслужуваме титула регионален победник на „Рамката за помош“ за 2024 на НЛБ Групацијата: Александар Стојановски - Здружение Во Мојот Свет
НЛБ Банка како дел од регионална Групација која оперира на 6 различни пазари во рамки на регионот на Југоисточна Европа (Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија), веќе четврта година по ред го реализира проектот „Рамка за помош“, станува збор за иницијатива која има за цел да ги помогне и промовира иновативините проекти кои го подобруваат и збогатуваат нашето општество и решаваат предизвици како што се на пример: прекумерна употреба на дигитални технологии кај младите луѓе, врсничко насилство, кршење на човековите права, родова еднаквост, сиромаштија, како и предизвици поврзани со деменција и други болести на стареењето на населението.
„Веруваме дека нашиот проект заслужува титула регионален победник на Рамката за помош за 2024 година поради неговиот значаен допринос кон социјалната интеграција и развојот на лица со аутистичен спектар на нарушувања и атипичен развој. Проектот не само што нуди комплексен и интегриран пристап кон поддршка и образование за оваа популација, туку и има потенцијал да го трансформира општеството во поглед на инклузија и поддршка на различни способности- вели Александар Стојановски од Здружението „Во мојот свет“ , кое е еден од финалистите во проектот „Рамка за помош“ на НЛБ Групацијата.
Целта на проектот е да се подобри социјалната интеграција и да се развијат социјалните вештини кај адолесценти и млади со аутистичен спектар на нарушувања (АСН), преку воведување на различни активности и мерки за поддршка. Главната намена е да се создаде инклузивна заедница каде што сите индивидуи, вклучувајќи ги и оние со АСН, имаат можност за успешно вклучување и учество.
Како што велат од Здружението со разнообразните активности како веб страницата за учење на социјални вештини, програмата за менторство со врсници, обуки за вработување и работилници за вклучување во заедницата, нивниот проект создава плодно тло за напредок и интеграција. Преку овие активности, учесниците добиваат можности за развој на вештини, градење на социјални врски и остварување на економска самостојност.
*Како за почеток ве молиме раскажете ни накратко колку време постои и со што се занимава вашето Здружение „Во мојот свет“.
-Здружението "Во мојот свет" е непрофитабилна и хуманитарна организација со 13 години искуство во поддршка и третман на лица со аутистичен спектар на нарушувања и атипичен развој. Под раководство на здружението, успешно функционираат три Центри за сензорна терапија за деца со аутизам и атипичен развој. Во подготовка е четвртиот Центар за рана интервенција и Првиот Центар за адолесценти и млади со аутистичен спектар и атипичен развој во Северна Македонија.
Главната мисија на здружението е да помогне и да ги поддржи лица со аутистичен спектар на нарушување и нивните семејства во добивање на најсовремени терапии, третмани, дијагностика и инклузија, како и во остварување на нивните права во сите сфери на општественото живеење.
Центрите за сензорна терапија имаат значајна улога во подобрување на квалитетот на живот на децата со аутистичен спектар на нарушувања и атипичен развој, каде што се нудат најсовремени третмани и се работи со најсовремени техники и алатки за работа.
Преку својата работа и ангажман, здружението "Во мојот свет" има значаен допринос во формирањето на инклузивна заедница каде сите лица, вклучувајќи ги и лицата со аутистичен спектар на нарушувања, имаат можност за целосно вклучување и развој.
* Како се справувате со предизвиците во вашите идеи и цели, имајќи предвид дека сте здружение кое се занимава со поддршка и третман на лица со аутистичен спектар и атипичен развој ?
- Предизвиците со кои се соочуваме се големи, но токму фактот што работиме со лица со аутистичен спектар и атипичен развој, ни дава сила секој ден, одново да пробуваме со нови и креативни идеи да ги надминуваме овие предизвици.
Еден од најголемите предизвици е континуираното обезбедување на најсовремени третмани и услуги за децата со развојни нарушувања. За да го надминеме овој предизвик постојано работиме на усовршување на услугите и применување на најновите научни истражувања и технолошки иновации во областа на аутизмот и развојните нарушувања.
Друг предизвик е осигурувањето на финансиска стабилност за континуираното функционирање на нашите програми и услуги. За да го надминеме овој предизвик, активно соработуваме со финансиски институции, донатори, и ги презентираме нашата работа и идеи на различни финансиски форуми и конференции. Освен тоа, континуирано аплицираме за грантови и поддршка од различни програми и проекти со цел да ги финансираме нашите активности.
Главен предизвик за нашето здружение и за секој наш член поединечно е подигнувањето на свеста и разбирањето во општеството за потребите и можностите на лицата со аутистичен спектар и атипичен развој. За да го надминеме овој предизвик редовно организираме кампањи за подигање на свеста, образовни работилници и учествуваме на различни настани каде што се промовира инклузивноста и поддршката кон лицата со аутистичен спектар и атипичен развој.
Преку нашата ангажираност како здружение "Во мојот свет" успешно ги надминуваме овие предизвици и продолжуваме да работиме за подобрување на квалитетот на живеење на лицата со аутистичен спектар и атипичен развој.
* Ќе можете ли да ја споделите со нас моменталната состојба во нашата земја во однос на бројот на регистрирани лица со аутистичен спектар и атипичен развој. Дали тој се се зголемува од година во година? Колку смејствата кои се соочени со овој предизвик имаат поддршка од средината?
- Во Република Северна Македонија не постои регистар и не можеме да зборуваме за точен број на лица со аутистичен спектар и атипичен развој. Следејќи ја статистиката, во Америка аутизмот се забележува кај 1 на 36 родени деца. Моменталната состојба во нашата земја во однос на бројот на лица со аутистичен спектар и атипичен развој покажува зголемување од година во година. Следствено, се зголемува и бројот на млади и возрасни со аутистичен спектар и атипичен развој. Ова доведува до зголемен интерес и свест во општеството за потребите на овие лица и нивните семејства.
Сепак, и покрај ова зголемување, семејствата често се соочуваат со предизвици во добивањето на поддршка од средината и квалитетна и пристапна поддршка од државните институции. Некои од предизвиците вклучуваат достапност на услуги како образование, медицинска помош, терапии, и социјални услуги кои се потребни за подобрување на квалитетот на живеење на овие лица и нивните семејства.
Токму затоа нашето здружение продолжува да работи активно за подигнување на свеста и за поддршка на семејствата на лицата со аутистичен спектар и атипичен развој. Нашата цел е да ги подобриме условите за сите лица со аутизам и други развојни нарушувања и да ги обезбедиме со сите потребни ресурси и поддршка кои им се потребни за успешен развој и вклучување во заедницата.
* Вашето Здружение „Во мојот свет“ е меѓу избраните финалисти на овогодинешниот проект „Рамка за помош“ на НЛБ Групацијата. Раскажете ни повеќе за проектот со кој аплициравте?
- Визијата на НЛБ Банка отсликана во проектот “Рамка за помош“ е искрена и благородна и со тоа не инспирираше да учествуваме со проект на регионалниот конкурс. И ние, како и НЛБ Групацијата, веруваме дека единствено заедно можеме да се справиме со клучните предизвици со кои се соочуваме во општеството. Секој треба да соработува и активно да придонесе за решенија. Со овој наратив ние како здружение работиме, вклучувајќи ги во процесите сите актери во општеството, од државни институции, бизнис сектор, поединци... И ние, како и НЛБ Банка, сакаме заедно да изградиме подобро општество за сите луѓе.
Проектот со кој учествуваме на овој конкурс има назив: "Заедно во инклузивна заедница". Тоа е проект за социјална интеграција на адолесценти и млади со аутистичен спектар и атипичен развој.
Целта на проектот е да се подобри социјалната интеграција и да се развијат социјалните вештини кај адолесценти и млади со аутистичен спектар на нарушувања (АСН), преку воведување на различни активности и мерки за поддршка. Главната намена е да се создаде инклузивна заедница каде што сите индивидуи, вклучувајќи ги и оние со АСН, имаат можност за успешно вклучување и учество.
Со овој проект ќе се опфатат активности за адолесценти и млади со аутистичен спектар и атипичен развој, меѓу кои:
- Организирање на работилници за вклучување во заедницата, обука за вработување, програми за уметност и креативност, програми за обука за практични вештини како што се буџетирање, готвење и грижа за себе, работилници и групи за поддршка за семејствата на лицата со АСН и други активности.
- Воспоставување на програма за менторство со врсници.
- Креирање и развивање на веб портал за учење на социјални вештини.
- Промовирање на проектот и неговите активности за подигање на свеста во заедницата.
- Освестување и образование на заинтересираните страни за потребите и предизвиците на лицата со АСН и атипичен развој.
Конкретните резултати од нашиот проект вклучуваат:
- Зголемена социјална интеграција
- Подобрени шанси за вработување
- Постигната економска независност
- Подобрена свест и поддршка во заедницата
Постигнувањето на овие резултати е неопходно за младите со аутистичен спектар и атипичен развој за нивниот понатамошен живот и според тоа се основата на визијата на нашето решение за инклузивна заедница каде сите индивидуи, независно од нивните способности, имаат можност за социјална интеграција, економска независност и поддршка од нивната заедница.
* Кои се вашите очекувања како финалисти и како планирате да принесете за унапредување и наоѓање на решенија кои ќе влијаат директно врз подобрување на животот на лица со аутистичен спектар и атипичен развој?
- Веруваме дека нашиот проект заслужува титула регионален победник на Рамката за помош за 2024 година поради неговиот значаен допринос кон социјалната интеграција и развојот на лица со аутистичен спектар на нарушувања и атипичен развој. Проектот не само што нуди комплексен и интегриран пристап кон поддршка и образование за оваа популација, туку и има потенцијал да го трансформира општеството во поглед на инклузија и поддршка на различни способности.
Со разнообразните активности како веб страницата за учење на социјални вештини, програмата за менторство со врсници, обуки за вработување и работилници за вклучување во заедницата, нашиот проект создава плодно тло за напредок и интеграција. Преку овие активности, учесниците добиваат можности за развој на вештини, градење на социјални врски и остварување на економска самостојност.
Освен тоа, нашиот проект има потенцијал да инспирира други заедници и организации во регионот да ги применуваат слични пристапи кон инклузија и поддршка. Преку споделување на нашето искуство и модели на успешност, можеме да стапнеме напред заедно кон поинклузивни заедници и општества. Оваа визија и потенцијал за промена и влијание ја прават нашата апликација важна и достојна за титулата регионален победник на Рамката за помош за 2024 година.
* Каква е свесноста и подготвеноста на образовните институции кај нас во однос на ова прашање? Ќе може ли да направиме паралела во однос на останатите земји во регионот и нивните национални стратегии за справување со овој предизвик? Колку Македонија заостанува или предничи по ова прашање?
- Образовните институции во нашата земја покажуваат голема свесност за значењето на поддршката и третманот на лица со аутистичен спектар и атипичен развој. Но, иако има напредок со законските промени и постоењето на ресурсни центри за поддршка во училиштата, имплементацијата на инклузивни стратегии и програми сè уште е голем предизвик. Современите национални стратегии се фокусираат на подобрување на образовниот систем и создавање на подобри услови за вклучување и поддршка на овие лица, но сепак, има потреба од подобрување и приспособување на образовниот систем кон нивните потреби.
Соработката меѓу земјите во регионот има значаен удел во подобрувањето на стратегиите и програмите за поддршка на лица со аутистичен спектар и атипичен развој. Ваквите искуства и размена на добри практики овозможуваат на образовните институции да применуваат нови идеи и модели на работа, што допринесува кон подобрување на квалитетот на услугите.
Сепак, важно е да се земе предвид дека секоја земја има свои специфични предизвици и потреби во ова област, па затоа и пристапот кон справување со овој предизвик може да варира. Невладиниот сектор во сите овие држави е спремен за соработка и прифаќање на нови идеи и модели на работа, што допринесува кон заеднички усовршувања и развој на образовниот систем во целиот регион.
*И.С.