Утринско кафе со Елена Стојановска Јанковска: Често се смеам дека животот ми е сладок и затоа вкусот на кафето ми е сосем спротивен

Добивај вести на Viber

Мојот ден вообичаено почнува забрзано. Станувам во пет часот наутро и не можам да го одложувам алармот туку веднаш се подготвувам за работниот ден. Се облекувам во одбраната телевизиска комбинација и во Сител сум најдоцна околу шест часот. Ме очекува шминкање, фенирање и точно во 06.45 минути ги поздравувам гледачите на утринската програма на нашата телевизија, „Ја сакам Македонија“. Првото кафе го пијам во текот на емисијата со колегите. Но, викендите се друга приказна. Тогаш имам луксуз да уживам во будење со мојата ќерка Илина а првото кафе го пијам со мојот сопруг.

Искрено јас забележувам промена, посебно во концентрацијата. Кафето ме расонува, ми дава елан и затоа уште на самиот почеток на емисијата гледам да почнам да уживам во него. Вообичаено за прво кафе го одбирам нашето традиционално, а потоа во текот на денот уживам и во други типови на кафе.


Црно и горко, посебно за првото утринско кафе. Често се смеам дека животот ми е сладок и затоа вкусот на кафето ми е сосем спротивен. Попладне веќе сакам кафе што повеќе наликува на десерт, па тоа може да биде и макијато во кое додавам шеќер или матено кафе со млеко. Но, не сакам додатоци како шлаг, чоколаден прелив и слично. Попрво би се одлучила за некое колаче во тој случај.

Енергија ми дава мојата работа. Нашата цел освен да ги информираме гледачите, е и да ги расониме, да ги забавуваме. Па, така си имам некоја цел во себе дека треба да сум ведра и дека заеднички со убава енергија придонесуваме кон раѓање на нов, убав и позитивен ден. Енергија ми дава и Илина, која е сега порасната и ми е вистинска другарка и за одење во кафуле по работа, и за шопинг, но и за прошетка во парк што на двете ни придонесува кон убаво расположение.


Ме мотивира убаво завршена емисија, ме мотивира кога знам дека некому сум помогнала. Ме мотивира и средбата со другарките кои многу си ги сакам и се радувам што се имаме и во ова брзо време кога дружбата меѓу луѓето е сведена на дружење преку социјални мрежи. Ме мотивираат убави патувања и откривање на нови земји во кои никогаш не сум била.


Имам обвски во Сител како водител, но и како уредник на утринската редакција. Имам прекрасни колеги и гледаме заеднички да инвестираме во се подобра програма и убави емисии. Работам и односи со јавност во компанија за производи за домот. Снимаме емисии, ги презентираме производите и таму имам една поинаква функција и задолженија, но многу ме исполнува и таа работа. Често го позајмувам гласот и за реклами кои се емитуваат на нашите радија и телевизии. Никако не би можела да кажам дека немам исполнет работен ден.

Делот од денот во кој јас многу уживам е дружењето со мојата ќерка. Попладнињата ги поминуваме заедно, сега веќе гледаме и заедно серии кои одговараат на нејзина возраст, заедно читаме книги, јас со моја а таа со нејзина тематика, учиме, пешачиме и така без да почувствувам деновите како да летаат. Мојот сопруг завршува подоцна со работа, но најчесто во вечерните часови пешачиме или гледаме филм. Со оглед на тоа дека рано станувам, не можам да се пофалам дека сум ноќна птица и најчесто прва заспивам, па така сум рекордер во недогледување на започнати филмови.


Секако, уживам и во читање книга, и гледање фил и тоа ми се убави активности.

Денот го завршувам со некои позитивни мисли кои ми помагаат и ме водат напред.



*Елена Стојановска Јанковска - Тв водителка-Магистер по човечки ресурси, Дипломиран книжевник на Катедрата за општа и компаративна книжевност