Утринско кафе со Ивона Ѓорѓиева: Кафето ми е најслатко после направено добро дело
Додека размислував за прашањата кои се дел од ова утринско кафе, сфатив дека немам една иста рутина по која ми почнува новиот ден. Се радувам што секој ден ми почнува и завршува различно и ми носи различна енергија и динамика. Понекогаш веднаш пијам кафе, но има и денови кога ми треба повеќе време за да се расонам. Најчесто се будам две до пет минути пред да заѕвони алармот и тоа си го бројам како прва победа во денот!
Првото кафе вообичаено го пијам со утрински тв програми. Слушам какво е времето денес, каде има сообраќаен метеж и што има ново во мојата мила Македонија. Интересни ми се насмеаните новинари во 7 часот наутро, а понекогаш тече песна на Селин Дион или се готви нешто за јадење на екраните.
Кафето ми е најслатко после направено добро дело, кога си давам одмор или пак простор да рефлектирам што направив денес. Кафе по мој вкус е кафе што се пие со добри и реални пријатели, со топол разговор и обавезно едно испиено со колегите од Црвениот крст.
Покрај добро сварено турско кафе, енергија ми дава и моето куче Оскар. Тој е мал палавко со едно сино, а едно кафено око. Шепите му се во форма на бели чизмички и се претвора во волк (вие) при звук на црковно ѕвоно. Невозможно е да го игнорираш. Ме мотивира да бидам одговорна личност и да давам многу љубов. Ми дојде блага насмевка на лицето додека го пишував ова, кога сфатив дека можам да ги искористам овие пет минути слава за да му го честитам четвртиот роденден! Моето куче сега го има во текст на интернет. Колку кучиња го можат тоа за роденден?
Еве вакви работи ме мотивираат, секојдневни. А кога сум добро мотивирана знам од нешто мало, да направам големо. Ги славам убавите моменти во животот и понекогаш се радувам на туѓи прослави како на мои. Се што можам да прославам, го славам и тоа си го толкувам како начин на кој ја празнувам благодарноста за убавите нешта што ми се случуваат на мене и моите најблиски.
Си ја сакам работата и не се штедам. Ако максимумот е 100%, јас ќе дадам 200%. Тие кои ме познаваат знаат не престанувам додека не ги завршам зацртаните цели. Како хуманитарен работник дневните обврски ми се поврзани со давање на поддршка на ранливи групи граѓани, со предавања и обуки од областа на првата психолошка помош и психо-социјална поддршка во мирнодобски услови и кризи.
Денот знам да го завршам со топла бања, а вечерите ми се најубави кога врне дожд и кога ги слушам капките на прозорецот.
Денот ако не го започнам со натпревар (со себе или со другите), тогаш го започнувам со надеж. Деновите се обидувам да ги завршам со радост, верба во себе и мислата дека се ќе биде добро. Не ветувам дека рутиниве што ги споделив на ова утринско кафе се најдобри, сигурно не се совршени, ама знам дека се мои и ми го чинат животот поубав.
Ивона Ѓорѓиевa - Психолог во Црвен крст на град Скопје, претседател на комисија за интервенции во кризи при Комора на Психолози, психотерапевт и тренер во школа за психотерапија ,,Амигдала’’, државен првак во јавно говорење и трикратен државен првак во прва помош. Карате тренер и сопран во Ансамбл ,,Мелизма’’.
Елеонора А.