Женски магазин во Анталија: Бисерот на турската ревиера и рајот за туристите

Провинцијата Анталија се наоѓа во југозападниот дел на Турција и има излез на Средоземното Море. Се нарекува и Турска ривиера поради прекрасните плажи и чистото и сино море. Сонцето таму е загарантирано скоро 300 дена во годината, а морето воодушевува.

Ја нарекуваат и центар на турската ривиера кој нуди многу можности за незаборавен одмор: од сместување во врвни хотели и одморалишта и капење во топлото море, до многу природни и историски атракции. Покраината, има свој уникатен сјај и атмосфера, која може да се почувствува само доколку ја посетите.

Анталија е една од главните места за одмор во Турција и им се допаѓа на сите и на млади и на возрасни. Семејствата со деца и луѓето кои само сакаат да се релаксираат ќе ги најдат вистинските плажи за да ги задоволат своите потреби. А доколку сте личност која бара повеќе акција, ќе најдете широк спектар на активности, во и надвор од водата, за да се забавувате.

Во последните децении многу се инвестираше во туризмот, а доказ за тоа е количината и луксузот на хотели и одморалишта.

Ова се само кратки информации, или накратко запознавање со преубавата Анталија, а вака се одвиваше нашето седумдневно незаборавно патување.

Вообичаено, кога се патува во Анталија најчесто тоа се прави со авион. Па додека се собереме сите оние кои бевме поканети да бидеме дел од патувањето, додека се запознаеме, поздравиме, токму тогаш започна и официјално оваа седумдневна авантура која беше во организација на туристичката агенција „Фибула“ и авиокомпанијата „Туркишеирлајнс“. Бидејќи патувавме „off-seasson“ менувавме два лета, првиот Скопје - Истанбул, вториот Истанбул – Анталија. Новиот аеродром во единствениот град во Европа кој се протега на два континенти, Истанбул е повеќе од фасцинантен. Огромен, модерен, но добро обележан, нема шанси да се изгубите или да не се снајдете. 

А за време на летната сезона има директни летови од Скопје до Анталија, летот е околу 2 часа, а вашиот трансфер до хотелот во кој ќе престојувате е од половина час до 2 часа пат (најчесто со автобус од туристичката агенција во кој има и водич) до најоддалеченото место од аеродромот - Аланија.

Секое патување е напорно, особено кога менуваш два авиони, но секогаш кога крајната дестинација ти е море, заморот како магично да исчезнува. Пристигнавме во првиот хотел Gypsophila Club Marine во Кемер, кој остави посебен впечаток кај секој од нас, прво затоа што беше прв, но и затоа што не е стандарден хотел (зграда) со многу апартмани, туку затоа што беше огромен комплекс составен од поединечни кукички – викендици изградени во бујна вегетација, место кое дава душевен мир и каде 100% ќе заборавите на сите проблеми.  

А пречекот во хотелот, сите преморени и некако изгубени, не‘ пречекаа со коктелчиња, турско кафе и секако мини шведска маса.

Турците се навистина гоооолеми домаќини, луѓе кои знаат како да ги задоволат гостите и секогаш да им удоволат на сите, па дури и на најприбирливите.


Предност на хотелските комплекси во Анталија е тоа што нудат најразлични кулинарски традиционални, но и интернационални јадења. Нудат активна и забавна анимација за деца и возрасни. Хотелите се погодни за семеен одмор со деца, бидејќи имаат детски клубови, анимации, игралишта, детско мени во рестораните. Некои хотели имаат лизгалки на вода, забавни паркови, па дури и мини зоолошки градини.

А доколку сте од оние лица кои не сакаат одморот да го поминат само лежејќи покрај плажа или базен, хотелите нудат широк спектар на спортски активности: тенис (некои комплекси имаат повеќе од 10 терени), одбојка на плажа, кошарка, мини фудбал, аеробик, пикадо, пинг-понг, зумба...

Хотелите во Анталија се многу поелегантни, тоа се најчесто огромни комплекси, распослани на области кои тешко се заобиколуваат за време на вашиот престој. Секако, има и помали хотели од „урбан“ тип со 3 и 4 ѕвезди.

Секој хотел во Анталија е како мини градче

Предностите на хотелите во бисерот на турската ревиера се предуслов за активна и целосна рекреација. Во Анталија и нејзините околни одморалишта, особено 30-тината хотели кои ги посетивме ние во регионите Кемер, Кунду, Белек, Сиде и Аланија доминираат хотелски комплекси со 5 ѕвезди. Овие хотели имаат големи површини, развиена инфраструктура, широк спектар на услуги, одлична храна и пред се‘ услуга. 

Да не заборавиме и на секогаш, ама навистина секогаш насмеаниот персонал од оние кои се на рецепција, до носачите на куфери, собарките, менаџерите, келнерите, барманите, лицата задолжени за забава...

Хотелиерите од Анталија се горди што храната која ја служат е домашна, особено Аланија, единствениот град во областа кој ништо не увезува. А токму во провинцијата Анталија се проиведуваат и одгледуваат над 125 видови на овошја и зеленчук.

Во екипата освен претставници на медиумите, водители, инфлуенсери, блогери, маркетинг лица имавме и туристички работници од Фибула, кои заедно со авиокомпанијата Туркишеирлајнс беа организатори на патувањето. Овде морам да го спомнам и водичот Харис, кој беше супер лик, се трудеше во секој момент да не‘ запознае со интересни информации, легенди и факти за маѓичната Анталија.

Како што ни откри тој, во Анталија во 2019 година најмногу туристи имало во областа Кемер, а во 2021 во Сиде. Додека македонските туристи според информациите кои ги добивме од Харис, најмногу ги одбирале Сиде и Аланија како дестинации за одмор.


Повеќете од хотелите работат цела година, сите сезони, 24/7, останатите работат сезонски, од 15 април до крај на октомври. 

Поголемите, или поелитните хотели имаат и свои терени за голф, тенис или за други спортови. Исто така интересен детаљ е производство, односно дел од хотелите имаат свои плантажи на кои одгледуваат овошје и зеленчук кое го служат во своите ресторани.

Вртам низ фотографиите и видеата што ги направив во огромен број од телефонот за време на патувањето. Да се присетам на многуте убави нешта, детали и моменти. Ама можам слободно да тврдам, дека и покрај различноста на секој од нас како група, еден момент не‘ сплоти сите, т.е некако ни направи посебен ќеиф, онака убаво на душа. Во хотелот Terrace Beach Resort во Сиде во кој најголем број од гостите минатата година биле Македонци, не‘ пречекаа со каранфил, коктели, саксофонист, но најнеочекуваното беше интонирањето на Македонската химна.  

Специјално за нашата инфо-група имаа подготвено забавен дел со танцување, со здравица, а и насекаде во хотелот стоеше нашето знаме - македонското. 

Хотелот се наоѓа на 4 километри од градот Сиде и на 65 км од аеродромот во Анталија.  Комплексот нуди песочна плажа, отворен и затворен базен, лизгалки на вода, попладневни закуски на плажа и покрај базен, бифе, фитнес центар, вечерни забави. Овој хотел со пет ѕвезди ќе ви овозможи удобност и луксузен одмор, а од идеална локација можете да го посетите и доживеете сето она што Анталија може да го понуди.


Видео: Хотел Terrace Beach Resort во Сиде

Секој хотел кој го посетивме си има свој белег, свој шарм и убавина, нешто по кое се разликува од останатите комплекси, но сепак слични едни на други, особено по турската гостопримливост која надалеку е позната насекаде низ светот. 

Областа Кемер е позната по не многу топлите лета, односно во најтоплите месеци во годината овде е со најмалку 5 степени пониска температура поради планината која гордо стои зад убавите плажи. Белек е познат по песочните плажи и најлуксузните хотели, а Сиде по забавите и атракциите кои ги нудат хотелските комплекси, а Аланија пак ќе ги задоволи желбите на оние што се заинтересирани за историјата, но и на тие кои преферираат плажи и шопинг. Токму во Аланија се наоѓа и една од најубавите плажи во Турција, плажата Клеопатра.

 

Анталија е бисер на турската ривиера и рај за туристите. Она што ја прави Анталија толку величествена е градот сокриен под прекрасните плажи со големиот број на високо луксузни хотели кои ви нудат сѐ што ќе посакате. За оние кои се со авантуристички дух, провинцијата нуди голем број на туристички места кои се интересни и вреди да се посетат, ова се само мал дел од нив:


Едно од најатрактивните туристички места во Анталија е големиот аквариум. Место во кое уживаат сите генерации.  

Аквариумот има повеќе од 10.000  видови на риби. А можеби најзанимливиот дел е хранењето на риби, односно два вида риби може да ги храните и вие, едните од нив се хранат со шишња за бебиња, а другите со ракчиња. 

Друго „must seen place“ во Анталија е стариот Антички град во Сиде, или како што го нарекуваат музејот на отворено... Архитетктонски споменици, чиста пространа плажа, топло време, мирис на свежо подготвено кафе и специјалитети од морето, но и многу легенди се дел од оваа историско место.


А, можеби најинтересното, особено за најмалите е огромниот комплекс Land of legends“. Ролеркостери, вртелешки, топогани, водни паркови, плажа со вештачки симулации на бранови... Во комплексот има и хотел, а токму таму можеби беше и најшарениот пречек со кој не‘ удостоија. Не‘ пречекаа колоритно и весело, со гумени бомбони во сите бои и форми. 


Ова е само мал дел од убавата и топла Анталија, која во секоја сезона е подготвена за туристи, а особено во лето, затоа не чекајте и годинава посетете ја.


Н.М.


Фото и Видео: Женски магазин

ГАЛЕРИЈА: