Аки ми рече: Брат, сакам да умрам на твоето рамо – Ацо Црногорец, другарот на Рахимовски се сеќава на рок легендата

Аки Рахимовски и познатиот скопски рокер Ацо Црногорец биле другари 52 години, и заедно со Гарабет Тавитјан свиреле во групата „Тор“.

Ацо Црногорец евоцираше спомени на Рахимовски на собирот во чест на Аки, кој се одржа на Плоштадот Македонија, а го организираше радио „Буба мара“. Пријатели и почитувачи на легендарниот рокер кој почина во саботата во Ново место во Словенија, ги пееја неговите најголеми хитови и се потпишаа во книгата на жалоста. Беа запалени и свеќи во чест на скопјанецот кој стана една од најголемите рок ѕвезди во поранешна Југославија.


-Аки не ми беше другар, не ми беше брат, тој е дел од мене, бевме заедно 52 години. Се слушнавме последно на 10 јануари, и се договаравме да се видиме во Скопје кога ќе дојде. Пред три години, кога доаѓаше во Скопје, го пречекавме со Ситна на аеродром, отидовме заедно на испазариме, и направивме ѓезме во негова чест. Одеднаш, Аки ми се фрли на рамења и ме прегрна. Брат, кога ќе умрам, сакам да умрам на твоето рамо. Еве, утре со Ситна патуваме во Загреб, да го испратиме“, ни раскажа музичарот. Тој додаде дека не сака да прави фама од неговото пријателство со Рахимовски ниту ќе може да го третира како позната личност, туку само неговиот Аки.


Музичарот Здравко Ситновски- Ситна се’ уште не може да поверува дека го загубил својот другар кој во неделата требал да дојде во Скопје, да ја види болната мајка која е сместена во дом за стари лица.


-Мајката на Аки се’ уште не знае дека тој почина. Ѝ го тргнаа телевизорот, сите медиуми кои од кои може да дознае. Таа била мноу среќна што повторно ќе го види својот син. Сепак, им рекла на сестите од домот: Искапете ме, средете ме, можеби син ми нема да дочека да ме види жива, можеби ќе умрам пред да дојде тој“, ни раскажа Ситна.


Познатите скопски музичари, се дружеа со Влатко Стефановски кој исто така дојде да се потпише во книгата на жалоста и да му оддаде почит на скопјанецот кој изгради голема кариера како фронтмен на „Парни ваљак“ во Загреб.

Меѓу многуте песни од „Ваљак“ кои се пуштија на настанот, силна емоција остава преработката на Аки на легендарната песна од Пепи Бафтировски, „Ако згрешам, нека изгорам“, која во негова чест ја испеа акедемскиот хор „Мирче Ацев“. 


Милица Џаровска

Фото: Вангел Тануровски