Утринско кафе со Елеонора Димовска: Се трудам секој ден да го завршувам со позитивни мисли

Првото утринско кафе го пијам веднаш по будењето. Многу ми е битно денот да ми започне со убаво кафе. Како професионален шминкер се навикнав за време на викендите првото утринско кафе да го пијам во студио спремајќи се за првата клиентка, и секако првото прашање кога ќе влезете во Beautybox koko е дали ќе се напиете кафе, додека пак останатите денови обожувам кафето да го пијам со моите пријателки во некое од кафулињата кои имаат сончеви тераси. Сонце, кафе, природа и омилените луѓе околу мене, тоа е се што ми е потребно за одличен почеток на денот. 


Навистина е ретко, но може да се случи поради обврски првото кафе да го испијам по неколку часа откако ќе се разбудам и тие денови ми се најтешки. За да можам целосно да се посветам на секоја клиентка и да ги исполнам нивните очекувања потребна ми е енергијата која што ја добивам од кафето.

Обожувам кафе со млеко, па токму од таа причина најчесто мојот избор е Неспресо. Во моментите кога сакам нешто невообичаено уживам во капучино со вкус на ванила или кокос.



Покрај кафето енергија ми дава сонцето, како што веќе напоменав обожувам да уживам во сончевите денови со моите пријателки и долгите позитивни разговори исполнети со смеа. Кога ми дозволуваат обврските, со пријателките ги посетуваме регионалните забави и организираме туристички патувања, пред неколку дена се вративме од прекрасниот Белград, градот кој има најдобар ноќен живот, а како следна дестинација го одбравме градот на љубовта Париз, сигурна сум дека покрај со нови спомени ќе се вратам и со многу нови шминки.


Многу работи ме мотивираат во животот, но најголема мотивација добивам кога наутро ќе ми пристигнат пораки од клиентите кои сум ги шминкала претходниот ден и тие пораки најчесто гласат - шминката ми издржа цел ден, сите ме пофалија, едвај чекам следна прилика за повторно да ме шминкаш... итн. Во тие моменти добивам мотивација да продолжам да се надоградувам, постојано да учам нешто ново, едноставно уморот исчезнува.

Секое утро ги анализирам обврските и си правам план што се треба да направам во текот на тој ден. Во овој момент работам на нов проект, онлајн едукација за шминка и денот најчесто ми е исполнет со снимање, планирање и едитирање на видео лекциите. Нешто што не пропуштам да направам во текот на денот е да гледам видео лекција од преталентираната, по мое мислење и најдобрата во нашиов регион едукаторката за професионална шминка Александра Гудељ, постојано сум во тек со новите трендови во мејкап индустријата, се трудам секој ден да учам нешто ново од светски познатите шминкери меѓу кои би го издвоила мојот омилен Марио Дедивановиќ, човекот кој не само што ги следи туку и ги креира сите трендови во светот на шминката.


Денот ми завршува со одговарање на пораките на социјалните мрежи, најчесто на крајот на денот правам консултација со клиентите, договараме термини и добиваат инструкции каква нега и припрема на кожата на лицето е потребно да направат пред закажаниот термин.

Откако ќе ги завршам сите обврски сакам да се опуштам со гледање на некој филм или серија, најчесто гледам мистерија, акција или романтична драма. Последен филм што го гледав беше „Cruella“ а друштво ми правеше мојот мачор Тео, додека пак останатите миленичиња (две кучиња) не беа воодушевени од мојот избор и ме игнорираа.


Јас навистина верувам во законот за привлечност „сличното привлекува слично“ од таа причина се трудам секој ден да го завршувам со позитивни мисли за секој нареден да ми биде поубав и поуспешен од претходниот. 


*Елеонора Димовска - Мејкап артист и едукатор