„Станав свекрва“ - Чин кој значи второ сечење на папочната врвца

Добивај вести на Viber

- Како снашка!? - ја прашувам пред некој ден една пријателка, која неодамна стана свекрва.

Така се вели во народот нели.

А “стана свекрва“, мене ми е толку чудно, бидејки навистина не знам што значи тоа да станеш свекрва.

Единствено нешто што прифаќам дека се станува е мајка, татко, баба, дедо… Толку.

Кога стануваш мајка, татко, баба, дедо, ти добиваш специјална улога во животот. Се грижиш за своето чедо. Го негуваш, го растеш, го воспитуваш…

Бабата и дедото се тука да помогнат. Да причуваат, да прочитаат по некоја приказна, да раскажат приказни од својот живот, да ги научат внуците на шах, карти, не лути се човече… Може и ако се помлади да ги прошетаат во парк, на лулашки и во зоолошка.

И толку…

Ниту да им кажуваат на родителите “вака треба, така треба“, бидејки времињата постојано се менуваат, а генерацискиот јаз, секогаш си го прави своето.

На крајот на краиштата, од памтивек, децата најдобро се учат од она што го гледаат. Примерите биле и ќе бидат најдобар воспитувач на сите деца.

А “стана свекрва“ навистина не знам што значи.

Бидејки мислам дека ние мајките со синови, само играме и се веселиме на свадбата во која нашите синови, се венчаат со жената која тие си је одбрале да им биде партнер до крајот на животот.

Овој чин јас го доживувам како второ сечење на папочната врвца. Во која смисла!? Да не серазбереме погрешно.

Мајката до овој момент, требала сто пати да ја пресече папочната врвца со својот син, кој треба да е свесно и самостојно битие. Да е свој човек, кој стои зад секоја своја животна одлука. Бидејки од друга страна, само таков човек, може да направи добар избор. Сите синови кои се под влијание на своите мајки, бираат жени кои треба да им се допаднат ним, на нивните мајки, а не на нив самите. И тука почнува голготата.

Затоа велам дека свадбената церемонија е само конечното сечење на папочната врвца.

Тоа не значи дека веќе ни кошула нема да ти испеглам, или да дојдам да ви зготвам нешто на брзинка. Не… Тоа всушност значи улога, без улога.

Односно споредна улога. Само онаа свекрва, која ќе добие оскар за споредна улога ја признавам.

Свекрвите кои се борат за оскарот за главна женска улога, добиваат “златна мална“ за животно дело.

Всушност најголемиот за*б се случува, кога комуникацијата оди преку синот.

Не станува збор само за тоа дека свкрвата ќе ги нотира мааните на снаата и ќе му ги “отвара“ очите на синот. Не тоа е крајниот “бљак“.

Станува збор за тоа дека таа “ни со брк не смее да мрдне“ кога е жената на синот во прашање.

Бидејки секоја интонација, мимика, гримаса е нешто што нејзиниот син веднаш ќе го забалежи и тоа ќе му ги “чепне“ мислите. Ич да не е ќе го насекира.

А оскар за споредна улога се добива, токму поради интонација, мимика и гримаса. И тоа, само тогаш кога се тие совршени. Односно без грешка. Одглумени, или не сеедно. Ако веќе не се природна состојба, многу е добро да се научат и да се извежбаат за да можат да се одглумат.

Доколку некому тешко му оди ова, тогаш има и уште еден начин.

Многу е пофраерски да ја викнеш снаата, односно жената на твојот син на кафе и да и кажеш. Се разбира, ако претходно сто пати си се пресушала дали тоа што имаш да го кажеш “држи вода, или не“.

И ова не е твоја работа, но еве да речеме дека има некој нешта, кој те бургијаат одвнатре, сакаш да и ги кажеш, бидејки намерата ти е чиста и добра. А тоа се гледа и се чувствува. Е тоа веќе не може да се одглуми.

И затоа само ако нејзе и ги кажеш тие нешта, тие ќе дојдат на права адреса и ќе имаат смисла и ефект.

Дури и да не се согласи со тебе, или да не мисли така, го избегнуваш товарот на “расипан телефон“, или уште пострашниот товар наместо шеќер, сол да ставиш во кафето.

Сте пробале некогаш такво кафе!? Нема пострашна голтка во животот.

И затоа сите ние кои имаме синови, единствената работа, за која од моментот кога ќе се изнаиграме и изнарадуваме на свадбата на својот син, со жената која тој ја одбрал да му биде партнер, за до крајот на животот, значи единствената работа за која треба да се бориме од тој момент, па натака е да освоиме оскар за споредна женска улога. Се друго е голтка кафе со сол.

Инаку како снашка!?, ми беше муабетот..

Ах како…, ми вели. Се додека не влезе во куќа се беше како што треба. Како влезе, така почна веќе, ни кфе да не ми вари..

Аман бе-велам…

За ова следниот пат.

Дотогаш не заборавајте свекрви… оскар за споредна женска улога…

П.С На крајот на краиштата, тие се меѓу првите кои се доделуваат на церемонијата на оскарите, а оскарот за главна женска улога меѓу последните. Баш фина случајност.


Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска


*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин