„Фамилијата е сѐ“: Камка Тоциновски глуми во „Беса“, една од најдобрите серии во регионов во копродукција на Телеком Србија

Добивај вести на Viber

„Беса“ е еден од најпопуларните и најуспешните телевизиски проекти во регионот.

Серијата е базирана на оригиналната идеја на Срѓан Шапер, додека креатори на втората сезона се британските сценаристи Тони Џордан и Игор Стоименов, кои дополнително го зачинија постоечкиот заплет и создадоа нови ликови.

Првата сезона на овој драматичен трилер освои бројни признанија од критичарите и публиката, а се фокусира на семејните односи, додека втората сезона се состои од десет епизоди во кои се интензивира дихотомијата традиционално и модерно, нагласувајќи ги аспирациите на новите генерации кои не се подготвени да ги задржат традиционални зборовни обрасци или дадено ветување, на албански: „беса“.

Снимена е на преку 200 локации низ четири земји од регионов, вклучувајќи ја и балтичката земја Естонија. Засега, постигнува неверојатен успех. Оттаму, светската премиер на „Беса“ се одржа на 22 ноември во Талин, на престижниот „Black nights“ фестивал.

Премиерата на втората сезона, во која што како копродуцент се вклучува и Телеком Србија, на Суперстар каналот е утре, 27 ноември и ќе биде достапна и за македонските гледачи преку новиот телекомуникациски оператор МТЕЛ, кој што за македонската публика ексклузивно ги прави достапни Суперстар каналите каде се емитува мегапопуларната „Беса“. Токму од нашата земја, актерката Камка Тоциновски има една од улогите во серијата. 

Со неа за Женски магазин разговараме околу снимањето, сижето на серијата и нејзината приватност:

* Накратко, доловете ни ја серијата и за што всушност се работи? Каква и која е вашата улога во серијата, дали зборувате на српско говорно подрачје и колку беше тешка подоготовката за улогата?

- Беса е слоевита српско - британска крими драма чиј лајтмотив е “фамилијата е сѐ”. Станува збор за мафијашки картели од овие простори и колатералната штета без која овие судбини не завршуваат. Во фокусот на приказната е Радивоје Буквиќ  во улогата на Урош Периќ, кој ќе се најде во погрешно време на погрешно место . Неговиот живот излегува од колосек и ќе стане потресна приказна за тоа на што сѐ е човек подготвен, да избегне крвна одмазда и да ја спаси сопствената фамилија. Урош, сосема обичен, секојдневен и фамилијарен човек ќе стане трагичен лик, кој спротивно на своите убедувања ќе биде присилен да прифати беса од луѓе кои немаат морална вертикала. Речиси сите протагонисти на овој серијал се водени од љубовта, болката и одмаздата.

Ана која ја толкувам се појавува пред самиот крај на првата сезона и добива поголем простор во втората. Претставник е на еден од двата мафијашки кланови - Соколи, кој се бори за превласт, но на крај фамилијата е повторно приоритет, кога истата ќе биде загрозена. Ана има и други свои апетити, кои нема да ги откријам пред време. Српскиот јазик беше еден од помалите предизвици, затоа што не е нејзин мајчин јазик, а не е ни мој, па одлучивме да зборувам онака како што и приватно умеам и секоја спонтана грешка да оди во прилог на улогата. Партнер ми се мега популарниот рапер од Србија Реља Поповиќ, кој после долго време, од Парада 2011год. на Срџан Драгојевиќ,  се враќа на актерството како и Милан Мариќ, кој македонската публика најмногу го знае од актуелниот филм “Тома” на Бјелогрлиќ, а со кои имав квалитетна соработка.

* Како функционирате на релација- снимање надвор од земјава и овде? Што носи втората сезона, какво отприлика е дејствието и колку сезони се предвидени? Кога македонската публика ќе може да го гледа овој проект?

 - Тоа во голема мера зависи од самата продукција и организација. Овој пат Адреналин продукција, предводена од Теа Королија, покажа висока подготвеност и професионалност. И драго ми е што е тоа така, затоа што нема лесно снимање. Тоа е тимска работа на повеќе сектори, но продукцијата е столбот .

Втората сезона носи нови непредвидливи и драматични заплети. За разлика од првата сезона, која ги следи судбините на Урош, босот Дардан и инпекторот Петрит , во оваа сезона приказната се шири и на помладата генерација. Акцентот е ставен токму на судирот помеѓу тие две генерации. Онаа која игра по правила и онаа помлада генерација за која зборот нема значење. Снимена е на повеќе од 200 локации низ четири земји од регионов, со интернационална актерска екипа од околу 120 истакнати имиња. Снимањето заврши во балтичката земја Естонија, во која и се снимаа најтешките акциони сцени. Беса доби Златна антена за најдобра серија, фотографија и музика. Зема голем замав и има позитивен одзив кај публиката, па така имаме и арапска верзија на „Беса“ која бележи голем успех на арапскиот пазар . Белградската премиера и онаа во Естонија беа пред неколку дена, се очекува премиерата во Скопје која треба да биде на 1 Декември . Серијата ќе се прикажува на Суперстар каналите, кои што за македонската публика се достапни за следење преку телекомуникацискиот оператор МТЕЛ, членка на Телеком Србија, кои што пак се копродуценти навтората сезона од серијата.

* Што работите во моментов? Кои се вашите ангажмани и која улога сега ви е предизвик?

- Изминативе две години беа навистина интензивни. Го снимавме “Преекспонирано” на Елеонора Венинова,  веднаш потоа дојде снимањето на серијата “Clickbait” во Киев, која за жал по распадот на американската стриминг платформата Quibi , сопре со снимањето. Сценариото беше напишано за нашите хакери од Велес, а продуцентка беше Ann Ruark, жената која ги продуцираше хитовите “Requem for a Dream” , “Broken Flowers”, “Biutiful” , документарецот за Lou Reed – “Berlin”, “Babel” и многу други.  На тоа се надоврза “Нема да си сама” на Горан Столевски во австралиско- српска копродукција и скоро без оддишка дојдоа “Беса 2” и “Кајмак” на Милчо Манчевски , кој го завршивме ова лето. Сега добро е што не е сезона на снимање па ќе успеам да одморам.

* Приватно, како ви поминува времето? Дали излегувате, дали имате посебно место каде се релаксирате?

- Ова е време невреме , во кое човек тешко успева да се релаксира. Поради ограничувањата со кои сме соочени, единствено место како издувен вентил е природата. 

*Освен актерството, дали имате и нешто друго што ве окупира, а го правите со љубов?

* Филмови, серии, книги, велосипед и бадминтон. Спасувам животинки, мојата љубов кон нив е безусловна. 

Небојша Толески