Утринско кафе со Иван Наунов: Кафето е глув и нем слушател кој ми прави друштво додека умот сѐ уште ми се буди

Бидејќи ритамот на умот и телото ги програмираме уште рано наутро, од голема важност ми е како ќе станам и што ќе правам во првите половина час. Во најголем дел од утрата, станувам во 05:30, не чепкам телефон, пуштам класична музика или лесен џез, си ги поминувам афирмациите и излегувам надвор. Последниве три месеци дома имам мал златен ретривер па обврските кон него се секој ден сѐ поголеми. Шетаме петнаесеттина минути уживаме во ладниот воздух додека е сеуште таков па се враќаме дома за да продолжиме со обврските доколку е тоа работен ден. Често знам да истрчам некој километар или да отидам со велосипед на работа. Кардио вежбите ми се секојдневие. Топол кон ладен туш, небитно дали е тоа дома или на работа и веќе од 07:00 сум на работното место.

Кафето има свои како позитивни така и негативни страни. Не би рекол дека ме буди наутро но можам да кажам дека е глув и нем префинет слушател кој ми прави друштво додека умот сеуште ми се буди. За убаво еспресо е потребна вештина, прецизни дози и притисок, точна температура на вода и така натаму. Но за сѐ што е убаво се потребни време и труд да се направи, нели. А ако филозорираме, такво е она кафе кое ќе ти го направи некој друг додека ти сеуште спиеш.

Инаку, се будам со мислата дека живееме денес и само денес. Дека “утре” е само илузија за времето која сами си ја правиме во главите. Зошто тогаш да губиме време кога можеме многу работи да направиме денес? Значи, животот гледан од некоја друга перспектива. А, ако зборуваме за мотивација, тешко е да се одговори на ова прашање. Зависи за каква мотивација зборуваме. Мотивација за мојата примарна работа е спасувањето човечки животи, или ако зборуваме за фотографија - нејзината слобода за покажување на нешто што не може да се види секојдневно. За спортувањето се тоа бенефитите од одржување на нашето физичко битие во еден здрав круг кој нам ни служи за да им пркосиме на времето и просторот. За пишувањето се тоа моменти кои прават во мене да се разбуди друг свет кој трае повеќе од моментите во нашиот реален, физички. За различни работи сум различно мотивиран но со една заедничка точка. Позитивните нивни страни.

Плановите за секој ден ми се различни, целта е иста. Да се искористи денот максимално. Обврските се верувам слични како кај повеќето од нас. Со тоа што себе си си наметнувам дополнителни задачи за да можам да напредувам на полиња кои што се нови за мене. Потребна ми е таа дисциплина на организирање и почитување на некои правила.

Денот го заокружувам доцна навечер иако тоа не е физиолошки. Клише е да кажам дека читам нешто, напротив. Повеќе сакам да слушам нешто пријатно и мирно за ушите. Да пригушам светло и молчам.  Често кога инспирацијата е присутна, одвојувам време да напишам нешто во мојата книга. Се надевам и ќе се потрудам да ја завршам во скоро време. Ако вечерта ја минувам со луѓе, тоа се блиски пријатели и личности кои се посветени на квалитетно поминато време.

Повеќе ми се допаѓа светот на пишаниот збор. Така можам сам да си изградам карактери, простор, моменти.Филмови, само кога сакам максимално да се опуштам и да не го користам мозокот.

Кога станува збор за тоа, со која мисла го почнуваме или го завршуваме денот, ме погоди тука. Овие теми ми се најубави за разговор бидејќи позади нив има цела наука. Можеме да ги отвориме некоја наредна можност, бидејќи тука имам многу за зборување. Сега можам да резимирам кратко.Во различни периоди од мојот скромен живот тоа биле и се сеуште различни мисли.Во принцип, тоа се мантри кои си ги кажувам и кои носат позитивен старт на денот, носат цел која треба да ја достигнам тој ден или во блиска иднина и носат вибрација која успева да ги донесе клетките да вибрираат на едно повисоко од нашите сфаќања- ниво.

Иван Наунов – Кардиоперфузионист и фотограф