,

Емотивна приказна на маестро Џамбазов раскажана за Женски магазин: Игор за малку немаше да го преживее земјотресот

Добивај вести на Viber

„ Мојата сопруга Анче беше млада мајка, имаше само 21 година кога го роди Игор. Живеевме на улицата Никола Парапунов, сегашен булевар Климент Охридски. Целата наша улица беше како едно семејство. Тој 26 јули, пред 55 години, Игор немаше ни две недели. Беше во својата колевка, се разбуди околу 5 часот наутро и почна многу силно да плаче...“ - раскажуваше пред две години за Женски магазин маестро Џамбазов.

Александар Џамбазов почина вчера, тивко и нечујно, како што и живееше последните неколку години, а зад себе остави богат творечки опус. Добитник е на повеќе од 40 награди и признанија во Македонија и Југославија. Целиот работен век го минал во Македонската радио телевизија, како диригент на Танцовиот и Ревискиот оркестар. Автор е на голем број детски песни. Иницијатор и долгогодишен диригент беше на фестивалот за деца, „Златно славејче“ во Скопје. Пишувал сценска музика и филмска музика и повеќе дела од класичната музика, меѓу кои и „Рапсодија за Скопје“ за пијано и оркестар (1966). Компонирал и хорски композиции, како и голем број популарни мелодии.

Го споделуваме последното негово интервју за Женски магазин каде ни зборуваше за неговото семејство, неговата Анче, за фаталниот земјотрес...:

-Само неколку секунди откако Анче го извади Игор од колевката, почна силно да тресе. Дел од ѕидот на таванот се изрони и големо парче падна токму на неговото креветче. Да не реагираше Анче на време, не сакам ниту да помислам што ќе му се случеше на нашиот син тогаш“, се присети тогаш познатиот композитор и диригент.

Актерот Игор Џамбазов имал само 11 дена кога се случил катастрофалниот земјотрес во Скопје, на 26 јули во 1963 година. Неговиот татко, маестро Александар Џамбазов се сеќава дека, ако не била неговата бебешка вознемиреност која ги предупредила, ни Игор ни семејството можеби немало да го преживеат тој кобен ден. На годишнината од скопската трагедија, музичката легенда ги сподели своите спомени за „Женски магазин“. 

„ Мојата сопруга Анче беше млада мајка, имаше само 21 година кога го роди Игор. Живеевме на улицата Никола Парапунов, сегашен булевар Климент Охридски. Целата наша улица беше како едно семејство. Тој 26 јули, пред 55 години, Игор немаше ни две недели. Беше во својата колевка, се разбуди околу 5 часот наутро и почна многу силно да плаче. Се сеќавам како сега кога Анче ми рече: Гладен е, ќе го земам да го надојам. Јас и одговорив да почека уште половина час, да ги следи советите на докторите кога треба бебето да се храни. Но, таа не ме слушаше. Игор плачеше повеќе од вообичаено, и сега си велам дека е вистината онаа изрека дека малите деца и бебињата како да ги пречуствуваат нештата. Додека се убедувавме, Анче го зема Игор. Само неколку секунди откако го извади од колевката, почна силно да тресе. Дел од ѕидот на таванот се изрони и големо парче падна токму на неговото креветче. Да не реагираше Анче на време, не сакам ниту да помислам што ќе му се случеше на нашиот син тогаш.“

- Џамбазов со покојната сопруга, познатата актерка Анче Џамбазова 

Мојата сопруга беше млада мајка, имаше само 21 година кога го роди Игор.

Со тага во гласот, маестро Џамбаз се сеќаваше како тој, неговата сопруга, познатата покојна актерка и синот, набрзина излегле од куќата, а сите нивни соседи веќе биле на улица. Имале среќа, кажуваше тој, што куќата не им била сосема срушена, но не била функционална за живеење. Близок роднина успеал со комбе да им пренесе дел од рабоотите во новиот дом, во скопската населба Кисела вода, каде што привремено се сместиле кај роднини. 

„ Колку и да ни беа од помош роднините кај кои што се сместивме, тоа не беше решение. Вујкото на Анче живееше во Звечан, близу до Косовска Митровица, и потоа еден период живеевме таму, кај нив. По Косово,бевме во стан спроти стариот театар, а станот во Козле, го добивме нешто подоцна. Таму ни се роди ќерката Тања. Не можам никогаш да заборавам колку во тие моменти меѓу себе си помагавме сите од нашата славна улица. Тој наш братски живот ми беше инспирација во многу песни што ги напишав“, додаде Џамбазов. Во тешките моменти, многу им помогнал неговиот татко и дедо му, легендарниот актер Петре Прличко, таткото на сопругата.

.- познатиот композитор со синот и со ќерката Тања 

Тој се уште доаѓа на сите мои премиери, важни концерти, промоции. Се уште ги снима сите мои појавувања на телевизија, изјави тогаш Игор Џамбазов за татко му

Во сеќавањата, легендарниот композитор тогаш се наврати и на катастрофалната поплава која му се случила на Скопје една година пред земјотресот, во 1962 година. Како и во сите негови приказни, и во оваа, главен јунак е неговата Анче. 

„ Игор беше зачнат некаде пред поплавата која се случи во ноември во 1962 година. Целата наша улица беше сосема поплавена. Анче и јас, пливавме од нашата куќа, па се до стариот театар. Таа тогаш била на почетокот од бременоста. Без проблем пливаше заедно со мене. Си велам сега, ако Игор уште во утробата на мајка му ја преживеал поплавата и како бебе се спаси од земјторесот, тој е јунак како мајка му и може да поднесе многу повеќе“,  ни раскажа Џамбазов сениор тогаш.

Милиџа Џаровска