Искрено со Јасмина, сопругата на Миле Кузмановски: Односот со Ана и Јана ми е родителски, но не се обидувам да ја заменам нивната мајка, таа е една и единствена
Како жена која повеќе години од својот живот ги посветила на хуманитарната работа, Јасмина Кузмановска вели дека ѝ е драго што нашиот народ е емпатичен и знае да помогне. Таква е приватно и таа, кога ќе си замине од канцеларијата на Црвен крст каде што три години работи, и ќе дојде дома кај најмилите. Јасмина му е сопруга на познатиот фолк-пејач Миле Кузмановски и посветено се грижи за трите ќерки во нивниот дом. Јасмина осворено зборува за тоа колку ги сака близначките на Миле, Ана и Јана, за нивниот топол и пријателски однос, но и за тоа дека никогаш не се труди да ја замени нивната покојна мајка. Миле и Јасмина со отворени срца им пристапиле на сите предизвици пред да решат дека заеднички ќе градат дом со Ана и Јана. Подоцна, нивниот живот го збогати и сега веќе четиригодишната Ева, за која Јасмина вели дека упорноста ја наследила од татко ѝ. Сопругата на Миле, најважните делови од својот емотивен и професионален живот ги сподели за Женски магазин, и ги посоветува сите жени искрено да сакаат и да се обидат да ги “облечат кондурите на другиот“- нивниот животен партнер.
*Долги години работите во Црвениот крст, што е точно вашата обврска во оваа организација?
-Во Црвениот крст работам скоро три години, мојата работна позиција е раководител на сектор за програми, проектно работење и мобилизирање фондови. Во мојот сектор се подготвуваат и имплемнтираат проекти од областа на социјално-хуманитарната дејност, здравството и превенцијата, крводарителството и подготвеноста и одговорот во случај на катастрофи. Ние сме дел од од сѐ она што Црвениот крст го работи. Работа која е креативна, постојано дава можност да учиш и да го видиш крајниот резултат.
*Колку вие лично сте учествувале во хуманитарни акции, и дали по напорен работен ден успевате работата да не ја носите дома?
-Во мојот работен век сум учествувала во многу хуманитарни акции за различни ранливи категории, секоја приказна има своја тежина. Многу често во сите тие акции вклучував луѓе во кои верував дека хуманите принципи и вредности се дел од нив и знаев дека ќе се вклучат, целта е секогаш да се помогне.
Невозможно е да не ја однесете работата дома, особено кога се човечки животи во прашање. Но, секогаш се обидувам да го направам тој баланс меѓу работата и домот, некогаш успева, некогаш е невозможно.
*Колку нашиот народ кој не живее на работ на сиромштијата чувствува емпатија и е подготвен да помогне?
-Емапатијата мислам дека во голема мера е присутна кај нашиот народ, моето искуство кажува дека луѓето се секогаш подготвени да си подадат рака, да бидат солидарни да се сочувствуваат со болката, тагата и несреќата на другиот. Иако минуваме низ тежок период сите ние, пандемијата остава голем траг на сите аспекти на човечко живеење сепак луѓето наоѓаат можности да си помогнат.
*Наскоро си заминувате од Црвен крст и почнувате со нова работа, каде заминувате и каков работен предизвик ве очекува?
-Да, веќе од 22/11 започнувам да работам на еден нов проект, работа во која имам исто така големо работно искуство и се однесува на поддршка на евакуираните авганистански државјани кои престојуваат во нашата земја до нивното заминување во трета земја.
- Мајка сте на малата Ева, а и ќерките на вашиот сопруг ги прифативте и ги сакате како свои. Како се чувствувавте пред почетокот на вашето заедничко живеење, чувствувавте ли страв дека двете девојчиња во тинејџерска, чувствителна возраст нема да ве прифатат?
-Нашата авантура, моја и на Миле, а потоа и на Ана и Јана, па и на крај на Ева е несекојдневна, но е успешна. Живееме во средина каде сѐ уште се верува дека маќеата е лошиот лик од приказните, ние сите одлучивме да покажеме дека тоа не е така и дека можеме искрено да се сакаме и почитуваме, да го градиме домот, заедништвото со многу љубов, разбирање и хармонија.
Кога одлучивме да им соопштиме на Ана и Јана, јас и Миле разговаравме многу, прво јас и тој расчистивме многу работи од самиот почеток. Тој е многу посветен татко и посебно реагира на нив. Со девојките секогаш отворено разговараме, а исто и со Ева иако е многу мала. Тука како женски лик најголемата улога ја имам јас.Разговараме и за нивната мајка, гледаме често слики и секогаш се потсетуваме на нивни случки, сеќавања. Поменот за нивната мајка секогаш ќе живее во нашиот дом. Јас не се обидувам да ја заменам нивната мајка, таа е една и единствена, таа улога животна не е заменска.
*Вашето искуство може да им послужи и на други жени во слична ситуација. На кој начин се спријателивте со близначките, каков однос имате сега со нив, колку сте строга а колку попустлива?
-Пораката до сите жени кои се во слична состојба е да го отворат срцето, да сакаат искрено, да не бидат себични и секогаш да се обидат да ги облечат кондурите на другиот, односно да се обидат да почувствуваат дека секој може лесно да се најде во таква ситуации.
Со Ана и Јана односот уште од самиот почеток е отворен, случајно се сретанвме на летување во Турција и енергиите се поклопија веднаш. Тогаш беа мали околку, 10 години а сега се веќе 18 години, сега ми се вистински другарки. Мојот однос со нив е родителски, јас се грижам за нивната општа добросостојба, за здравјето, за училиштето, за емоциите дали се среќни или тажни, разочарани...сега е период кога тие влегуваат во нов животен циклус и мојата поддршка е повеќе од потребна. Околу тоа колку сум строга и попустлива, би рекла дека сум повеќе принципиелна, сакам да се почитува договор и да се исполнат обврските-тука толеранцијата ми е ниска. Сакам да бидат девојки, понатаму жени кои ќе бидат независни, образовани, ќе знаат да изберат за себе што е вистиски добро, да бидат добри личности. Тие се навистина прекрасни девојки.
*Кога се омаживте за популарен пејач како што е Миле Кузмановски, го чувствувавте ли товарот и притисокот од јавноста, како заеднички со тоа се справивте?
-Не ми е сеедно кога ќе прочитам некој невкусен коментар, но јас и Миле сме се договриле дека ќе си бидеме поддршка еден на друг во сѐ во животот па така тој притисок го минимизираме. Јас неговата професија комплетно ја разбирам и се обидувам на секој можен начин да му бидам од помош.
-Која е најдобрата особина на Миле, онаа со која ве „купи“ и ве освои?
-Неговата харизматичност, скромност и реалното гледање на работите, како велат цврсто гази на земја.
*Пред да го запознаете, се случило ли да нарачате негова песна во ресторан, да ја слушате неговата музика?
-Јас сум родена скопјканка, често бев гостинка на неговите настапи, најчесто реагирав на „Не каниме“ . Повеќе песни научив откако ме освои. (се смее)
*Какво дете е Ева, на кого личи и на кого го има наследено темпераментот и карактерот?
-Ева е среќно дете, расте со многу љубов и затоа знае и да ја даде. Има по нешто и од мене и од татко ѝ, но нај карактеристична особина и е упорноста, никогаш не се откажува, таа е многу упорно дете. Велат личи на мене, а и на татко и, но упорноста е дефинитивно наследена од татко ѝ.
-Како живеевте во времето на најголемата криза што ја предизвика пандемијата, кога вашиот сопруг немаше редовни настапи?
-Квалитетот на живот не ни се смени, сепак сме ние двајцата реализирани луѓе, сме мислеле и на вакви денови. Секако постоеше неизвесност и страв од таа неизвесност, прво за здравјето па за сѐ останато. Пандемијата уште повеќе не зближи, квалитетно го трошевме времето, можам да кажам дека ни даде друга димензија на секојдневието и животот, јас тогаш ги видов сите позитивни страни на живеење во куќа (застапник сум повеќе на станбено живеење). Јас бев постојано на работа бидејќи тогаш бевме како организација повеќе од потребни на луѓето, но потоа дефинитивно домот ми беше место каде се одмарав по сѐ и ги полнев батериите.
*Која е Јасмина кога не е работа, што најмногу ве прави среќна освен семејството и најблиските?
-Јас сум многу едноставен лик, имам широко срце и сѐ уште сакам да верувам во луѓето, јас во сѐ гледам можност, затоа и никогаш за ништо во животот не се предадов. Потекнувам од смејството каде се инвестирало многу во децата, моите родители направија од нас (мене и мојот помал 4 години брат) добри и вредни луѓе и тоа мое воспитание ќе продолжам да го пренесувам.
Среќна сум кога сум со моите другарки, имам многу но неколку ми се мои најверни (се смее), уживам во заедничките дружби и со нашите пријатели, сакам да читам, сакам да патувам и секоја можност ја користам и да сакам да учам и тоа постојано го правам.
Милица Џаровска
Фото: Приватна архива