Децата со атипичен развој ми возвраќаат со многу љубов: Зоран Панчевски држи бесплатни часови за стимулација на нивниот физички и емоционалени развој преку друштвени игри

„Заиграј со нас “ е прокет наменет за деца со атипичен развој од прво до деветто одделение. Проектот има за цел да ја реанимира потребата на оваа ранлива категорија на деца и млади во делот на стимулација на физичкиот, како и социо-емоционалниот развој преку друштвени игри.

Идеен творец на проектот е Зоран Панчевски, дипломиран професор по физичко образование

-Идејата за овој проект ја имам подолг временски период, само што таа требаше да созрее за да се реализира на дело. По природа сум човек кој сака да помага, особено кога се во прашање децата кои имаат проблеми од секаков вид, а особено кај децата со атипичен развој. Голема е ангажираноста и посветеноста на родителите околу развојот на своето дете.Тие се изложени на секојдневни разни терапии и едукации,.поточно обврските се трка со времото, Имајќи го пред очи и примерот во моето потесно семејство се одлучив за овој проект кој пред сè има за цел oтпочнувањето на нов, здрав начин на живот и активна социјализација на децата со атипичен развој – вели Панчевски и дополнува дека да се работи со деца или луѓе кои имаат било каква попреченост потребна е целосна посветеност и љубов без граници.

- Само во тој случај задоволството е целосно и сестрано. Со мојот тим тоа го работиме навистина со голема љубов и посветеност која токму тие деца ни ја возвраќаат повеќекратно и нè прават особено среќни. Честопати кон оваа категорија луѓе има и предрасуди, кои во ниеден случај не се оправдани. Луѓето или децата со атипичен развој се како сите нас, со исти желби, со исти цели, но на своевиден начин поразлични и како такви треба да ги прифатиме. Од ден на ден се повеќе сум среќен затоа што гледам се повеќе луѓето како се менуваат во тој поглед, свеста расте и се подига на повисоко ниво – посочува професорот.

Во проектот се вклучени професионално обучени стручни лица од оваа област кои со безусловна љубов кон овие деца ќе им помогнат во достигнување на одредени цели за развојот на нивната целокупна психофизичка состојба. Часовите се бесплатни. 

-Децата и младите со атипичен развој во секојдневниот живот за жал, многу често се запоставувани, а понекогаш и целосно исклучувани од физичките активности. Верувам дека тоа не се прави намерно, туку поради недоволното разбирање и откривање на способностите што ги поседуваат овие деца и млади.„Заиграј со нас“е иницијатива што ќе им пружи можност на овие деца и млади да го покажат својот потенцијал, да промовираат вклучување во социјалниот живот и да отворат нови можности во сопствените животи – дополнува тој. 

Според него, овој тип на активности се од големо значење за оваа категорија деца и млади, особено за градење на подобар и поквалитетен живот како и надминување на пречките со кои сесоочуваат во секојдневието.

- Отпочнувањето нов, здрав начин на живот, активна социјализација, значи полесно вклопување во модерните текови на живеењето. Откривањето на сопствените потенцијали и капацитети, а воедно и нивна промоција во јавноста, ќе придонесат кон подигнување на свеста и промена на перцепциите како во рамките на целната група, така и во поширокото опкружување. Ова е извонредна можност преку спортот овие лица да бидат препознаени како активни чинители во општеството – посочува Панчевски. .

(С.А.Н)