ГРАДИНКИТЕ ГИ ИСПОЛНУВААТ КРИТЕРИУМИТЕ: Но, кој ќе работи-263 негувателки се ослободени од работа

И по 20 дена од препораката на Комисијата за заразни болести за почнување на работа на градинките, одлука се уште нема за тоа како ќе почнат да функционираат установите за згрижување на децата од претшколска возраст. Во тек е чистењето на сите простории во градинките, занималните, тие се дезинфецираат, а во некои објекти и целосно се реновираат. Според Комисијата за заразни болести, протоколите кои претходно беа доставени се одлични и токму врз основа на тоа е и дадена препораката за да може да почнат да функционираат, но сега огромен проблем во државните градинки претставува недостатокот на кадар.

Извори на Фактор откриваат дека дури 263 негувателки и останат кадар вработен во градинките е ослободен од работа сите овие месеци по разни основи. Станува збор за вработени кои имаат хронични заболувања, самохрани родители, ослободени мајки од работа за да го чуваат своето дете и така натаму. Нервозата, пак кај родителите кои мора да одат на работа, а немаат своето дете каде да го остават, од ден на ден е се поголема.

Некои од нив, во разговор за Фактор велат дека работодавците не може повеќе да ги толерираат и дека се сериозно загрижени од можноста да го изгубат работното место.

-Оваа ситуација трае предолго. Се е како во маѓепсан круг. Градинките имаат проблем зошто немале доволен број негувателки во моментов кои се ослободени од работа за да ги чуваат своите деца кои се под 10 години. И тоа е така само во државните институции, што да кажеме ние кои работиме во приватниот сектор. Кај нас нема толерирање, или доаѓаш на работа или добиваш отказ. Ваквата состојба навистина предизвикува голем раздор во семејствата, кавги секој ден, децата нема кој да ги чува, а родителите полека, но сигурно ќе го изгубат работното место, револтирано вели Софија Атанасова, мајка на 5-годишно синче, кое нема како да го згрижи.

Повеќе информации за работата на градинките прочитајте на Фактор.мк