Утринско кафе со Марина Кљајиќ Петковски: Секое утро и секоја ноќ изговарам „благодарам“!
Секое утро, без исклучок, се будам со една иста помисла - ова е прекрасно,
благословено утро и благодарна сум што се разбудив покрај тие кои ги љубам.
Како мајка на три деца, имам фул агенда за денот и се согласувам со она - деновите се долги, а годините кратки.
Секое утро се будам и го живеам сонот: да се биде мајка, за мене е најисполнителната улога што некогаш ќе ја имам и не би ја променила за ништо на светот, максимално се трудам да живеам сега, тука и овде, во овој момент, за овој момент.
Утринската доза расонување не ја добивам од кофеин, туку од трите енергични школарци и обврските околу нив.
Задолжително наутро е хидрирање, па пијам млака вода со лимон или чај со колаген, а откако ќе завршам со разнесување на училиште, прво појадувам па потоа го пијам првото утринско кафе, најчесто го пијам во друштво на книга.
Никогаш не практикувам кафе на празен стомак. Кафето го пијам секогаш после појадокот. Јас сум од оние класични кафе зависници, ден без кафе е нешто незамисливо за мене. Дневно пијам две до три кафиња, оптимална доза која има само позитивни ефекти врз мене.
Како вистински љубител на кафето и прав хедонист, покрај квалитетот на кафето од големо значење ми е шојлата во која е послужено. Дури и научно е докажано дека кафето е повкусно кога е посложено во омилената шолја, за што јас сум жив доказ. Кафе по мој вкус е две лажички нес, лажичка шеќер, пола шојла вода, пола млеко. Утринското е топло, попладневното може и ладно. Го пијам со часови, со уживање, задлабочена во некоја книга, во тишина. (колку што даваат условите (се смее)).
Она што ми дава дополнителна енергија,освен ипиената шолја кафе е страста
за животот. Љубовта која ја давам и примам. Моето семејство.
Животот е комплициран, неизвесен, полн со неправди, далеку од совршен, на моменти убав, на моменти спротивно од тоа … Но, едно нешто е сигурно – животот е премногу краток! Таа премиса ме мотивира да го направам секој ден вреден и исполнет со благослови кои ќе си ги пребројам пред спиење.
Бидејќи работните обврски ми се кратки, флексибилни и ги извршувам од дома, се доживувам како "само" мајка, чие време е првенствено посветено на децата. Помеѓу спремањето, носењето па земањето од училиште, прво со едниот во прва па со другиот во втора смена, пишување домашни, учење, обврските околу домот, успевам да "украдам" време за работа, која се состои во подготовка на пи ар текст за сајтот каде сум ангажирана, за Рингераја.
Едно нешто е задолжително секој ден - да издвојам време само за себе. Без разлика дали ќе биде тоа утрото во кое сум станала пред сите, некоја луфта меѓу обврските во текот на денот или времето откако сите ќе заспијат, си дозволувам да здивнам и да правам нешто што е само мое и ме прави среќна - а тоа е дружба со книга. Имањето хоби на мајката и време за истото е корисно не само заради нејзиното ментално, емоционално и физичко здравје, туку и за нејзините деца и нејзиното семејство.
Ме води мотото - среќна мајка одгледува среќни деца кои многу веројатно ќе пораснат во среќни луѓе.
Денот ми завршува во кругот на семејството, во заедничка дружба на трпезата, во разговор како сме го
поминале денот, подготовка за утрешниот ден во работни денови или гледајќи филм
за викенд. Последнава година, после приказните за добра ноќ за децата, полнам
батерии со долги видео разговори со сестра ми која живее во Америка.
Викендите
ни се резервирани за семејни филмски маратон и уживам во таа наша традиција.
Сакам да гледам добар филм или серија, но сепак првенство им давам на книгите.
Читам откако памтам за себе, се будам со книга, заспивам со книга. Читам затоа
што ми годи на душата, ме исполнува.
Дури и кога единствената молитва која ја изговараме во денот ви била ”благодарам" тоа ќе биде доволно.
Секое утро и секоја ноќ изговарам благодарам! Живеам со благодарност! Секој ден содржи многу нешта за кои вреди да се биде благодарен. Животот е краток, деновите се драгоцени, а јас ги имам тројцата, мојот најголем благослов.
Порака до сите родители: Гушкајте ги, фалете ги, поттикнувајте ги, нека летаат, нека се гордеат со себе, нека растат од самодоверба, нека зрачат од насмевка.
И нека од мали научат што е најважното во животот!
Имајте убав ден, користете го мудро.
* Марина Кљајиќ Петковски - автор и ПР *