Паметно да го „средиш“ глупавиот и да му покажеш каде му е местото

Добивај вести на Viber

Дали попаметниот попушта?

Всушност дали попаметниот воопшто треба да попушта?

Ова ми е една многу чудна теза.

Односно, безмалку спротиставена теза.

Зошто попаметниот би требало да попушти?

Бидејќи е попаметен!

Хм…!

Од кого е попаметен!?

Од поглупавиот наспроти себе? Од ситуацијата во која случајно, или намерно се нашол…? Или е попаметен од самиот себе во моментот?

Не знам баш. Многу ми е, од една страна филозофска темава. Всушност доволно филозофска, за да служи да се дебатира и дискутира за неа, бидејќи мерните единици за умност не се баш јасно и прецизно дефинирани во праксата и во секојдневниот живот, односно на терен. И мислам дека речиси и не може да се дефиираат. Тој што е паметен дома, не мора нужно да значи дека е паметен и „на улица“,односно во чаршија. Сакам да речам во секојдневниот живот, или во ситуации кои ни се случуваат секој ден.

Од друга страна оваа теза мене ми нуди, односно мислам дека му нуди „екскјуз“, на оној кој во дадениот момент ќе се прогласи за попаметен и ќе се повлече од „битката“, во која што би требало, ако е попаметен да победи.

Ако е попаметен, нели би му требале еден , два, или три потези за да ја „преврти“ ситуацијата во „паметната насока“. 

Особено ако се претпостави дека таа „паметна насока“ е всушност општо добро.

Лично сметам дека попуштањето пред глупавиот е опасна работа. И тоа мошне опасна работа. Во било која сфера од меѓучовечките односи.

На пример родител-дете. На пример брачна релација, одосно маж-жена. На пример одонс вработен-претпоставен, или колега со колега. На пример другарски, односно пријателски релации. На пример политичари-граѓанство. Итн, итн….

Во било која од овие релации повеќе, или помалку, ако попаметниот попушти, тој е директно одговорен за просторот со кој му овозможил на „поглупавиот“ од себе, да ја прошири својата територија. 

Себично, калкулативно и опасно е тврдењето дека попаметниот попушта.

Еве на пример да ја земеме релацијата родител - дете.

Родителот знае дека не треба да му попушта на детето во ситуација кога детето „седумнаесет“ саати поминува на телефон. Многу му е јасно на родителот кај води овој момент. Не треба да му попушта ниту кога се работи за учење, читање лектири, создавање работни навики…

Родителот како попаметен треба да знае нели дека не треба да му попушта ниту кога е во прашање почитта кон наставниците, или професорите, бидејќи со ова попуштање тој му ја попушта цела основна животна теорија. Всушност родителот му ги „попушта“, сите конци, штрафови и животни карики на своето дете. И му создава несигурна, лабава и лесно рушлива патека за живот, на своето дете. Всушност родителот знае, дека со било кое од овие клучни попуштања, прави „дебил“ од своето дете. 

Во релацијата пак маж-жена на пример, ако да речеме мажот е попаметен, ( со сите претходни претпоставки за релативноста на умноста-но еве да речеме дека е така), па и попушта на својата жена да не готви ручек, туку да порачува од кафана секој ден, да не ја вика мајка му, односно семејството на ручек, да го прави мајмун во друштвото и пред пријателите, секој пат да ја „боли глава“ кога тој сака да водите љубов со неа и ред други попуштања под претпоставка дека сево ова мажот не го прави среќен, туку попушта само затоа што е попаметен, тогаш, опасноста на попуштањето е огромна. Со тек на време ова релација станува болна, несреќна и распадната, или самиот човек, станува болен несреќен и распаднат.

Ако пак жената, под претпоствата на попаметноста му попушта на својот маж да ѝ вика, за сè нешто, или за било што, да не речам да ѝ се дере за сè нешто, или за било што, да не ѝ купува цвеќе, да не смее да го праша каде бил и кога ќе се врати, да не сака да оди на викенди, или на одмори со неа, да троши пари по кафани и кладилници, да заборава на годишници и родендени…тогаш под истата претпоставка како во обратниот случај, ако жената овие нешта не ја прават среќна, туку попушта поради мир у куќа, под превезот на „попаметоста“ вие и во тој случај имате болна, несреќна и распадната и жена и релација. 

(простете за набројаните баналности и во двата случаја, но тоа се неретки примери, кој многу често се случуваат во нашите семејства, токму од причина што “попаметниот попушта“.)

Исто така ако и во работните односи и тоа во која било релација вие му попуштате на својот колега, на својот претпоставен, или на својот вработен, за јасно видлива глупост и тоа повторно под превезот на попаметноста, се ставате себе си во опасна ситуација да бидете изигран, наместен и на крајот да искочите многу поглупав, од колку што реално сте!

А!? Или пак можеби не сте!?

Можеби попаметниот и не е толку паметен колку што се мисли дека е. Можеби е само послаб. Некој ќе рече повоспитан, па затоа се повлекува пред глупоста и безобразлукот на другиот.

Е тука е кечот. Да останеш сево ова, а да не се повлечеш пред глупоста туку паметно да го „средиш“ глупавиот и да му покажеш каде му е местото.

Откажувањето под превезот дека попаметниот попушта е чист комформизам, кој што на долги стази е погубен и многу опасен.

На крај ѝ дозволуваш на глупоста да царува, да владее со тебе, да ти биде претпоставен, да ти биде премиер, или претседател, да ти биде претпоставен на работа, да ти биде работник, да ти биде маж, или жена, а ти несреќен да седиш во својата фотелја, читајќи го „Идиот“ од Достоевски. 


Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин