Утринско кафе со Драгана Николоска Тасевска: Откако ќе станеш родител животот комплетно се менува

Денот ми започнува со најубавите зборови на светот „МАМОоо, ТАТОоо!!!“ Обично е 05 или 06 часот наутро, надвор се‘ уште не е разденето, а на мене и на сопругот уште ни се спие. Еден од нас станува и оди до детската соба. Само што ќе отвориме врата, на кревет не‘ чека широка насмевка која ни го разубавува утрото. Си ја земаме ќеркичката со нас на спална за да се погушкаме и поспиеме уште малку.


Штом ќе изгрее сонцето, Зои повторно станува и вика „МАМО ПЕКО“ (пеко = светло), тоа е знак дека е време да се стане и да се почне денот. Веднаш одиме да миеме заби па се преблечеме. Потоа правам доручек за неа и заминуваме на работа. Утринското кафе најмногу сакам да го пијам во друштво на Зои и сопругот, но не е лошо и кога се пие на работа со колегите на трач муабет. Ептен ми е убаво и мерак кога си правам кафе, да го пијам во убава шолја.


Откако ќе се вратиме од работа, целото време ни е посветено на Зои. Омилена игра ни е кога се бркаме и криеме низ станот. На комшиите под нас не верувам дека им е толку забавно како на нас. Потоа заедно ручаме и ја спроведуваме рутината за спиење. Зои заспива во периодот од 7 до 8 часот најкасно. Откако ќе запие, најчесто набрзина средуваме по дома и правиме ручек за наредниот ден. Тоа го правиме заедно со сопругот и за тоа време разговараме како ни поминал денот. Потоа имаме време за да гледаме филм или серија. Тоа е нешто што и двајцата не‘ опушта и релаксира. Книги искрено ретко читам, но кога ќе почнам да читам книга обично тоа го правам во еден здив. Не сум од тој тип на луѓе кои може да читаат роман по 10 минути на ден. Во последно време читам само книги поврзни со родителство и детска психологија. Во моментов ја читам The Montessori Home од Ashely Yen.  


Најмногу ме мотивира семејството, посебно ќерка ми. Таа е извор на енергија која никогаш не сум верувала дека ја поседувам. Откако се роди, ме инспирираше да го почнам мојот блог homewithzoe.com каде го забележувам нејзиното растење и споделувам разни совети и искуства поврзани со мајчинството. Совети кои би посакала некаде да можев да ги прочитам или некој да ми ги кажеше на време, наместо да ги искусам и научам на потешкиот начин.


Откако ќе станеш родител животот комплетно се менува. Она што го научив од моето искуство откако станав мајка е дека иако родителството е тешко, тоа те зајакнува како личност. Стануваш подобра и посилна верзија од себе, подготвена да се соочи со какви било предизвици што стојат пред тебе се со цел да обезбедиш подобра и посветла иднина за своето дете. 


*Драгана Николоска Тасевска - Сопственичка на приватен бизнис, блогерка*