Џек станува во три наутро за мене: Водителката Спасија пет месеци не го видела сопругот од Австралија

Водителката Спасија Вељановска и нејзиниот сопруг Џеј Грујевски мораа да ја откажат свадбата која со месеци со љубов ја подготвуваа, поради светската пандемија со вирусот Ковид 19. Но, тоа не е единствениот план од кој оваа двојка мораше да се откаже. Спасија, која живее во Скопје и Џек кој е во Австалија се немаат видено од крајот на февруари. Водителката на емисијата „Урбан Таг“ на ТВ 21, ја добила визата за Австралија само еден ден откако се затворија границите. Сега, Спасија и Џек живеат за денот кога повторно ќе бидат заедно, искрено верувајќи дека иако е на далечина, нивната љубов ќе победи.

Спасија и Џек се запознале во Скопје, кога Џек кој е роден во Македонија и долги години живее во Австралија, бил на одмор во Скопје.

„Се запознавме преку наша заедничка пријателка, а потоа комуникацијата продолжи на интернет. Бидејќи тој живее во Бризбејн, Австралија, поради временската разлика од 8 часа најголема жртва ја поднесе тој. Станува во 3 часот наутро пред работа за да имаме повеќе време да си поприкажеме. Што се однесува до неговата професија, има две градежни фирми и неговото темпо е доста динамично, но кога има љубов ништо не е тешко дури и да се тргне „пешки“ од Австралија до Македонија“, ја започна својата приказна шарматната водителка.

„ Ме запроси на 29 декември, во неговиот дом, откако му подготвив макарони (кои ми се специјалност), со најубавото прашање кое досега ми било поставено: „Бејб, ќе ми правиш ли макарони целиот живот?“, вели Спасија за оригиналната свршувачка со Џек.
На 11 јануари, во еден скопски ресторан тие се венчале пред матричар  и уште од тогаш почнале со подготовките за свадбата во Македонија, бидејќи Џек и неговиот татко морале да се вратат на 22 јануари назад за Австралија.

„ Но, го испративме татко му, а Џек ја одложи картата за еден месец подоцна.
Закажавме свадба на 11 јули, на која имавме во план да поканиме 400 гости, наши роднини и драги пријатели со кои сакавме да ја споделиме среќата, а црковното венчавање сакавме да се случи во манастирот Св. Никита. Во март оваа година стигна соопштение дека сите свадби за годинава се одложуваат за 2021. Неговите родители веќе имаа купено авионски билети  да дојдат први, за да се организираме околу свадбата. Но, пандемијата нè спречи во сè. Не се откажуваме, закажавме повторно свадба, овој пат на 26 јуни 2021“, додаде Спасија.

Сите нивни планови, сега за жал се прават онлајн, и иако постоела шанса да се видат уште во март, и таа желба не им се исполнила.

„ Морам да раскажам дека имавме два месеци компликации околу документите за виза, нашите институции правеа грешки околу презимето и додатно ја отежнаа работата. Џек сакаше да се вратам со него во Австралија и заедно да дојдеме пред свадбата. Но јас инсистирав да ја завршам сезоната со „Урбан таг“. Сфативме дека временски нема да стигнеме, па повторно го сменивме планот, јас да дојдам штом ми стигне визата. Границите се затворија на 17 март, јас добив виза на 18 март. Имаше уште една ситуација. Кога Џек требаше да дојде во Скопје, неколку часа пред да тргне, сфати дека му го нема пасошот. Не можеше никаде да го најде, па го одложуваше билетот и извади пасош по брза постапка и една недела потоа дојде“, е дел од возбудливата приказна на Спасија.

За својот сопруг, таа вели дека најмногу го сака затоа што е упорен, истраен, вреден, убаво воспитан, точен на време, џентлмен, но и знае што сака.
„ Ги сакам неговите сини очи. Го сакам и затоа што е и голем гурман исто како и јас. Го сакам затоа што е авантурист, сака да патува. Го сакам таков каков што е не би менувала ништо кај него“, вели Спасија за својот сакан.

Иако со Џек се немаат видено од 27 февруари, таа верува дека само ако е љубов во прашање може сè да функционира.

„ Далечината за љубовта е како ветрот за свеќата – ако е пламенот мал, ќе го изгасне, ако е голем, ќе го разгори. Модерната технологија исто така има голема заслуга. Ние не комуницираме само тие 8 часа додека спиеме, остатокот од денот ги користиме социјалните мрежи и модерната технологија да комуницираме преку видео јавување. Планот беше штом се отворат границите јас да одам веднаш во Австралија. Но, Џек и неговото семејство инсистираат тој да дојде по мене да не патувам сама во време на пандемија. Во исчекување сме на таа посебна дозвола за време на пандемијата, бидејќи Австралија е многу ригорозна не дозволува никој да ја напушти државата, ниту пак да влезе без таа дозвола во време на пандемија“, раскува Спасија за денот кога таа и Џек повторно ќе бидат заедно. 


Нивна желба е да живеат во Бризбејн, да го прошират семејството па на децата и на внуците како што вели Спасија да им раскажуваат што доживеале во 2020 година.
„Цели 15 години живот посветив на работата во медиуми овде, најмногу на телевизијата. Ми се отвара можност и таму да се занимавам со мојата голема љубов радиото, ама овој пат прво ќе рипнеме, па ќе кажеме „оп“, ни изјави Спасија.
„Време е за промена, а јас ѝ се радувам“.

М.Џаровска