Ќе впериш прст во некого, ама и тој/таа ќе ти го впери: Ние сме самите џокерот во ракав

Добивај вести на Viber

Вртам околу едно прашање веќе подолго време. Вртам и не можам да најдам одговор.

Тешко ми оди бидејќи, никогаш, ама никогаш не поставувам еднонасочни прашања.

Секогаш кога ќе вперам прст во некого, за нешто што не ми е право, автоматски мозокот ми испраќа информација дека и јас имам исто, или слично искуство во однос на некој друг.

Не мора нужно да е тоа истиот човек. Може да е некој друг, но сакам да кажам дека никогаш не ми одело лесно “фрлањето камен“.

Овој механизам од поодамна си го развив, како нешто со кое што сакав себе си да си олеснам. Наместо да одам да се расправам и да се докажувам со некого “вака било-така било“, овој разговор си го водам со самата себе. И ова се супер “средби“, бидејќи можеш да се излажеш за да ти биде убаво, ама многу добро знаеш дека си се излажал, а можеш и да бидеш искрен и директен, состојба од која ти е малку помалку убаво, ама сепак си помирен и поспокоен, отколку да одиш да исправаш криви дрини со некој друг, при тоа знаејки дека секој ќе си го меле брашното на својата воденица. А вака ти мајстор, твое брашно, твоја воденица.

Вперувањето прст, фрлањето камен, или изјавата “ти си крив“, сеедно по кој основ и за кое нешто во животот, носи тага, бес, лутина…

Состојби кои наеднаш како да ти одземаат пола од твојата физичка и ментална сила. А тоа не вреди. За ниедно докажување на светот.

И токму поради ова “себично“ чувство, или оваа само-помош, сум дошла до сознание дека е полесно одма да си најдеш контра теза, во однос на себе и да дојдеш до заклучок дека никој, па дури ни ти не си безгрешен. Да, дури ни ТИ.! Намерно потенцирам, бидејки човекот секогаш вината ја бара во некој друг.

А само што ќе обвиниш некого за нешто, ти требаат отприлика не повеќе од пет минути да се сетиш и на своја иста, или слична грешка.

Создавајки го овој механизам, како самоодбрана од одредени разочарувања, животот станува многу полесен.

Дури можам да кажам, дека кога ова ќе стане матрица на размислување, почнува вистинскиот квалеитетн живот.

Наеднаш степенот на разочарувања станува многу помал. И не само многу помал, туку му се “скратува рокот“. Велам, разочарувањето трае се до моментот додека не се сетиш на иста, или слична твоја грешка.

А овој облик на само-разрешување на дилемите е многу сладок. Ем не вклучил никого во твојата приказна, ем не си обвинил никого, автоматски не си истрескал глупости, од кои подоцна можеби ќе се срамиш, или ќе се каеш, ем одма си го самозадоволил своето лично чувство на праведност. Многу е слатко ова.

Како што за се во животот постои акција и реакција, така и оваа тема го има истиот систем на привлекување и одбивање.

Човек сум кој верува во космичка правда. И верувам и сакам да верувам.

Ова верување ми го носи сознанието дека се што сме направиле некому, арно, или лошо, свесно, или несвесно, со намера, или без ќе ни се врати во некаков облик. И не само што ќе ни се врати, туку и треба да ни се врати. Во тоа се состои и убавата игра на животот.

Пред некој ден една моја блиска пријателка, која ја замолив за помош (помошта беше од техничка природа), ми рече “важи, да размислам, односно само да видам што обврски имам тој викенд и ќе ти се јавам, да ти потврдам, или да ти откажам.

Деновите се скратуваа, а таа не ми се јави, нит да ми потврди, нит да ми откаже.

Два дена вртев во себе приказни околу нејзината неодговорност. Вака, така, онака…

Ми побегна на кратко мојот принцип на самозаштита бидејки умот ми беше сомелен од обврските кои ги имав.

И исто како што го знам ова претходново сознание за кое што зборев, исто така знам дека кога сме во хаос, многу често бараме р’чка со некого, односно потребен ни е некој со кој ќе се фатиме во коштец, колку само да го пренасочиме вниманието од сопствениот хаос.

Така и јас два дена вртев околу приказните дека е таа ваква-таква, неодговорна, срам да и е, како може, ќе види она, следниот пат нејзе кога ќе и треба, јас исто ќе и направам….

Упс, ете го клучот, а што ако ти си ѝ направила, па сега она ти враќа.

Ако можеш ТИ, која мислиш дека си безгрешна да го помислиш ова, зошто не би можела и таа.

Толку!. Не треба да се оди подалеку. Се што тебе ти паѓа на ум, му паѓа и на некој друг. Се што мислиш дека друг ти направил тебе- и ти си направил. Секоја твоја мисла е сечија мисла.

На крајот на краиштата и карти кога играш, еднаш ти делиш, еднаш другиот, еднаш тебе карта повеќе, еднаш нему карта повеќе. Еднаш кај тебе се џокерите, друг пат кај него.

Живот. Може да биде многу убав. Особено кога имате џокер у рукав. А тоа сме обично ние самите. Секогаш!

За Женски Магазин, Тања Трајковска

Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин