Утринско кафе со Билјана Терпини: Најкреативниот дел од денот ми е играта со синот

Најтоплата прегратка од синот и прашање кое ни самата не сум си го поставила е најубавиот почеток на секој ден. И додека ги прелистувам податоците и информациите низ главата и начини како приближно педагошки да одговорам, вистинското будење и денот ми започнува испровоциран од филозофско прашање произлезено од чиста, детска, наивна љубопитност. И така, после првото „што е бесконечност“ или „колку трае стареењето“ или „дали вселената или бесконечноста е поголема“, започнал уште еден неспоредливо различен ден, а се претходно и измеѓу е рутина. Откако ќе го добијам ефектот на „прво утринско кафе, црно и без шеќер“ следи сè понатаму.

Движејќи се кон работа, што е исто така дел од оние рутини за кои не сме ни свесни, имам неколку километри за препуштање на интроспективни екскурзии или неврзани и од никаде појавени размислувања, најчесто поттикнати од нечиј поглед, сцена, случка..

Следи вистинската голема шолја кафе, црно кое го пијам долго, скоро до после пладне, никогаш сама и секогаш во окружување што ми дава нова перспектива, енергија и инспирација. Влегувањето во Елемент ПР, на работа, е влегување во еден свет кој нема ограничувања и нема ѕидови, а сè се базира на бескрајната перспектива. Колеги, информации, клиенти, информации, проекти, луѓе, кампањи, информации, настани, го создаваат и денешниот нов колаж кој ветува дека се ќе биде ново и освежувачко. Никогаш немам впечаток дека нешто се повторува и секојпат е изненадување.

Мотивацијата секогаш и без исклучок ја наоѓам во тоа денес да биде поинтересно, поново и повредно за паметење, да создадеме нови моменти кои од некоја друга перспектива секогаш ќе добиваат ново, поинакво знаење и ќе го збогатува животот на кој било начин. Секогаш погледот кон блиска иднина буди планови и токму тука се крие најизворната мотивација.

Сепак најкреативниот дел од денот ми е кога повторно со син ми Филип играме некоја од неговите игри, слушам некоја негова приказна и сцена произлезена од бескрајната фантазија за која морам да го посветам целото мое внимание и да слушам навистина посветено. Следат повторно многу прашања, и задолжителното читање приказни пред спиење - бесценето.

Има ноќи за дружење, ноќи за книга, ноќи за филм, музика, вино, луѓе, зависно од желбите, а убавината е во секој од нив, уживањето може да ми биде и сама со чаша вино, или во друштво и играње карти, вечера..

И додека низ неврзани секвенци и флешови ќе се создаваат нови идеи, инспирации и овој нов ден ќе си ја исполни својата функција.

Денеска, со ова сведоштво започна да се создава мојот личен витраж број 18012019 и едвај чекам да видам со што ќе ме изненади и што ќе ми донесе.

* Билјана Терпини, Public and Media Relations Manager во Елемент ПР