Утринско кафе со Александар Здравков: Денот ми почнува со молитва

Професионално се занимавам со музика и бидејќи за викенд најчесто настапувам или свирам некаде, станувам подоцна.

Во обичен работен ден, се трудам да се будам малку порано. Денот најчесто ми почнува со доручек и молитва. Кафе не пијам секогаш.Но, кога тоа се случува, најчесто кафето го пијам сам.

Ме мотивира и инспирира љубовта кон Бога и луѓето кои се за пофалба. За жал, ги има се помалку. Сепак ми дава надеж фактот кога ќе видам дека меѓу нас се уште постојат луѓе што сакаат да помогнат, да направат добро дело и да подадат рака. Накратко, ме мотивира љубовта.

Моите обврски во текот на денот се разликуваат во зависност од тоа кој ден од неделата е. Работам во едно приватно музичко училиште во Прилеп, па најчесто работните денови ми се окупирани со тоа. За викенд како што кажав најчесто имам настапи.

Денот ми завршува најчесто во домашна атмосфера, со најблиските, гледајќи телевизија. Некогаш читам книга или одам во посета на најблиските роднини.

Што се однесува до тоа дали сакам да изгледам добар филм или да прочитам добра книга, зависи од расположението во текот на денот (се смее)

Сепак најчесто повеќе сум наклонет кон гледањето добри филмови кои имаат добра и морална поука.

Александар Здравков, музичар и пејач