Националната мрежа против насилството врз жените и семејното насилство го отвори првиот фонд за парична помош на жените жртви на насилство што сакаат да ја напуштат насилната средина – Интервентен женски фонд. Отворањето и промоцијата на Фондот е во рамките на глобалната кампања „16 дена активизам против насилство врз жените“.
Фондот ќе биде наменет за помош на жени што се жртви на насилство и кои сакаат да ја напуштат насилната средина. Иницијалната помош ќе биде за обезбедување медицинска документација, извештаи од специјалисти, за ангажирање адвокат до моментот на добивање бесплатна правна помош, како и други итни мерки за поддршка на жената да излезе од насилната врска.
Националната мрежа изготви критериуми за тоа кој би можел да добие средства од фондот, како и за процесот на доделување на средствата. Еден од основните критериуми е жената да биде подготвена да ја напушти насилната средина.
За полнење на фондот, покрај повикот до локалната самоуправа и до приватните фирми, Националната мрежа ги повикува и сите физички лица што сакаат да им помогнат на жените жртви на насилство да донираат на броевите на „Оне. Вип“ – 143 477 и на „Т-мобиле“ – 070 143 300.
Жиро-сметка за донации: 200003247799194, Стопанска банка АД Скопје.