5 години поминува низ пекол, лекарите ѝ даваа 8% шанса дека ќе го дочека овој Божиќ: Храбро им пркоси на сите лоши прогнози

Божиќната желба ми е здравјето да ми се подобри, а моето чудо што веќе немам рак, вака ја започнува својата исповед жена која пет години се бори со опасна болест

На Дебора Џејмс, водителката и мајка на две деца од Велика Британија, во 2016 година ѝ беше дијагностициран малигнен рак на дебелото црево. Докторите тогаш ѝ рекле дека шансите да живее уште пет или малку повеќе години се само осум проценти.

Тие пет години се навршуваат следната недела. А таа успеа и покрај сите прогнози.

- Ги оплакував сите настани што мислев дека ќе ги пропуштам; како мојот 40-ти роденден, децата во средно училиште, славење на уште еден Божиќ, нови украси на елката. И сега еве ме, го прославив мојот 40-ти роденден, ги испратив децата во ново училиште и подготвена сум да прославам уште еден Божиќ со рак - изјавила Дебора која обожава божиќни украси.
- Опседната сум со нив и секоја година избирам нови и секој има своја приказна. Длабоко во себе, вистинската причина зошто тие се толку посебни за мене е магијата што сакам да ја оставам зад себе. Ако не стигнам да бидам таму за следниот Божиќ, мојата колекција украси ќе стигне. Ги замислувам моите деца како ги распакуваат заедно и се смеат на тоа колку била пресреќна нивната мајка и колку го сакала Божиќ. За тој прв Божиќ без мене, се надевам дека блескавиот неред ќе донесе насмевка на нивните лица - вели Дебора додавајќи дека не може доволно да му се заблагодари на сопругот.

- Мораше премногу пати да биде и тато и мама и негувател. Носејќи ме низ најтемните времиња - признава Дебора. А најдобриот совет што го добила е да оди чекор по чекор.

- Пред само шест месеци идејата за Божиќ и мојата петгодишнина изгледаше недостижна. Лековите кои ме одржуваа во живот престанаа да делуваат. Имав итна операција на жолчното кесе, по што следеше првиот напад на сепса, по што следеше хемотерапија - откри таа и додаде дека пред шест недели повторно завршила во болница откако се разбудила со чувство на умор.

- Бев толку слаба. Мојот сопруг мораше да ме однесе до автомобилот и во болница. Тестовите подоцна покажаа дека се борам со три типа на бактерии во крвотокот. Инфективниот колитис предизвикал сепса. „Мојот стомак порасна до тој степен што изгледав како да сум во деветиот месец од бременоста“, вели таа.

Моментално се уште се опоравува и признава дека има денови кога веќе не може и сака да се откаже.

-Колку подолго живеете со неизлечив рак, толку повеќе се исцрпувате. Давам се од себе за да го живеам животот во потполност, но оваа болест има начин да го претвори животот во хаос без предупредување - вели таа и додава дека сè уште не се вратила на хемотерапија бидејќи нејзиното тело е премногу слабо за да го поднесе тоа. Повторно засукувам ракави и подготвена сум да издржам се што ќе ми донесе 2022 година. Сè што сакам од Дедо Мраз оваа година е да видам уште еден Божиќ после овој. Мојата Божиќна желба е здравјето да ми се подобри, а моето чудо би било повеќе да немам рак. Можеби ова е само еден од многуте Божици што стојат пред мене. Тоа навистина би било моето божиќно чудо – вели на крајот Дебора, а пренесува The Sun.

извор: stil.kurir