Како да препознаете дали вашето дете е малтретирано во училиште?
Врсничкото насилство во училиште (Булинг) се манифестира на различни начини, иако децата се вешти во криењето на тој голем проблем. Постојат повеќе знаци кои упатуваат на тоа дека вашето дете би можело да биде жртва.
Промени во пријателските односи
Вашето дете одеднаш ги избегнува пријателите, не сака да оди по родендени, наеднаш почнува да се изолира од околината. Децата често се групираат и се свртуваат против една личност која потоа ја исфрлаат од својот „тим“.
Лажни изговори
Главоболката и болката во стомакот често се лажни изговори за отсуствување во училиште кои децата ги употребуваат за да не мора повторно да се соочуваат со малтретирање. Ако вашето дете секојдневно се жали, разговарајте отворено.
Интензивни емотивни реакции
Ако вашето дете реагира со солзи или лутина на било која тема поврзана со училишните активности, мора да се обидете суштински да допрете до неговата емоционална страна.
Не сака да оди во училиште
Кога децата се изложени на малтретирање тоа најчесто се случува во понеделник. По викендот поминат во сигурноста на сопствениот дом детето мора пак да се соочи со околината која го гуши и тоа често резултира со одбивање да се оди во училиште. За разлика од децата кои се само големи спијачи и би сакале уште малку да останат во креветот, децата изложени на булинг кога треба да одат во училиште реагираат многу емотивно и со голема доза на нервоза.
Физички знаци
За жал, врсничкото малтретирање не е само вербално туку може да стане и физичко. Искината облека, необјасниви модринки на телото, украдени или уништени лични предмети можат да бидат случајност, но често се знак за булинг.