Имав најзабавен роденден сама, во карантин: Алачки наполни 52 години
Својот 52 роденден, Адријана Алачки го прослави сосема сама, во карантин. Без оглед на тоа, пејачката и автор на емисијата „Вкусот на традицијата“ вели дека одамна немала позабавен роденден.
„Внуката, ќерка ми и зетот не можеа да ми дојдат на гости. А како да дојдат, бевме во карантин. Син ми беше заминат во викендица. Затоа, овој роденден го поминав сосема сама. Внука ми Јана ми испеа роденденска песна и ми подари торта, но еден ден пред да започне карантинот. Со син ми се видовме на вибер“, ни раскажа Алачки.
Таа вели дека ако на кратко треба да го опише роденденскиот ден, тој бил „како да работи на телефонска централа“.
„Имав илјадници повици од целиот свет. Телефонот не престана да ѕвони цел ден. Сите судии од „Гастромак“ од сите кониненти ми се јавија. Од Москва пријателите ми снимија специјално видео, од Маурициус коктели ми правеа. Не можете да замислите колку ми беше забавно“, сподели Адријана, која е претседател на кулинарското здружение „Гастромак“.
Најинтересната честитка, вели таа, дошла од легендарниот готвач Стево Карапанџа од Хрватска, кој своевремено заедно со Оливер Млакар ја снимаше популарната ТВ емисија „Малите тајни на големите мајстори на кујната“.
„Стево и неговата сопруга Рената отворија шампањско специјално за мене. Епа, не можам да ви ја опшам среќата кога ги видов. Од Индиа Анил Гровер, Томас Гуглер со видео повик и конфети. И уште многу мои пријатели од Македонија што ми се јавија, ми го направија денот незабoравен“, ни изјави Алачки.
На својот Фејсбук профил, таа вели дека сите повици, пораки и честитки ѝ го направиле денот како најромантичниот филм и најубавата книга.
М.Џаровска