Ана Бунтеска: eден ден, ѕверо’ите поарни од чо’ек ќе станат

Во мое време, чупе

Луѓето ишарет си даваа

Белег некој оти си се бендисале

Ете, чупињата под око гледаа

Та преку овој-оној абер ќе се стореше

И љубов ќе расцутеше

И ќе се задомаќинеа децата

И од нив рожба ќе излезеше

За да се порадуваат и старите (дур’ уште можат)

Куќите на нов живот да замирисаат

А денес?

Денес не ве бива

Ич не ве бива, чупе

Демек знаете сè за светов

А неуки во душите останувате

Знаете за ѕвезди и за наука

Ама за чо’екот не знаете

И не се мајтапи со мене

Оти тоа се учи по биологија

Не се мајтапи со стар чоек

Слушај ко’ ти кажувам

Ништо за чо’екот не знаете

За душата негова

За срцето кога страда

И неуб’о на градите ко’ му е

Знаете само доктори да си играте

Со апо’и да се наклукате

А за спокој улави и неуки ќе останете

И такви од овој свет ќе си заминете

Слепи при очи

Глуви при уши

Сакати при раце за да допрете со љубов

Со нежност чо’ек да го полулате

И да го погалите к’о мало дете

Утеха и надеж да му да’ете

Ех

Годините да ви ги имам, чупе

Годините да ви ги имам, ама умот не

И да можам овој ум да ви го да’ам

Ако нема многу ука

Ако толку книги не сум исчитала

Оти мене за вас ми е жал

Учени

А толку сиромашни и без дикат

К’о да немате уста за уба’и зборо’и да навезете

И милоста во очите к’о да ви пресушила

К’о луѓе-нелуѓе

Та ѕвероите поарни еден ден од чо’ек ќе станат

Ех чупе, чупе мое

Во мое време многу работи немаше

Ама со чоештина стално се гоштевавме

Оти тоа ќе ти остане

Тоа на душата уб’о ќе ти пра’и

За то’ срцето ќе ми ти чука

И ко’ ќе имаш деца еден ден

Да не им викаш ако не учат

Туку оста’и ги луѓе да бидат

Оти децата најдобро знаат

Со чиста мисла и бела душа се

Не викај им, туку од нив ти да научиш

И сполај ви да им кажеш

Луѓе да станат

Свои да се

За твои да ти останат

Чупе мое, пиле мое


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска

Фото: Стојан Стојановски