Утринско кафе со Владимир Костов: Незамисливо ми е да го започнам денот без кафе, дури и кога патувам, секогаш со мене носам електрично ѓезве

Добивај вести на Viber

Роден во градот каде пиењето кафе претставува ритуал – Битола, несомнено дека особено уживам во кафето, без разлика дали со друштво или сам.

Наутро, после првата чаша вода, кафето е веќе спремно. Незамисливо ми е да го започнам денот без кафе. Дури и кога патувам, секогаш со мене носам електрично ѓезве, за секој случај, да можам да си го започнам денот веднаш по будењето со кафе.

Првото кафе ми дава свежина и енергија да го започнам денот. За мене важи познатата девиза – без кафе не функционирам... Е после тоа, втора работа која ја правам е свеж сок во блендер, па дури после може појадок.

Наутро пијам исклучиво турско кафе... Не го менувам за ништо.  Го пијам средно, не со многу шеќер, но не можам без шеќер. Многу често го правам попарено со врела вода, не сварено, за што многумина ми се чудат. Се разбира, не секој бренд на турско кафе ми одговара така, некои кафиња треба да се сварат бидејќи така имаат подобра арома. Го сакам и филтер кафето, и еспресото. Омилено во топлите денови ми е еспресо фредо , иако кај нас ретко кој знае да го направи добро.

После кафето речиси секојдневно правам сокови.Во блендер ставам различни комбинации – банана, јаболко, ѓумбир, манго, сок од портокал, диња, круша ...зависи од сезонските овошја, а и не сум љубител на зеленчукови сокови.

Ме мотивира пред сѐ мислата дека ќе ми се случи или ќе слушнам нешто убаво. Ги сакам сончевите денови, сонцето ми е мотивација само по себе. Се трудам да не подпаднам под негативните натписи, случки, објави и коментари на фејсбук, затоа што ми ја одзема позитивната енергија. Слушам радио секогаш наутро, барам станици каде што има убава музика и позитивни водители. Многу е тешко во денешно време да замижеш пред секојдневните проблеми и да ја задржиш мислата и фокусот за конструктивност.

Филхармонија е местото каде ги исполнувам своите работни обврски. Припремањето на новата програма за следниот концерт, разговорите со диригентите и колегите... Како професор на факултетот за музичка уметност, продолжувам со часови со студентите. Често сум присутен во студиото за филмска музика ФАМЕС.

Понекогаш ми се чини дека денот нема да заврши... Но, како поминува времето,се трудам почесто да наоѓам време за себе и да се видам со пријателите, иако работните обврски кај сите не раздалечуваат, па сѐ почесто комуникациите ни се сведуваат на телефон, што не е баш убаво. Средбите „во живо“ нѐ прават да се чувствуваме „живи“. Уживам во средбите со пријатели кои имаат друга професија, за промена на мислата и слушање на различни случки кои не се поврзани со мојата професија.

Во денешницава стана тренд  гледањето серии и филмови... Сега можеме да изгледаме неколку епизоди, ако не и цела сезона, и да останеме ненаспани... Филмови секако, иако најмногу сакам да одам во кино. Сакам да читам... Со смартфоните и интернетот, забораваме дека книгата во рака е вистинското нешто, а не брзиот пристап на информација. Треба постојано истражување, не информација „со еден клик“.

Фото: Маја Аргакиева

Во нашиот  ген е да анализираме што ни се случило во текот на денот. Тоа е една здрава човечка карактеристика, доколку резултира со некакви заклучоци.

Благодарен сум на сѐ што имам во животот... и на убавите, и на неубавите нешта. На убавите – затоа што ме прават среќен, исполнет  и ми даваат надеж за иднината,  на неубавите затоа што ми дават поука и ме прават посилен. И покрај сѐ што гледаме околу нас, многу често забораваме дека животот поминува брзо и треба да се радуваме на малите нешта и на тоа што го имаме. Луѓето без радост и љубов во себе секогаш се длабоко несреќни, а и обратно. Радост и љубов треба да се дава но и треба да се препознае. Да се радуваме на животот и да благодариме.

*Владимир Костов – концертмајстор во Филхармонија