Јазикот е нашата татковина, честит Ден на македонскиот јазик

Кога Владата минатата година во април го прогласи 5 мај за Ден на македонскиот јазик установи нов празник од работен карактер во чест на јазикот наш насушен и во чест на 5 мај од 1945 година, кога тогашната Влада на Народна Република Македонија ја усвоила азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо.

Со сите муабети за јазикот суштински е поврзано името на Блаже Конески (1921-1993), кодификатор на современиот македонски литературен јазик, но и филолог и вонсериски лингвист, литературен историчар, преведувач и професор, меѓународно реномиран славист, автор на фундаментални дела од областа на македонскиот јазик и литература и втемелувач на македонистиката на Филолошкиот факултет во Скопје, кој го носи неговото име.

За атаците врз македонскиот јазик, чија литературна норма Конески ја утврди врз основа на централно-македонските говори, тој секогаш велел дека имаат цел „меѓу неупатените во светот да се рашири заблудата дека македонскиот јазик е измислен, така да се рече, прекуноќ, како да не се работи за процес со длабоки корени во минатото и за една долга јазикотворечка традиција“.

– Ние, се разбира, секогаш треба да реагираме на ширењето на такви невистини и да го запознаваме светот со историските реалности. Меѓутоа, најефикасна реакција ќе биде нашето почитување на сопствената традиција и сопствените постигања на јазичкото поле. Ние не располагаме со комоција, за да си допуштаме во тој однос лекомислености. Ја имав на ум токму оваа поука кога во една прилика реков дека јазикот е нашата единствена неподелена татковина - изјави Kонески во интервју неколку години пред својата смрт.

И сега, како и често пати низ историјата, во времето на Конески и по него, јазикот ни е повторно цел на нови оспорувања и напади. Деновиве се повторно актуелни бугарските ставови за македонскиот јазик како дериват на бугарскиот.

Група од 35 македонски интелектуалци минатата година  објави отворено писмо до ЕУ како реакција на овие ставови и барања, во кое се вели македонскиот јазик е историска реалност, факт, официјален јазик во земјава, користен од повеќе од 3 милиони говорители, кои живеат во нашата држава, во соседните држави и во дијаспората.

-За нас, Македонците, апсолутно понижувачки е македонскиот јазик, како јазик со богата писмена традиција, наместо да се именува со вистинското име, да се сокрива под синтагмата „официјален јазик на Република Северна Македонија“. А, ваквиот предлог на земјата членка на ЕУ, Република Бугарија, го сметаме за непристоен, навредлив, спротивен на сите меѓународно-правни стандарди за оваа проблематика, и, најважно, спротивен на вредностите и правото на кои се темели Европската Унија. Нашата држава и нашиот јазик не се во формирање, туку имаат долга традиција – се вели во писмото.

На убавината на македонскиот јазик, деновиве, по повод Денот на македонскиот јазик, во иницијативата „Креативно изразување на македонски јазик за време на изолација“, потсетија учениците од основните училишта, кои рецитираа поезија од современи автори. 


Ученичката Галина Стрезовски од Прилеп ја рецитира песната „Себичната крава“ од Румена Бужаровска.


Марија Јовеска ОУ „Климент Охридски“ од Скопје ја рецитира „Магарешка песна“ од Владимир Лукаш.