(ГАЛЕРИЈА) Концерт под маски на Петар Грашо во Охрид

Добивај вести на Viber

На хрватскиот кантавтор Петар Грашо му се падна да го пробие концертниот мраз во "новото нормално", на Античкиот театар во Охрид. Овој концерт не е од оние за кои ќе се напише: беше прекрасен, но штета е што Грашо пееше пред полупразен Антички. Концертот навистина беше одличен, и Грашо навистина пееше пред половина од неговиот капацитет, но од безбедносни причини. Како што и самиот рече: 

"Да ми кажеше некој пред неколку месеци дека ќе пеам на место кое собира 1.500 луѓе, пред половина од тоа и тоа ќе значи дека е полно, ќе му речев дека е луд. Ова се чудни времиња. Но, и да бевте за две третини помалку, ќе ми беше мило. Помило ми е што ве гледам во ова ненормално време, отколку во она нормалното", рече Грашо. 

Како изгледаат протоколите на концерт според препораките за заштита од вирусот Ковид-19? 

На влезот се одржува пропишаната дистанца и веднаш ви мерат темература. Ако е нормална, го покажувате билетот. Потоа ви ги дезинфицираат рацете и можете да влезете на концерт. Публиката е групирана по двајца, и помеѓу секои две места има празно место. Маски се задолжителни. Дел од публиката ја понесе атмосферата, па имаше и такви кои повремено ги вадеа маските, да запеат со Грашо без нив. Луѓето брзо се навикнаа на новите концертни правила. Излезе дека и со маски може да се пее и да се ужива, кога сме желни за добра музика во живо и социјализација, па макар била и на дистанца. А Петар Грашо направи атмосфера каква што секогаш знае. 

Од баладите кои станаа евергрини како "Utorak", преку мини трибјутот за Оливер Драгојевиќ, до веселите хитови на кои публиката заигра, ќар беше да се биде на овој концерт. И секако поради "Ako te pitaju" за крај. Со Грашо, барем на кратко заборавивме на лошите вести кои ги слушаме секој ден. Стравот како да попушти, музиката го победи. Концертот го организираше "Прагма" продукција. 

 М.Џаровска