Утринско кафе со Александар Билбилов: Првиот час во денот е најважен

Секој ден, денот ми започнува во 05:55, секогаш пред изгрејсонце. Тогаш правам време за себе кое го поминувам во читање, кафе и сонце. Тоа време ми дава фокус и предност денот да го започнам во добар ред и пред сите други. Потенцијалот на денот многу подобро ќе го искористиш доколку настапиш фокусиран и решителен. Таа предност ме прави спремен да се соочам со тоа што го носи денот, а денот не носи секогаш тоа што ние го очекуваме, но јас сум ок со тоа.

Покрај тоа што утринското кафе по будењето е почеток на мојата дневна рутина, кофеинот во кафето е корисен во регулацијата на хормоните и расположението, посебно рано наутро. Кофеинот иницира производство на енергија која ти треба до појадокот со предизвикување на глицемична реакција со хормонот глукагон. Кафето е една од ретките работи кои кога ги консумираме, ефектот можеме да го користиме за неколку минути и затоа во 06 часот, мојот избор е еспресо и од таму почнувам сѐ. Кафето во комбинација на светлото од утринското оонце нѝ го синхронизира деноноќниот ритам и го започнува производството на сите хормони кои нѝ се потребни наутро за да бидеме спремни за сите работи кои физички и ментално следат.

Базата на кафето за мене секогаш мора да биде еспресо со околу 12гр кафе. Секое утро кафето го мелам пред да го припремам, a опремата за кафе веднаш ја чистам. Дозата на еспресото може да варира во зависност од расположението од 1:2 до 1:4 во сооднос кафе/вода. Има премногу видови кафе за кои не сум компетентен да зборувам но за мене кафе со полн вкус, богато со овошни ноти и ниска ацидичност е идеален избор. Морам да признам дека секогаш сум спремен да вкусам нешто ново и откријам подобри работи. Задоволен сум дека сега има повеќе специјализирани кафе локали каде прават предобро кафе, а нив мора да ги поддржиме и посетуваме за да ги чуваме отворени. 

По утринското кафе секој ден почнувам интервал тренинг со висок интензитет која трае повеќе од еден час. Фитнес тренингот е тој кој ми го дава потребниот моментум за денот што следи. Со поттикот од глицемичната реакција од кафето имам доволно енергија да го исполнам тренингот кој понатаму ми дава енергија во обилност за активностите во денот. За зголемен фокус слушам подкасти за време на тренингот и времето е двојно искористено. Пред девет јас веќе сум се надминал себеси и тргнал напред. Добар начин да се започне секој ден нели? 

Мотивацијата секој ден ми е движењето напред во мали или големи чекори. Секој сторен намерен акт воден од правилни одлуки ме движи во правец поблиску до целта. Секоја мала работа која ќе ја преземам е проценет акт на храброст и одлука во рамките на ризикот. Без разлика на резултатот од актите се движиш кон целта. Некогаш учиш лекции, некогаш остваруваш. Накратко, кога намерно преземените акти имаат тракција во реалноста, ми даваат резултати и знам дека тоа што го правам има позитивно влијание кон мене и луѓето до мене. Кога ќе ги направиш среќни тие кои ти значат, тогаш си задоволен и мотивиран. Од таму доаѓа мојата мотивација.

Одговорното планирање вклучува времено умно мапирање на процесот потребен да се реализира еден план. Тој план ги прави чекорите до некаде предвидливи, одговорностите јасни и целите во досег.  Секогаш во тој процес мора да се мисли на луѓето и како ќе ги искористат нивните вештини за да го придвижиш процесот. Затоа секој план се гради на плеќите на луѓето кои ја работат работата и на нивниот потенцијал. Се вложува во луѓе и така расте и резултатот од работата но и тежината која произлегува од неа. Таа тежина, колку и да е пропорционално распределена со сета одговорност лежи на тој кој го води процесот, таму сум јас. Затоа професионалниот ден се сведува на планирање на процеси во контекстот на луѓето кои го ја носат работата за да добиеме резултати од кои ќе имаат корист сите кои придонеле во остварувањето на планот. 

Денот го делам на три дела. Еден дел пред работа, втор на работа и третиот после работа кој ми е резервиран за дома и пријатели. Есенцијално ми е да вложувам време и внимание во тие кои ми значат. Домашните дневни обврски ги делам со синот и истите ги правиме да бидат квалитетно време поминато заедно. Готвењето, средувањето и организацијата на домот е одлично време за долги разговори во активност која мора да се научи за самостојност. Излегувањата ми се намерни и наменски со цел да посветам време на конкретна личност во добро друштво. Добар ресторан со добра храна прават одличен амбиент за убав разговор и социјализација. Најчесто активностите во третиот дел на денот завршуваат до 23 ќасот кога е време за спиење. 

Во идеални услови читам наутро со првото кафе, но често и после ручек со третото кафе. Книгите кои ми се од интерес имаат доста кондензирана содржина и материјал кој не е лесен и затоа го дозирам времето на читање во зависност колку лесно го разбирам материјалот. На другата страна на  лежерното време се филмовите и сериите. Тие се секогаш тука пред легнување и ми даваат одлична декомпресија од дневната реалност, случувања и обврски. 

Без разлика како ти завршил денот си должиш себеси и на тие околу тебе да си дадеш можност утре да се обидеш и бидеш подобар. Твојот капацитет лежи во самодовербата која ја имаш да искористиш секоја трунка од можностите кои денот ти ди дава. Тоа го нема секој човек бидејќи не си го дозволува. Секој од нас ја има можноста да биде подобар за себе и за тие околу него. Со позитивната и намерна мисла за секој преземен акт кој те води до твојата предетерминирана цел ќе креираш многу паралелни акти кои ќе те приближат до твојата цел. Затоа денот го завршувам со прифаќање на работите од денот и благодарност за се’ што сум сторил свесен за се’ што сум можел да го сторам. Секој ден е нов ден, ти носи нова можност, нови луѓе и должност ти е да го искористиш во полно светло на сите можности кои ти ги дава. Времето не ти минува брзо и бесцелно само ако со внимание и намерност го посочиш твојот труд во остварување на целта, а времето го посветиш на вистинските луѓе. Единствениот со кој мораш да се натпреваруваш секој ден си ти и мора да се трудиш да се победиш себеси и бидеш подобар. Животот е еден, а твој е само ако правилата се само твои бидејќи твојот успех ги крева сите, но товарот секогаш го носиш сам.


* Александар Билбилов - Оперативен Директор - Минеко Груп Македонија *