Утринско кафе со Маја Стојчевски: Го разбирам балансот и колку ми е важно да сум искрена пред себе и сите други

Најчесто првото утринско кафе го пијам сама. Денот ми започнува во 05 часот, а некогаш и порано, a кафето е составен дел од мојата утринска рутина. Други неизбежни делови од таа рутина се медитација, пишување дневник, читање и физичка активност. Вака изгледа првиот час од мојот ден. Овие активности ми даваат енергија за претстојниот ден и ме исполнуваат со благодарност и топли емоции. Ова се моментите кога рефлeктирам на мојот живот и целиот мој раст. Така комуницирам и со Јоана, нашата ќерка која повеќе не е физички со нас од 2020-та година. Всушност, сите тие утрински моменти можам слободно да кажам дека таа и јас ги поминуваме заедно. 

Откако работам на себе и својот раст во последниве пет години пиењето кафе за мене е една сосема нова димензија. Сега првото утринско кафе, проследено со голема чаша вода е само делче од ритуалот. Утрата ги засакав и неизмерно ја ценам нивната енергија откако се трансформирав од ненаситна спанка во некој што и по само 5 саати сон може да стане без проблем во 05 и да се полни со енергија од дневните активности наместо од спиење. 

Промените од овој пресврт се преочигледни кај мене, особено за луѓето што ме знаат и пред 2018-та година, од кога почнав да практикувам утринска рутина.

Една мала одлука за правење неколуминутни активности наутро ме донесе до живеење на исполнет и среќен живот, занимавање со работата за која што сум родена и живеење балансирано дури и низ најтешките животни предизвици.

Кафе пијам во голема шолја. Последниве година - две пијам само утринско кафе. Имам омилена шолја што си ја спремам уште навечер, како дел од вечерната рутина. Мојата комбинација е кафе плус млеко и шеќер. Како три во едно, само што јас сама си го правам балансот. Во текот на денот ако направам исклучок да пијам уште едно кафе, тоа го правам ако се најдам во моментот надвор и тогаш изборот е капучино или лате макијато. Инаку скоро секој ден попладне наместо кафе си правам какао. 

Она што ми дава дополнителна енергија, освен испиената шолја кафе се мојата работа, врската со сопругот и со луѓето што ги сакам, патувањата и ширењето познанства со неверојатни луѓе. Имам своја заедница на социјалните мрежи наречена – Coffee with Maya (Кафе со Маја) и е баш интересно што многу работи ми се вртат околу кафето, како поканата да учествувам во вашата Кафе рубрика. 

Во таа заедница давам сѐ од себе да ги дадам моите знаења, научени лекции, увиди и совети за како се надминуваат тешки животни предизвици, како се остваруваат цели, како се градат добри навики, како се билда дисциплина, како да се справиме со тешки/токсични луѓе во домот и на работа. На овие теми држам и бесплатни предавања секој месец на средба наречена Coffee with Maya. Заедницата расте секој ден со добронамерни луѓе кои се насочени кон личен раст. Сите оние кои што сакаат да учат вакви животни вештини се добредојдени во групата. Кај нас нема токсични луѓе, а ниту хејтери. Таа заедница е доказ дека е возможно да бидеш свој, ранлив и да поставуваш прашања на социјални мрежи без притоа да те растргнат на парчиња со хејт коментари или осуда. 

Порано кога почнував со работа на себе ме мотивираа книги, видеа, туѓи успешни приказни и желбата да ѝ обезбедам на Јоана колку што е можно поголем квалитет на живот. Денес ме мотивираат моите резултати и feedbackot кој го добивам од моите клиенти. Ме мотивира желбата уште да помагам и уште повеќе да истапувам напред со проекти и со мојата приказна зошто знам дека тоа многу им служи на другите. 

Работам од дома – или од таму каде што во моментот се наоѓам локациски. Во текот на денот имам по неколку коучинг сесии, а во меѓувреме креирам содржина. Минимум два работни дена навечер имам групи како дел од мојата коучинг програма. Оставам доволно време за релаксација, дневни прошетки со сопругот или сама низ нашата околина. Живееме во Келн, Германија и во близина имаме неколку шуми и езеро. Тие прошетки ме полнат со енергија и благодарност. После пандемијата навечер сме исто многу активни. Се дружиме со пријатели или сами на вечери или забави. 

Денот најчесто ми завршува со дружење со сопругот. Ако не сме излезени најчесто гледаме филм, рефлектираме на денот што изминал или правиме планови за понатаму. Ова е она што можам да го кажам сумирано во една реченица како опис на една обична вечер во нашиот живот. Но сакам да додадам дека тоа сепак е живот и во некои периоди вечерите, па ни деновите не изгледаат целосно совршено и идилично. Имало вечери и вечери кога сме разрешувале конфликти или секој од нас се борел со некои свои стравови, фрустрации и неуспеси. Не можам да ви опишам колку го разбирам балансот и колку ми е важно да сум искрена пред себе и сите други: животот не е и не може да биде составен само од прекрасни моменти.

Сакам и книга и филм. Наутро и преку ден книги. Филм после 20 часот. 

Тоа не е една мисла туку состојба на умот во која во поголемиот дел од времето чувствувам и практикувам прифаќање на сѐ што е во моментот, љубов, радост, убаво исчекување за сеѐ што ми доаѓа и благодарност.


* Маја Стојчевски - Професионален коуч *