Допирал насилно десетици жени: Оскаровецот Гудинг призна дека е виновен

Познатиот актер Куба Гудинг Јуниор се изјасни за виновен по една прекршочна точка за насилно допирање, речиси три години откако беше уапсен.

Гудинг имаше кривично судење под обвинение за несакано сексуално допирање на три жени во ресторани и ноќни клубови на Менхетен во 2018 и 2019 година.

Тој беше уапсен во јуни 2019 година, откако 29-годишна девојка го пријавила во полиција, тврдејќи дека без нејзина согласност ја допирал по градите.

После тоа почнаа да се трупаат тужби против него, а десетици жени тврдеа дека доживеале слични непријатности од оскаровецот.

Изјавата за вина на Гудинг се однесуваше на инцидент во 2018 година во ноќниот клуб „ЛАВО“, каде што тој наводно насилно допрел жена на несоодветен начин, а актерот му рекол на судијата дека потоа ја бакнал келнерката.

Неговите адвокати рекоа дека обвинителите биле премногу под влијание на движењето “Me too” за да се обидат да ги прикажат вообичаените гестови или недоразбирања како кривично дело, а обвинителите сакале да повикаат други сведоци, жени кои тврделе дека Гудинг бил насилен.

Досега случајот неколку пати беше одложуван, а неговите адвокати постојано бараа да се намали или отфрли обвинението против него.

Да потсетиме, уште во 2013 година, американскиот актер беше обвинет дека силувал жена во Њујорк.