Ќе организираме натпревар за да бидеме транспарентни и да ги стимулираме авторите: Мери Попова , за новиот начин на избор на евровизискиот претставник

Македонската Радио Телевизија го напушти стариот модел на избор на евровизиски претставник - еден пејач и песна кои интерно ќе го одредат. Воведува натпревар на кои ќе се отпеат шест компизиции. За победникот подеднакво ќе решава публиката и меѓународно стручно жири.

Мери Попова, шефица на македонската евровизиска делегација како причина за промените во изборот ги наведува поголемата транспарентност и стимулацијата на авторите и изведувачите.

- Од друга страна поради лимитираноста на подготовка за нешто поголемо поради актуелната состојба со пандемијата, се одлучивме на оваа комбинација по урнек на некои претходни изданија на другите европски радиодифузери. Според првичните реакции и интерес од страна на авторите и изведувачите ќе имаме одличен избор – нагласува Попова.

МРТ веќе го објави конкурсот за прием на нови, оригинални, необјавени, современи авторски композиции, од кои по пат на натпревар, ќе биде избран претставникот и композицијата со која  Македонија ќе се претстави на Изборот за Песна на Евровизија 2022 во Торино, Италија, во организација на Националниот сервис на Италија (RAI) и Европската Rадиодифузна Унија (EBU).

Од сите пристигнати композиции на конкурсот, МРТ ќе ги избере најдобрите, но не повеќе од шест композиции. Избраните композиции ќе ѝ бидат јавно презентирани на публиката, која по пат на транспарентно гласање ќе учествува во изборот на нашиот претставник за Евросонг 2022. Резултатот од гласањето на публиката ќе обезбеди 50% од вкупните гласови, а преостанатите 50% ќе бидат обезбедени од меѓународно стручно жири.

Право на учество на конкурсот имаат сите изведувачи и автори-државјани на Македонија. Во авторско-изведувачкиот тим, право на учество имаат и автори вон нашата држава, додека изведувачите подлежат на обврската  задолжително да се државјани на Македонија.

На победникот ќе му се доделат 2.000 евра, за финална верзија на песната.

(С.А.Н)