Утринско кафе со Ана Крстаноска: Ме мотивираат луѓе кои имаат душа, кои се радуваат на туѓ успех од срце

Во принцип откако сум остварена како мајка денот ми започнува со полна пареа и во убрзано темпо и немам баш избор за брзо расонување. Будење на децата, подготвување за во школо разносување и стартување на новиот работен ден.

Кога е работен ден првото утринско кафе го пијам со моите драги колешки, а додека за викенди се разбира со сопругот.

Мислам дека без голема чаша утринско кафе не би можела да го започнам денот дефинитивно. Тука морам да се надоврзам дека таа количина ми е сосема доволна и немам потреба за уште едно кафе во текот на денот. 

Освен тоа што уживам во вкусот на јако турско кафе во убава чашка, како позитивни придобивки  би го издвоила тоа што доста ме расонува ми зголемува концентрација за да може да се започне денот со извршување на работните обврски како со песна.

Турското кафе си го правам по мој вкус и мислам дека само ќерка ми знае точно како го сакам бидејќи ужива да ми прави кафе - 2 лажички кафе со пола лажичка шеќер во чаша за чај... не е комплицирано нели? (се смее). Помалку од таа количина не би ми била  доволна за почеток на ден дефинитивно.

Инаку често сакам да си направам и Нес Кафе во попладневни часови и додавам малку Бејлис ликер...дава еден совршен вкус. Доколку не сте пробале топло ви го препорачувам. 

Освен кафето дополнителна енергија ми дава присуството на позитивни луѓе, кога патувам и запознавам нови места и култури, кога се посветувам на работи кои ми се мотивација како што е мојот профил за храна и рецепти на Инстаграм каде што можам да креирам нешто ново и интересно за сите што ме следат. Сите што ме познаваат знаат и колку многу сакам да подарувам разни ситници како и да спремам и декорирам храна за најблиските сето тоа ми дава дополнителна позитивна енергија. 

Мотивацијата би ја издвоила како доста битен сегмент во животот на секој човек. Многу е битно да се одржава таа мотивација некогаш и кога се‘ изгледа невозможно.

Пример мене лично ме мотивираат луѓе кои имаат душа, кои се радуваат на туѓ успех од срце, кои работат на себе, се трудат без да се плашат дека ќе згрешат, кои имаат цел за остварување на нешто и не се плашат да пробаат и кога се‘ изгледа дека е невозможно.

Мотивација за мене значи и меѓусебна поддршка помеѓу луѓето за да се даде еден поттик за да човек стане уште подобар и поуспешен. 

Како што споменав погоре денот ми започнува со 5та брзина(се смее). А како дневни ритуали после работа би го издвоила времето поминато со моите деца, помагање со домашни задачи, спремање на вечера, а можеби и некоја прошетка надвор.

Вечерта ни завршува така што  сите фамилијарно се прибираме по дома. Некој гледа цртан филм, некој бои со боички,друггледа телевизија и смислува нови рецепти. Бидејќи станувам  рано и сум доста активна во текот на денот обично после 22 часот имам battery low иако никогаш не сум заспала во 22 часот последниве години. 

Обожавам да гледам  добри филмови и да читам книги иако искрено последно време  поради доста обврски не дошло ред за тоа, а многу ми недостига баш онака movie night.

Јас сум доста позитивна и жива личност па и така го започнувам и завршувам денот

Како мисла што многу ја сакам и ме инспирира би ја одвоила: „Останете  и понатаму најдобра верзија од себеси“.


* Ана Крстаноска - вработена во Град Скопје *