Утринско кафе со Андреа Јосифова: Ме мотивира кога ќе видам мотивација кај другите

Денот ми започнува најпрво со прошетка со моето милениче, па веднаш потоа ми започнуваат работните обврски. Кафето секогаш го пијам во друштво на мојот сопруг. 

Знам дека е важно да се внесува во организмот нешто што ќе ви даде енергија да го започнете денот, па во мојот случај тоа е смуди – микс од јагоди, аронија и банани. Сум забележала дека тоа ми е доволно до самиот ручек и не треба да внесам нешто повеќе, а воедно е и здрава опција, така што би ја продолжила таа навика и понатаму поради добрите бенефити. 

Кафе по мој вкус... Можеби нешто едноставно, а слатко, би било шолја кафе во која ќе ставите коцка бело тоблероне или чоколадо по свој избор, така ќе се создаде еден интересен и необичен вкус, па на тој начин можете секогаш да експериментирате. 

Дополнителна енергија освен испиената шолја кафе ми дава присуството на луѓето кои ги сакам и позитивна енергија од истите. Моето куче Марли кое неизмерно ми го исполнува денот со позитива. Работните обврски кои обожавам да ги извршувам бидејќи го сакам тоа што го работам. Тоа е нешто што би го издвоила, постојат уште многу ситници кои знаат да ми го направат денот посебен. 

Ме мотивира кога ќе видам мотивација кај другите. Сакам денот да ми е исполнет со луѓе кои се директни, знаат што сакаат и се трудам да се опкружам баш со такви личности за да можам и самата да се мотивирам и напредувам. Многу ми е важна посветеноста, и мојата и на другите, во било кој поглед, па така, кога има соединетост на интересите и кога функционирам добро со некого, дефинитивно мотивацијата е на високо ниво. 

Денот ми започнува работно, најчесто исполнет ми е со онлајн состаноци бидејќи работам како ИТ регрутер. Генерално во мојата струка се сретнувам со различни профили на карактери, па многу ми е важно да бидам концентрирана и достапна за секого во текот на работното време. Обврските си ги организирам според приоритет, а по работното време, секој момент го користам за релаксирање или пак за дружба со моите блиски. 

Најчесто сум излезена - знам да отидам во театар и да погледнам некоја добра претстава, во кино или пак на вечера во опуштена атмосфера. Ретко останувам дома, но се случува и тоа, тогаш најчесто гледам добра серија во друштво на мојот сопруг.  

Секогаш имам време за добра книга или филм. Лично омилен дел од денот ми е токму тој, кога имам слободен момент за такво релаксирање. Сакам најмногу трилери, па тоа е мојот најчесто одбран жанр. 

Една од моите најглавни мисли е следнава: „Додека постојат луѓе кои имаат позитивни мисли, многу поубав ќе ни биде светот“.
На таквите луѓе им симнувам капа бидејќи живееме во време каде за жал, луѓето се навистина опкружени со негативна енергија и не се самите свесни колку тоа им влијае, ги попречува да се фокусираат на нивната благосостојба. Тоа се одразува со ширење на неубава енергија насекаде, дали на улица, дали на социјални медиуми. Избегнувајќи го тоа, го почнувам денот со мисли насочени кон целите кои ги имам и сè што правам, да правам со љубов. Што се однесува до завршетокот на денот, главна мисла ми е: „Биди ти промената што сакаш да ја видиш во светот, почни од себе„.


* Андреа Јосифова - специјалист во ИТ регрутерство *