Фатима Куртишова секој ден влече две колички со 100 килограми од Карпош до Злокуќани

Добивај вести на Viber

Кога поминува покрај кејот на Вардар, во скопската населба Карпош 4, ги поздравува сите и им вели дека ги сака. Фатима Куртишова (60) е насмеана и весела и кога влече две колички со гајби, кутии, дрва и пластика -товар кој некогаш е тежок 100 килограми.

-Десет години собирав картони од 15 маркети и потоа ги продавав. Но, се откажав, зашто нема купувачи. Многу ме разочара и еден приватник, на кој му продадов 15 тони картони. Ми должи околу 13 илјади денари веќе една година. Затоа решив да собирам гајби, кутии од банани, пластика, дрво и кеси. Количките со товар од 60 до 100 килограми, ги влечам до Злокуќани, кадешто живеам. Потоа доаѓаат приватници, на кои им ги продавам. Заработувам доволно за леб, струја, вода. Тоа е бериќет. Секој ден станувам во 5 часот, го пијам кафето и почнувам да ги средувам домашните обврски. Во 9.30 излегувам од дома и прво одам во еден голем маркет во Карпош 4 да ги земам картоните. А потоа и останатите работи – вели Фатима на почетокот од нашиот разговор и појаснува на кој начин заработува.


- Приватниците знаат каде живеам и доаѓаат во мојот дом секој ден да разгледаат што сум донела и да купат што им одговара. Гајбите ги продавам по 20 денари. Цената на кутиите се движи од 5 до 10 денари. Порано со двете колички носев преку 200 килограми картони – открива таа.

Фатима својот сопруг го изгубила кога имала 22 години. Како самохрана мајка на еден син, почнала да заработува чистејќи по куќи. Вели дека се уште негува пријателски односи со семејствата кои ја ангажирале за работа. Потоа нејзин алат за работа станале количките за носење товар. Борбата за леб не ја спречува да го влече товарот и во најголемите жештини и во деновите кога надвор е сѐ заледено.


- За да стигнам до првиот дуќан со празни колички потребни ми се 30 минути. На враќање е потешко, бидејќи влечам голем товар. Никогаш не носам капа, иако сега се големи жештини. Не ме фаќа сончаница. Работам и зимно време и кога има снег. Не го чуствувам студот. Здрава сум како челик. Понекогаш ми се јавуваат грчеви на нозете, друго ништо не ми недостасува. Сакам на сите да им порачам да не се срамат од ниедна работа. Ништо не е тешко, кога треба да се борите за парче леб. И ништо не треба да ве разочара. Секогаш бидете позитивни и сакајте се. Ги сакам сите луѓе – порачува Фатима, која за себе вели дека е „Ѕвездата на Канал 5“, а по ова интервју ќе стане и „Ѕвездата на „zenskimagazin.mk“.


Соња Алексоска Неделковска