Изгледот и изборот: Дамите сакаат министерско кафе

Кога министерот Венко Филипче предизборно, во финалето на една ТВ-дебата, одговори дека штом ќе заврши корона-кризата ќе ја прифати постојано повторуваната покана за кафе од извесна Лиде Лиде, отворена беше нова ера во политичката комуникација кај нас. Се разбира, многу е можна веројатноста Лиде Лиде и нејзината упорност да испие кафе со министерот да е уште еден партиски трик, но ако не е, тогаш ова е првиот јавно манифестиран потенцијален флерт на домашната политичка сцена. Што одработува и за министерот и за партијата од која доаѓа.

-Оваа појава на јавно изразени симпатии на социјалните мрежи кон наши политичари и покани за средби, иако личи на добро смислена тактика во партиите, мора да се потенцира дека е добро освежување во начинот на кои се презентираат политичарите – вели Магдалена Михајлоска, менаџер за стратешки комуникации во агенцијата „Имиџ ПР“.

За разлика од Филипче, кој барем одговори на поканата на Лиде Лиде (до душа со ветување, како што прави секој политичар), една друга симпатија на јавната сцена остана – без одговор. Преку социјалните мрежи и министерот Никола Димитров стана предмет на комшиска желба за пиење кафе, но оваа потенцијална симпатија доби помалку публицитет од виралната кафе-релација Лиде Лиде-Филипче.

ВЕЌЕ ВИДЕНО

Ако овие кафепиења во најава не се автентично предизвикани, туку смислени во партиските предизборни кујни, тогаш тие беа најголемата иновација во пресрет на овие избори. Се друго беше – веќе видено и познато.

-Политичките кампањи, без исклучок, на сите досегашни избори во земјава се со призвук на фаталност и историска одлука која се сервира пред гласачите. Целокупната реторика е сегогаш фокусирана на висока политика, бидејќи така се внесуваат емоции и се обезбедува романтичарско-фатален пристап во однос на изборот што граѓанинот треба да го направи на чинот на гласање. Ваквиот концепт се должи најчесто на отсуство на реални проекти, многу важни за сите нас – вели Михајловска во една постизборна анализа на предизборието.

И оваа кампања, фокусирана на дискредитација на политичкиот противник, занемари серија финеси што во голема мерка влијаат врз гласачкото тело. И на кои обично повеќе внимание посветуваат - жените.

-Невербалната комуникација, личниот стил, држењето во јавноста и манирите, се исклучително важни бидеќи во голема мерка се одраз и симбол за политиките кои се застапуваат. На пример, прва асоцијација на германската канцеларка Ангела Меркел е одлучност, брза реакција и дискретно водење на политичките потези. Овие карактеристики се јасно видливи и во говорот на телото и стилот што таа го негува во јавноста. Таа секогаш преферира едноставност, прецизност, практичен и минималистички стил на облекување (без многу накит, шминка), со што ја надополнува својата политичка доктрина, а овој стил  одговара и на германскиот дух. Ако го анализираме, пак, францускиот претседател Макрон ќе забележиме дека неговиот физички изглед заедно со првата дама на Франција, Брижит Макрон, целосно е во согласност со неговите политички потези, но и во културолошка смисла претставува одраз на Франција – вели Михајловска.

Кај нас, се чини, изгледот и скриените пораки што тој ги носи, се најмалку користениот механизам во освојувањето гласови.

- Личниот стил влијае во голема мерка на начинот на кои граѓаните ја примаат пораката која политичарот ја испраќа. Нашата политичка сцена е прилично униформирана, а малкумина се обидуваат да изградат свој стил по кој ќе бидат препознаени, а што е уште поважно и стил преку кој ќе испратат соодветна невербална порака до граѓаните. Без оглед дали одреден политичар е харизматичен или не, бидејќи харизмата или ја имаш или ја немаш, стилот секој може да го изгради ако ја разбере неговата важност – вели Магдалена.

Значи, имаше ли личен стил пред и на овие избори?

-Кај нас нема многу примери кои укажуваат дека за овој аспект се води сметка. Но, има индивидуални примери кои покажуваат чувство за важноста на невербалната комуникација и за влијанието на личниот стил врз мислењето на луѓето. На пример, освежувачка појава на политичката сцена е Рахела Мизрахи која преку својот стил излегува од конвенционалниот концепт за жена-политичар и конзервативниот пристап на облекување. Мизрахи покажува смелост и свежина, а особено внимава на деталите. Овој стил заедно со нејзината препознатлива пунџа, може да бидат и симбол на нејзините идни политички потези. Енергичниот начин на раководење во политиката е целосно одразен и во стилот и едноставноста на вицепремиерката Мила Царовска. Динамичноста, достапноста и брзината во начинот на кој Царовска делува на досегашните функции целосно е одразен во нејзиниот надворешен изглед. Совршен пример за извонреден стил, кој сам по себе невербално ја симболизира пораката, се италијанскиот амбасадор Карло Ромеро и неговата сопруга, типичен пример на италијанскиот дух за мода и совршен надворешен изглед, внимателно ускладен со настанот на кој присуствуваат. Има уште неколку примери, но важно е да се разбере дека невербалната комуникација и стилот на секоја јавна личност игра влијае врз граѓаните и донесувањето на одлуките дали ќе поддржат одреден политичар или не – вели Магдалена.

Сега веројатно малкумина знаат кој е актуелен градоначалник на Солун, но претходниот градоначалник Јанис Бутарис беше многу препознатлив и популарен – помеѓу другото и поради ленонките и обетката во увото, кои визуелно го ширеа околу него тој хипи-дух на неконвенционализам и 68-штво, толку карактеристичен и за неговата политика.

А, има ли некој што не знае за пасијата на згодниот канадски премиер Џастин Трудо кон шарените чорапи? Многумина теоретичари тврдат дека чорапите му избоксувале голема популарност кај граѓаните и дека се типична манифестација на неговите либерални политички позиции.

Во отсуство на вакви невербални пораки кај нас, дури и Лиде Лиде ситуацијата и останатите испиени и неиспиени граѓанско-политичарски кафиња претставуваа забавно освежување на домашната јавна сцена.

Јасна Франговска