Кога малограѓанштината вреска на сиот глас

Добивај вести на Viber

Да се преброиме сите кои барем еднаш во животот сме го слушнале следното:

“Немој така да се облечеш, комшиите ќе те зборат”

“Еј, што бара жена сама на пијачка?”

“Не ти личи на годините”

“Абе терај си го филмот, ама пази што ќе каже светот”

Многу сме, нели? Можеби ќе беше поарно да речев да се пребројат тие кои ниту еднаш во животот не ги слушнале овие муабети. И додека светот, комшиите и сите до еден баш ги заболе како живееме (освен што можеби ќе си лаат зад наш грб) ние сме и премногу оптеретени за тоа кој што зборува за нас. Ако тргнам од себе, порано бев многу под таа пресија каков впечаток ќе имаат другите за мене. И ај што ми беше гајле (кај ти беше умот Ано), туку и правев сé што е во моја моќ да живеам по некакви си непишани стандарди и морални начела од пусти страв да не каже некој нешто. И мора да ви кажам дека тоа беше најисцрпувачкиот дел од мојот живот. Пазење на секој чекор, муабет, однесување. И не дека ја немаме сите онаа вродена култура и внимателност, ами најтешко беше кога треба да правам она што не сум. А секој пат кога човек се обидува да биде тоа што не е, му се удира од глава. Не за друго, туку затоа што тоа функционира само одредено време. Следното е што носи незадоволство од себе, фрустрација и разочарување оти никогаш, ама баш никогаш не можете да бидете по теркот на сите околу вас.

Отсекогаш сум се облекувала онака како што ми е удобно. И кога велат отсекогаш, мислам на моментот откако сфатив дека моите костими кои мораа да бидат усогласени со кондурите и марамата, па високите потпетици и тешките обетки од кои ми крвареа ушите (стасав и до лекар тогаш), се само фасада која ништо не кажува за мене. Опседнатоста дека како жена мора да сум секогаш тип-топ ме ставаше во позиција да се токмам со часови пред огледало, па да внимавам цел ден (или ноќ) дали нешто ќе се измести на мене, оти нели, треба да е сликата совршена. Леле мајко колку сум била роб на формалното, потиснувајќи ја суштината. Но, како што се сложивме во претходната колумна (и од коментарите), човек најдобро учи на сопствените грешки и глупости. А тоа е така оти никогаш не нé боли туѓата болка со ист интензитет како кога ја доживуваме сопствената. И во поглед на облекувањето и шминкањето, сосем се ослободив. Станав поборник на тоа дека ми е поважно да ми е удобно во сопствената кожа под која ми е сето она што сум јас и мојата душа, отколку дали ќе изгледам убаво. А знаете како велат за убавината, дека е човек убав или најубав, само тогаш кога е во мир со себе и среќен. Но, малограѓанштината која ми беше полесно да ја живеам отколку да се борам со неа, ме направи амеба. И тоа траеше додека еден ден нешто не пукна во мене. Сега е друга приказна, сега ме боли уво (ама не од обетки) дали некому ќе му бидам привлечна. Сега ми е важно да сум слободна и однатре и однадвор. Можеби затоа и не носам ниту накит, ниту часовници, оти решив дека не сакам ништо да ми е терет.

Но, тоа со облеката беше само почеток. Борбата против она што е некаков непишан кодекс допрва следеше. Откако се разведов, сфатив дека многу малку им е на жените дозволена слобода. Не онаа дека имаме право на глас, работа и слично, туку слободата да сме она што сме, без да даваме објаснување и без да се правдаме некому. Сфатив дека никогаш разведен маж нема да е наречен “распуштеник”, дека никој нема да рече (како што тоа велат за жените) “да бил арен, немало да го остават”. Овие сознанија ме поразија, оти директно се соочив со најдолниот вид на малограѓанско однесување. Дел од сожалувачки погледи, дел одбегнување, дел префрлување дека требало да работам на бракот. Ова последново е многу смешно, оти никој не е во ничиј дом или кожа за да знае дали имало обид или не, дали одлуката била добро размислена или не. И што е најважно, ич не треба никого да го интересира дали било вака или онака. Интересно е дека секогаш разведената жена е предмет на посматрање, дали се однесува вака или онака и тоа само за да и’ се залепи уште некоја етикета.

После беше на ред моето излегување сама. Јас не можам да ви опишам колку е убаво и самоосвестувачки да можете да си седнете на кафе или пијачка сосем сами, да бидете спокојни и среќни, да сте ок со тоа дека не треба да сте во пар или да имате другар/ка до себе за да си поминете убаво. И последното нешто со кое се соочуваат разведените жени е кога ќе си најдат човек со кој ќе сакаат да имаат врска. Е, тука имате дежурна полиција на моралот која едвај чека да ве види со некој маж. И почнуваат муабети за тоа каква е, што прави, како не и’ е срам (ко да украла нешто), па имала дете/деца. Ова со децата е посебен десерт кој го обожуваат малограѓаните. Секој пат кога сакаат да ве повредат до коска, ги вадат децата на астал. Не дека знаат каков ви е односот со нив, не дека ги интересира како ги воспитувате, не дека муабетот е како да ви помогнат (иако не барате помош од никој), туку децата се користат како оружје против вас. Ако нешто не поднесувам, ако не што може да ме извади од такт и да станам демон, тоа е кога некој си дава право да ме чачне за дете. И нема тука компромиси, ниту имам грам разбирање или толеранција. Тука станувам нешто што дури и јас не го препознавам.

И кога веќе ќе покажете на сите дека смеат дотука и ни чекор потаму во мешање во вашиот живот, никогаш не можете да спречите муабети кои секогаш се зад вашиот грб. А зад грб се оти никој нема храброст да ви каже нешто в лице, бидејќи знаат дека ќе си го добијат. Последната шеќерна бонбона е ако жената која се развела си најде некој помлад. Охооооооо, па тоа е ко кец на десетка. Нема врска ако е паметна, убава, реализирана, исполнета. Нема врска ако не зависи од никого. Ама има врска ако е среќна, а особено ако е среќна со помлад маж. Како бе никој не коментира ако маж е во врска со помлада? По кои критериуми жената е секогаш нарекувана “бабускера” или “кугарка” ако има помлад партнер? Лично сум била сведок на муабет во кој особа која сум ја почитувала и сум мислела дека е широка во сфаќањата и во умот, ми има кажано “абе се знае зошто е жена со помлад маж”. На моето прашање “е зошто де?” (оти ми се подзгади) добив визуелен одговор со превртување очи и недвосмислено нишкање со главата. Демек, било само за секс. Ахам, па дури и да е така, зошто па никој не оспорува кога постар маж е во врска со помлада жена? Или таму не е во прашање сексот, туку онаа (исто малограѓанска) дека младоста и искуството се спојуваат!

Во моментов додека го пишувам ова и во моментот додека го читате, некоја жена се разведува, некоја жена се нервира и веројатно и солзи рони оти чула за себе нешто што нема врска со нејзиниот живот (ама другите секогаш знаат повеќе за неа, отколку таа сама за себе) или се двоуми дали да проба да биде со некој прекрасен човек чија единствена “фалинка” е тоа што е помлад од неа.

Драги мои дами...ослободете се од малограѓанштината која цел живот ви вреска во уво. Еден ви е животот, само еден и е проклето кус. Седнете си сами некаде на сонце или излезете си сами навечер. Облечете се како што ви сака душата, а не годините. И ако намирисате љубов, ич да не се мислите. Да ја зграпчите со двете раце и да ја уживате максимално, оти ја нема на секој чекор. Јас бев будала долго, многу долго време. Не би се вратила назад, оти никогаш немаше да научам она што знам сега а тоа е следново: живејте за себе, не за другите...оти кога ќе сме пред умирачка, никој нема да ни даде орден дека сме биле слуги на предрасудите.

Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Живеј за себе

И остави да зборуваат

Оти и онака нема да ги смениш

Оние кои сакаат приказни да плетат

За тоа каква и која си

А воопшто и не те познаваат

Живеј за себе

Остави ги сите муабети

Или уште поарно

Собери ги во една голема и црна вреќа

Знаеш, оние за ѓубре

И силно врзи ја на врвот

Та елегантно фрли ја во контејнер

Без да му се мислиш многу

Без да му се секираш ниту малку

Живеј за себе

Оти овој живот ти е

Сега е и тука е

Та ако не го вдишеш целосно

И ако не го изнауживаш сосем

Сиот живот ќе се каеш

Зошто си дозволила некому

Да ти ја одземе слободата

Живеј за себе

Оти никому ништо не должиш

Освен на себе да си среќна

Да си своја целосно

Да бидеш насмеана

И денот во љубов со себе да го врвиш

Та плукни им се на сите немтури

Кои под око те гледаат

Кои секогаш ќе имаат причина

За да те направат тажна и насолзена

Живеј за себе жено

Живеј безобразно среќно и со полни гради

Оти твој е овој живот

Ниту зајмен ти е

Ниту подарок ти е

Ами тука си за да го поминеш

Најдобро што знаеш и умееш

Најдобро и најубаво како што ќе ти е тебе

Живеј

Само живеј го своето

Без страв

Без срам

Без да ти е незгодно оти убаво ти е

И без каење оти токму така сакаш

Иако другите не ти даваат амин

Живеј

Оти никој не вреди повеќе од твојот мир

И никој не вреди повеќе од твојата душа

Никој не вреди повеќе од твоето срце и ум

Та гушни си го животот со двете раце

И помирисај ја слободата

Вкуси ја убоста

На она што си ти, на себе....на животот твој