Дали знаеме да се облечеме за Виенски бал: Уште една гламурозна ноќ на 14 март
Дами и господа, се жалевте дека во
Скопје ретко имате можност да ги облечете своите вечерни тоалети и и смокинзи. На 14 март, во скопскиот елитен хотел "Александар
палас" пак ќе имате шанса да го
сторите тоа. Една вечер во годината да го живеете стилот на Виена - со захер
торта, шампањско, виенска шницла и да изиграте валцер на музиката на Штраус.
Се одржува 21.Виенскиот бал, каде по традиција се меша народот со елита, и не се канат политичари. Исклучок беше ланскиот бал, за чиј 20-ти јубилеј беа поканети премиерот Зоран Заев и неговата сопруга Зорица. Не е важно што малку дамски тоалети ќе личат на балски, а мажите посигурно ќе се чувствуваат во вратоврски отколку во пеперутка вратоврска како што налагаат правилата на облекување.
Виенскиот бал во Скопје, кој од 2017 година е ставен и на светската мапа на виенски балови, е во организација на Здружението за културна соработка „Јохан Штраус“, а покровител на оваа уметничка манифестација – Амбасадата на Република Австрија во Македонија.
И оваа година Балот ќе има хуманитарна димензија. Дел од средствата од продадените билети ќе одат за СОС Детско село.
Концептот и на ова издание ќе биде ист како и на изминатите 20 – музика, танц, забава. И оваа година, ќе го почувствуваме автентичниот дух на Виена танцувајќи на Штраусовите валцери, но во Скопје, на Бал, се танцува и на евергрини и на македонски хит-рефрени. Направен е интересен спој на австриската и на нашата култура.
Водител на манифестацијата и годинава како и лани е манекенката и ексмис на Македонија Вера Мештеровиќ.
Л.С.