Утринско кафе со Бојан Димковски: Важно ми е добро и квалитетно време поминато со блиски луѓе

Пред сѐ, Ви благодарам на укажаната можност да бидам дел од Вашата рубрика. Сакам да ви откријам, дека јас не пијам кафе, па денот го почнувам со чаша топол чај (без разлика на сезоната), а најчесто го пијам во мојата ординација за физикална терапија. Па, тоа за мене е еден посебен ритуал.

Во зависност од тоа, од што ќе направам чај така ми тргнува и денот. Најчест избор ми се билните чаеви, така да, убава енергија, смиреност и позитива ми дава уште на самиот старт на денот. 

Бидејќи не консумирам кафе, ќе споделам искуства за чај. Немам некоја посебна процедура. Сепак ја следам конвенционалната метода за приготвување чај. Зовривам вода, го ставам филтерот чај или билната мешавина во чаша, ја полнам со врела вода и оставам да искисне подолго време, со цел да го ослободи автентичниот вкус на чајот. Љубител и колекционер сум на различни видови на чај, така да, ги имам во најразлични форми и вкусови, и се трудам секој ден да внесувам нов вкус во моето дневно мени. 

Хм.. Па искрено да ви кажам, јас сум човек што сака да се дружи со своите блиски луѓе, па тврдам дека добро и квалитетно време поминато со нив ми е од особена важност. Состаноците со мојата девојка, буквално ми е како “charging battery”. Кога имам слободно време, возам велосипед низ нашево Скопје, да погледнам убава претстава или кино проекција. Генерално правам работи како секој млад човек. 

Признавам, задоволството на пациентите и успехот од мојата работа ми е најголема мотивација да целам кон поголеми и неистражени полиња и секако да стигнам до моите долгорочни зацртани идеи и замисли. Сѐ на сѐ, успехот е оној драж што треба сите да ги води напред. 

Денот го почнувам рано наутро, уште во 08 часот, со сите мои утрински ритуали, и пред пладне почнува мојот работен ден, тековно, најчесто до вечерните часови. Освен во ординација, мојата работа се содржи и во домашни посети кај одредени пациенти, службени состаноци, обуки и слично. Пред скоро време бев на обука во Белград. 

Како ви завршува денот со кој ја минувате вечерта? - Интересно прашање. Секој ден различно. По напорниот работен ден, наоѓам време за себе, но во најголем процент вечерите ги поминувам со девојката, понекогаш со друштвото, седнати во некое локално кафуле или добра кафана. На крај го шетам моето куче, и така некако доаѓа времето за создавање спомени. 

Секогаш кога имам можност и интерес, знам да почнам да читам некоја убава книга, безвременска, без разлика на жанрот. Најчесто читам на паузи меѓу пациентите, но и во текот на денот кога сум слободен. А филмови. Да. Категорично да. Во најголем дел, филмови гледаме заедно со девојката, која исто така е љубител на филмови. Обично знам да отидам и во кино, но доста поретко, поради пристанпот на скоро сите филмови на онлајн платформите.

... Животот не станува полесен туку ние стануваме посилни....


*Бојан Димковски - физиотерапевт*