„Црната боја, навидум наједноставна и за многумина здодевна, за мене претставува најголем камелеон“: За стилот со Кристина Апостолова

Пронаоѓањето на вашиот личен стил е како патување, а насоката по која се движиме често се менува со текот на годините.
Иако веројатно ќе поминете низ многу различни модни изрази во текот на вашиот живот, во одреден момент, многу луѓе сакаат да имаат појасно дефиниран стил, кој го олеснува секое купување и носи хармонична комбинација на парчиња облека кои лесно можат да се спојат едени со други.
Модниот стил е начин на изразување или израз кој се карактеризира со сите карактеристики што го разликуваат од другите. Автентичноста на индивидуата игра огромна улога визулено, но стилот не е само визуелизација, туку начин на живот, однесување, размислувања, ставови...
Што треба да постигнете за да го одредите вашиот личен стил на облекување и преку него да го изразите вашиот карактер и единствена личност?
Тоа можеби најдобро го доловува Кристина Апостолова, уредник во Слободен печат, која има вонсериски стил на облекување и прикажува една прилично силна модна свесност и допадливост. Начинот на кој создава уметност на себе е „зачинет“ со елеганција и екстравагантност, но и умешност која е многу битна за оставење на личен печат.
*Дефиниција за стил?
- Стилот е лична карта на секој човек, кој не треба да го истакнува, а притоа да биде автентичен и оригинален. Стилот зборува за тоа кој си без да оддаде премногу за тебе. Стилот се однесува на посебен начин на изразување на личноста. Стилот е и начин на живеење. Личниот стил е за развивање чувство за себе, наместо едноставно апсорбирање на трендовите. Стилот е безвременски, додека модата најчесто оди во чекор со времето.
*А, Вие стилски се дефинирате како...
- Шик, „кул“, елеганција.
*Што е пресудно за добар стил?
- Минимализам и софистицираност, бестрашност во експериментирањето, без „глас“ што вреска – погледнете ме. Модата е минлив момент во времето. Тоа е уметност, станува збор за поместување на границите и истражување нови идеи. Додека стилот е безвременска форма на изразување. Секој има стил, но каков е тој стил? Некои луѓе се многу визуелни и имагинативни. Повеќето од овие луѓе знаат што е „премногу тешко“ за око, а што е „премногу лесно“ или „празно“ за око...
*Комбинирате елегантно со спортско или сте камелеон во облекувањето?
- Јас не поседувам спортска гардероба. Сметам дека не ми е потребна за да се чувствувам удобно и опуштено (иако за тоа, впрочем, служи спортската облека). Инаку, се трудам да внесам нота на елегантност во сѐ што носам, па макар биле и најобични фармерки и бела или црна маица. Црната боја, навидум наједноставна и за многумина здодевна, за мене претставува најголем камелеон. Токму поради таинственоста, мистичноста, гламурозноста, сексапилноста и минимализмот што се проткајуваат во неа, црната боја може да ве претвори во сѐ што ќе посакате додека ја носите.
*Минимализам, хедонизам, авангарда?
- Минимализам – затоа што ми дава едноставен, тивко забележителен, а впечатлив изглед, хедонизам – затоа што уживам со сите сетила во тоа што го носам (како втора кожа на мене), авангарда – затоа што сум слободна и ми дава чувство дека сум чекор напред со тоа што го носам.
* Гламур или класика?
- Двете, во зависност од периодот на деноноќта и пригодата. Секоја личност што поседува нота гламур во себе, тогаш и најминималистичкото, наједноставното парче облека ќе го направи во гламурозно. Гламурот и класиката се безвременски, немаат рок на траење, немаат животен век.
* Омилени нешта од вашата облека?
- Фармерки, кошули, светки, тантела, комбинезон панталони... И не сум поборник на тоа дека сѐ мора да ми е удобно или практично. Стилските парчиња облека или чевли понекогаш знаат да „болат“, но сѐ додека уживам во тоа што го носам, ја сакам таа „слатка болка“.
*Дали практикувате брендирана облека или не ви е пресудна етикетата?
- Апсолутно не ми е пресудна, иако поседувам брендирани парчиња облека. И повторно тука се наметнува прашањето што е стил, односно добар стил. Сметам дека добриот микс на облеката од вашиот плакар ќе ви даде уникатен, ваш својствен препознатлив стил. Важно ми е облеката да е од природни материјали, да изгледа квалитетно и во неа да изгледам како да е кроена за мене или што би се рекло custom-made.
* Што сакате да постигнете со Вашиот стил?
- Секогаш кога се спремам, прво сакам јас да си изгледам убаво самата на себе, тука го вклучувам моето самокритично око. Одразот во огледалото што ќе го видам, сакам да ме направи среќна и да ми измами задоволна насмевка на лицето. Следствено, тоа веројатно сакам и да го постигнам со мојот стил. Да предизвикам пријатно визуелно доживување.
* Дали ако сте автентична, тоа значи и осудување од нашава средина?
- Автентичноста е за почит и наклон. А, осудување од кого? Кому треба да му е грижа како некој се облекува? Никому.
* На кој дизајнер би му дозволиле да Ви го преуреди гардероберот?
- На овие тројца модни виртуози би им препуштила сѐ – Том Форд, Џон Галијано и Демна Гвасалија, креативен директор на „Баленсијага“. Том Форд поради тоа што на толку лесен начин неговите креации зрачат со софистицирана и гламурозна, но сепак дрска и шик сексапилност, неповторливиот Џон Галијано, бидејќи е најголемиот визионер и виртуоз меѓу дизајнерите и Демна Гвасалија поради луцидноста, авангардноста и храброста во креирањето.
Меѓу македонските дизајнери, сите ми се допаѓаат, речиси од сите би сакала да имам барем една креација во мојот плакар, но ако треба да изберам само тројца, креирањето на мојот стил би им ги препуштила на Јована Филиповиќ, Росица Мршиќ и Никола Ефтимов.
* Што облекувате денски, а што навечер?
- Ќе почнам со боите. Црната боја е секогаш на високото прво место. Потоа ѝ давам шанса на белата боја. Преку ден носам панталони и кошула, фармерки и кошула и секогаш, без исклучок добри чевли, сандали или чизми. Навечер – фустани, шик комбинезон-панталони или панталони со атрактивна кошула или блуза, во црна боја, секако.
* Дали експериментирате со косата и со шминката?
- Никогаш. Сигурно звучи здодевно, но речиси цел живот носам рамна црна коса, а што се однесува до шминката – малку пудра, малку маскара и задолжителен црвен кармин.
Н.Толески