Колку кошта раатот?!

Добивај вести на Viber

Се сретнувам пред некој ден со еден пријател, стар пријател, со кого се немавме видено години наназад. Животните околности се наместија така што, тој отиде на еден крај, јас останав на овој крај на светот.

За тоа дали таму-некаде е поубаво, од овде и што е тоа што човек го добива таму, а го остава тука друг пат ќе пишувам. Но сепак некако длабоко мислам, дека како што стапот има два краја, кој главно се исти, или слични вистини, така и светот има два краја, кој главно се исти, или слични вистини. Иако ова никогаш не сум го проверила директно, бидејќи откако сум родена - тука сум. 

Разликите на оваа тема, можам само да ги воочам, кога еве вака некој мој драг пријател, после неколку години ќе се врати од „таму некаде“ и кога ќе се сретнеме на салата и ракија у Дебар маало, па ќе видиме кој до кај стасал и дали „преко баре“ е боље, или сепак оваа „баруштија“ овде е нашата „мека и медина“- татковина и дедовина. 

У принцип, мислам дека е многу важно, кој што сака од животот. Тоа е едно многу комплексно прашање, чии одговор, ретко кој го знае на време. Обично откако неколку пати ќе го завртиме животот наопаку и откако ќе видиме дека пак се враќаме на појдовната точка, тогаш стигнуваат одговорите.

Ова е навистина длабока и по малку „опасна“ филозофија, чија што Пандорина кутија не би сакала сега да ја отворам, особено што мислам дека секој човек на светот, има своја посебна шифра за оваа кутија.

На пример татко ми викаше дека нему во животот најважен му е раатот. Под раат се подразбираше да си ја среди бавчата-која ни беше зад куќата и во која имаше насадено патлиџани, краставици, по некоја тиквица, зелена салата и на едно сосема мало парче земја, околу еден квадрат, беше насаден магдонос, малку морков и пашканат, што се вика „комплет за супа“.

Раатот на мајка ми, пак не беа баш толку „само“ овие нешта. Но со тек на време, а тоа е времето кога заедничкиот живот подразбираше компромис и нејзиниот раат стана сличен со оној на татко ми.  Ружите, кајсиите, вишните, дуњите и смоквата, од предната страна на куќата.

Ова е во времто кога речиси секоја куќа во Тафталиџе имаше ваква приказна.  И просто како секој од домаќините и домаќинките да се натпреваруваше чиј двор ќе биде поубаво среден, или чија тегла компот, џем, или слатко ќе биде повкусна и поубаво спакувана.

Понекогаш им се лутам поради ова, бидејќи поради овој нивни раат ние, брат ми и јас, моравме за сè што сакаме екстра во животот сами да си се избориме.

Ништо, ама буквално ништо не ни дадоа на тацна.

Освен слатко од смокви.

Слушам во последно време, дека многу од мојте пријатели „умни глави“, кои успеаа да направат пари, што на чесен, што на помалку чесен начин дека сега се собираат, односно се здружуваат во нешто како комуна. Купуваат плацеви по некои од скопскиве села и почнуваат да произведуваат домашна храна.

Не за масовно производство, туку за себе. Го менуваат начинот на живот.

Ги продаваат своите бизниси, или се откажуваат од своите „опасни“ професии и со парите купуваат земја.

Си велам. Дали си го купуваат раатот. Веројатно ДА! Всушност немам дилема. Си го купуваат раатот. 

Ми текнува на онаа приказната со рибарот, кој си ловел риба на еден брег и на кој му пришол еден млад човек.

Гледајќи го колку добро му оди му рекол да си купи чамец, за да лови повеќе, па после чамецот да купи брод еден, па уште еден, па уште еден. Па продавница, па уште една продавница, па фабрика, па ланец.

- И!? Му рекол старецот.

- После!?

- Па после ќе уживаш, ќе си седиш, ќе си уживаш и ќе си ловиш риба.

- Па сега што правам!?... рекол старецот.

Отприлика за вакви теми зборувавме со пријателот, со кој се немавме видено со години.

Всушност тој сакаше да си ја извади душата на астал, во Идадија, во Дебар маало и да ми ја покаже и на лице и превртена наопаку.

Единствено тука можам да го сторам тоа -рече!

Од сè што заработив таму, не добив ништо повеќе од животот. Можеби некој квадрат повеќе станбен простор, некоја коњска-автомобилска сила повеќе, еден-два рачни часовници, неколку пара скапи чевли, кој ако ми веруваш немам каде да ги облечам.

Ја видов Америка, но не видов ништо друго.

Планирам да се вратам тука, да купам плац во Стајковци, или во Раштак и да насадам патлиџани, краставици, по некоја тиквица и зелена салата… И многу сакам едно мало парче, не повеќе од три-четири квадрати на кое ќе засадам малку магдонос, по некој морков и пашканат. Знаеш, она што се вика комплет за супа.

Знам, знам…

Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин