Враќање во старите безгрижни времиња: Емотивен концерт на „Индекси“ и пријателите во Скопје
Музиката на „Индекси“ уште живее преку публиката на култната сараевска група. А оние кои ги сакаат „Жуте дуње“, „Бацила је све низ ријеку“, „Предај се срце“, „Ти си ми била нај нај нај“..., се бројни и во Скопје и ја наполнија салата на Филхармонија.
Среќни лица дојдоа и уште посреќни си заминаа од салата по концертот „Индекси и пријателите“, кој е дел од регионалната турнеја по повод 60 години од основањето на бендот од Сараево. По Љубљана, Загреб, Сараево и Белград, Скопје беше последната станица од турнејата.
Ретка привилегија беше на сцената да се видат дел од музичарите од оригиналната постава на „Индекси“- сите од нив свиреле во бендот во одреден период. Тука беа Фадил Реџиќ, Нено Јурин, Мирослав Шарановиќ, Синан Алимановиќ, Пецо Петеј, Владо Правдиќ, легендарниот клавијатурист на Бијело Дугме кој музичката кариера ја започна во Индекси, и гитаристите Мурис Варајиќ, но и нашиот басист Иван Кукиќ. Од публиката, на Иван му дадоа поддршка Ленче и Горан Кукиќ, неговите родители.
А на сцената, убав спој на млади и поискусни пејачи, повеќе или помалку познати за македонската публика, но сосема неважно. Најважното, очекуваното од овој концерт го добивме. Враќање во старите убави и побезгрижни времиња, љубов и сеќавање на него.
Легендарниот Даворин Поповиќ, заштитниот знак на „Индекси“. Спомените на шарматниот Давор, омилен кај колегите, момчето од сараевските улици, кој самиот себеси едноставно се нарекувал пејач, прекар кој мј остана до крајот на неговиот живот, до 2001 година, и до денес. Не е лесна задача да се испеат сите овие песни после Даворин. А тоа мајсторски го одработија: Дадо Топиќ, Саша Драгаш, Нено Белан,, Дино Јелушиќ, Нермин Пушкар, Бојана Стаменов, Амел Ќуриќ, Сара Војичиќ, и Дејан Цукиќ кој беше и одличен говорник на оваа прекрасна вечер. За жал, Бранко Ѓуриќ-Ѓуро се разболел по завчерашниот концерт во Белград и поради вирус не допатувал во Скопје. Придружни вокали пееше иЖељка Катавиќ- Пиљ, која на времето пеела придружни вокали и на Даворин. Заедно со Дадо Топиќ, таа ја испеа песната посветена Даворин, „Пјесма о Давору“, која го опишува животниот пат на „пејачот’“.
Ќе остане да се раскажува дека „Индекси“, групата студенти која ентузијастички го основала бендот во 1962 година во Домот на полицијата во Сараево, 60 години потоа, свиреа во Македонската Филхармонија. Но, и дека концертот го започнаа со овации, а го завршија спектакуларно, вон планираното сценарио. Со Дадо Топиќ, „Индекси“ зад него и сите колеги до него кои заедно со публиката, на цел глас ја пееја „Македонија“.
Идејата за овој убав концерт и сеќавање на „Индекси“ е на продукцијата „Мјузик тајм“ од Загреб, кои најавија уште еден интересен настан во Филхармонија, со наслов „Има нека тајна веза“, на 19 ноември.
Милица Џаровска
Фото: Вангел Тануровски