ФОТОГАЛЕРИЈА ОД КНЕЖИНСКИ МАНАСТИР (Убавините на Македонија): Рај во букова шума спасен од заборав

Над познатото излетничко место Крушино, обележјето и гордоста на Кичево кое за жал сега послабо се посетува, се наоѓа Кнежински манастир.

Манастирскиот комплекс се наоѓа во областа Копачка, во непосредна близина на селото Кнежино, на надморска височина од 900 метри, на падините на планината Бистра.

Во пресрет на Божиќ, ве носиме токму во овој убав кичевски крај. Една од причините зошто манастирскиот комплекс е посетен се двете чешми кои се наоѓаат во манастирскиот двор. Низ нив протекува изворска вода, која народот ја смета за лековита.


Уште една причина е чистиот воздух и тоа што оваа област е богата со вегетација. Кнежинскиот манастир е рај во букова и дабова шума. Од старо време останала приказната дека некои од дрвата се со повеќе вековна старост.

Во народната традиција, во преданијата, Кнежинскиот манастир „Свети Ѓорѓи“е поврзан со Китино Кале, средновековниот град Китава околу кој со тек на времето се развил градот Кичево. Во народните приказни кои повозрасните и денес им ги раскажуваат на децата,  Кита била сестра на Крали Марко и живееле во Калето. Кита загинала бранејќи го токму ова свето место од  Муса Кесеџија.

За жал, манастирскиот комплекс бил запален во првата половина на 18 век и постоеле шанси манастирот да остане запуштен засекогаш. Но, вредните локалци успеале да го спасат од заборав.

Од љубов кон ова место, жителите на селото Кнежино го вратиле во живот манстирскиот комплекс, во 1973 година. Тогаш жителите од селото Кнежино ја изградиле малата црквичка на западниот дел на старата црква, а во исто време го изградиле и манастирскиот конак. Најновата црква, четврта по ред во манастирскиот комплекс, почнала да се гради во 1999 година, a била осветена на 11 октомври 2007 година. Исто така, конакот бил обновен и проширен, при што црквата и конакот се изградени со донации од народот.

Кнежинскиот манастир обзема со својот мир и прекрасна природа. Историјата сведочи зошто е толку значаен за мештаните, и не само за нив.

М.Џаровска

Фото: В.Тануровски 

Галерија: